Азбука на режимот

20.10.2017 17:26
Азбука на режимот

А е за арамилакот како главен атрубут на нивната автократија. А е и за аболицијата со која се обидоа да се самоамнестираат за истиот тој арамилак. Ама не само што не им успеа, ами им се покажа и како тежок автогол – апатичниот народ се разбуди, се освести за нивната аздисаност.

Б е за братучедите кои успеаја да ја заробат државата и да ја претворат во свој феуд. Но и за бомбите кои ги раскринкаа двајцата братучеди. Б е за борбата против фашизоидниот режим за сите добиени и изгубени битки и за сите паднати знајни и незнајни борци.

В е за сите вагабонти кои ВМРО го претворија во вмровштија и за сите „вмровци“ кои вршеа вандалски работи за нивната врхушка да владее. Веројатно некои од овие „вејки на ветрот“ сега демнат шанса да воскреснат и да се воврат во новата ера неизвалкани. „В“ е за Викторија Нуланд, Ван Хојте и сите велепосланици од надвор што помогнаа да се видат велепредавството и варварството на власта и надвор од земјава.

Г е за ГДОМ, движењето кое ќе остане поим за апологетство, особено на уметничката фела. Г е за ГРОМ и за сите приврзоци што ги помагаа гадотиите на власта против граѓаните. Г е и за гатачката на Груевски, која толку добро го водеше низ неговите животни и професионални патишта, не дозволувајќи лошиот распоред на ѕвездите да ја одведе Македонија во погрешна насока, кон ЕУ и НАТО на пример, или кон други слични соѕвездија со лоша карма и енергија.

Д е за дрвјата што ги нема веќе. Демонски сечеа, дивееја со пилите, затоа денес го дишеме тоа што го дишеме. Д е и за Двојче, роден како Владе Талевски, доверлив деец на режимот и дилетант без кого Битола веројатно и ден денес ќе беше режимско дувло. Д е и за Диво насеље, да не се заборави никогаш дека дерикожите сакаа да нѐ остават без дерман и за тоа жртвуваа недолжни луѓе и животи.

Ѓ е за сите ѓаволштини што ги направија под превезот на (демо)христијанството. Ѓубриња!

Е е за екстерното тестирање и евидентната ерозија на целиот едукативен систем. Екстерното ќе остане еклатантен пример за енормно лошите ефекти од сите квазиреформи носени во услови на едноумие. Ефектот кој потоа ги снајде меѓу народот е познат и како „го ебавме ежот“.

Ж е за „Ж“. Не треба човек да се разбира во квантна физика и да знае да решава интеграли на памет за да може да заклучи дека груевизмот ќе беше неможен без Груевски. Но, исто така, да бидеме чесни до крај, ниту падот на груевизмот немаше да биде можен без Груевски. Неговиот садизам полека се претвораше во мазохизам и заврши како политичко самоубиство. Фала Никола.

З е за З.З, соперникот на Ж кој допрва треба да се потврди како негов антипод. Оспоруван како политичар, оценет како „сељак од Струмица“, „грејач на столчето на Б.Ц.“ и сл., омаловажуван можеби дури повеќе од своите, отколку од противниците, Заев сепак си обезбеди место во историјата како човек кој успеа да го порази режимот на Никола Груевски. Си ја стави главата в торба за да биде глава на револуцијата, заработи и лузна на челото за да биде на чело на промените. Народот го награди со апсолутна власт, која или ќе ја искористи да направи темелни промени во опш(т)еството или за некоја година ќе пишуваме од А до Ш за неговиот режим.

Ѕ е за Ѕинго и неговото заминување од власт по неколку илјади години. Како што е познато, тој со неговите „две руке, го тоа направи“, односно преживаа неколку ери, потопи, катаклизми, го преживеа исчезнувањето на динусаурусите и мамутите секогаш вешто сместувајќи го неговиот дебел мамутски задник на грбот на Македонецот.

И е за Иле Димовски, меѓу народот познат и како Илче Гебелсче. Деминутивот веројатно и повеќе зборува за оваа фигурка во упокоениот режим, отколку тоа Гебелс. За Илче Гебелс не беше само никнејм, туку и професија и идеологија. И е и за иселувањето, кое Македонија ја остави без половина милион луѓе (*види попис под „П“).

Ј е за Јово Вангеловски. Јебеш мафија без кум.

К е за корупцијата на сите нивоа што беше клучна за креирање на клиентелизмот во космички размери. Криминалот и корупцијата ќе останат канцер кој допрва ќе треба да се искорени. К е и за кичот што ни го искриумчарија како квазиестетика.

Л е за сите лопати што ги фрлија и за сите ленти што ги пресекоа. Лавина од лаги и лажни проекти, лапај си „лова“ со нивните лепливи прсти. Лукративни до лудило, летаа во облаци. Лоповлакот лесно го продаваа, зашто голем дел од нас се правеа лекомислени. Л е и за лустрацијата со која отворија многу нови лузни, наместо да лекуваат стари.

Љ е за љубовта кон Македонија. Нема криминал што не може да се прикаже како љубов кон мајка Македонија. Нема среброљубие што не може да се претстави како домољубие. Се љубеа, додуша, и меѓу себе, во сите три дела на Македонија, но најмногу на полуостровите во Егејска Македонија. Љ е и за Брат Љубе и неговата насмевка на денот на падот на режимот по години робија.

М е за „Миле ми текна“ и за мерцедесот од 650.000 евра. Првото стана симбол за некомпетентното, коруптивно и налудничаво носење на одлуките во државата, само од еден човек, најчесто во доцните вечерни и раните утрински часови, кога на Миле му паѓаат концентрацијата и капацитетот за здраворазумско расудување, а на наредбодавачот му паѓа луда идеја на памет. Второто стана симбол на расипништвото и контрастот – додека народот живее во беда, некој си го масира задникот со масажери на седиштата. М е и за МАНУ и за МПЦ, симболите на подаништвото и квислинштвото на марионетите на режимот.

Н е за „Ние сме лудаци“, кратката самодефиниција за владеењето изречена од благајникот на фамилијата, Зоран Ставревски. Н е и за Никола Младенов и за новинарството во целина, професија која темелно беше уништувана, компромитирана и понижувана.

Њ е за Исак Њутон и неговите закони. Овој режим е сега во слободен пад и гравитацијата го влече кон неизбежен тресок и болно приземјување. По парламентарните избори продолжи да тера по инерција кон целосна пропаст. Конечно, Груевски требаше да знае дека секоја негова злосторничка акција кога-тогаш (и со каков-таков народ) ќе предизвика соодветна реакција.

О е за одговорноста, односно за тоталното отсуство на одговорност и образ. Не видовме ниту „о“ од оставка, иако очајно очекувавме такво нешто кога гинеа туристи во бродоломи, умираа деца на клиники, убиваа деца по плоштади, тепаа студенти по библиотеки, кога неколкучасовно невреме однесе педесет животи, кога… Одвратно ми е да се присетувам на сѐ што „остварија“, а не одговараа.

П е за сите лапнати провизии, независно дали жирално или во пари, независно дали од „жутите“ или од акторците со актовки. П е и за бескрупулозната партизација на сите пори на државата. Со партијата нека прават што сакаат, парите има да му ги вратат на плебсот. „П“ е и за пописот што никогаш не го направија, иако го наплатија. Но, „П“ е пред сѐ за пленумците и нивниот питом порив за една подобра приказна.

Р е за рекетот што го правеа. Рекетираа фирми и поединци, рушфетот стана рационално средство за обезбедување на каков-таков раат од режимот и најлесен начин да се дојде до работа. Р е и за референдумите кои се испречија пред рудниците, мали но важни рицарски подвизи на граѓаните против разулавениот режим.

 

С е за СЈО. Особено за трите хероини кои покажаа дека за најтешките работи во оваа земја, онаму каде што треба „машка“ борба и „муда“ се потребни – жени. Трите грации се веројатно најсветлата точка во тунелот од кој полека излегуваме. Или, што би рекол Груевски, тие ја вратија светлината во мракот во кој останавме по неговиот десант врз сите можни институции во државава. СЈО се покажа како единствен ефикасен противотров за наездата од сваровски-судии во македонското судство. „С“ е и за странските служби, кои заборавија на сите светски проблеми, закани од тероризам и слично, целосно за да се посветат на уривање на народната власт на Груевски и разнебитување на Македонија како најважна светска сила што не е под контрола на илуминатите. „С“ неизбежно е и за „Скопје 2014“, најголемата катастрофа што го снајде Скопје од земјотресот наваму.

Т е за сите предмети на СЈО. Во некои дамнешни времиња на претходната ера, Груевски важеше за тефлон, односно ништо не му се лепеше. Темелно забарикадиран со пропагандата, нѐ товареше со проблеми и долгови. Благодарение на сите Т на СЈО, груевизмот не само што беше соголен, туку неговото одвратно салесто тело, беше оставено на очевид на јавноста само по Танга. „Т“ е за малата Тамара и за сите Тамари за кои никогаш не дознавме.

Ќ е за Ќосето. Овој „кољач“ од матните одаи на историјата се истопори пред судските палати во форма на бронзена статуа со функција да ги чува фамилијата и партијата од правдата. Како птиците какаа на главата на Ќосето, така тој какаше врз главата на целиот правосуден систем. Мечот на Јустиција ѝ беше одземен и заменет со камата на Ќосето, од која сѐ уште капе крвта на многу невини луѓе, жртви на режимот.

У е за УБК. УБК стана најважната институција во државата. УБК управуваше со нашите животи. Убиството на Мартин Нешковски и сите други нерасчистени убиства на умоболните убијци, како и другите ужаси што се случуваа, направија многу граѓани да се чувствуваат угнетени и „усрани“. У е и за утнатите автопати, утки кои се разбира ќе си ги платат граѓаните.

Ф е за фасадите зад кои се криеја и фигуративно и буквално. Фабрикуваа стварност и фолираа работливост. Ф е за факултетите што никнаа и што исфабрикуваа едночудо фалични кадри. „Ф“ е за фикусот што ни го насадија за претседател. Ф е и за Фијат Цановски, чијшто случај запали еден мал, но важен фитил на слободата и ни помогна да го истресеме груевизмот низ ногавици.

Х е за масовната хипноза во која се најдоа стотици илјади луѓе една декада. Х е за Хипо и неговите бизнис-ориентед дилови. „Х“ е и за Халкидики, но тоа е веќе тема за портали со многу повеќе Х во домејните.

Ц е за Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Оние што го виделе велат дека изгледа како НАСА, оние што не го виделе, го доживуваат како Политбиро, трети го доживуваат како тоалет за време на насилни протести. Веројатно во сево ова има по малку вистина – веројатно е опремено како НАСА, а и се бавеше со вселенски прашања – од настанувањето на космосот од Македонецот, па сѐ до влијанието на екстратерестријални закани по македонството како Тиранската платформа и споменатиот Џорџ Сорос.

Ч е за Чавков и за сите чавки кои ќе ги испратиме наскоро на југ, односно на топло место, со обезбеден редовен топол оброк. Ч е и за чемерот што ќе си го носиме уште долго во душата од сите чуда и чудесии што допуштивме да ни ги приредат група нечовечни чудовишта, лажни чудотворци и чипирани идиоти со раширени чмарови за черечење на членовите на оваа напатена нација. Режимот на ВМРО-ДПМНЕ беше Чернобил за оваа земја: хаваријата заврши, но последиците ќе се чувствуваат со години.

Џ е за џиповите паркирани по тротоарите на „Партизанска“ и пред ексклузивните локали. Џ е и за џандарската држава, која како во најцрните удбашки времиња ни се вовлече во слушалките од телефоните, во домовите, во секојдневните животи. Џ е и за сите плацови што си ги купија за џабал`к, а кои сега, ако даде „бог“ – ќе треба да ги вратат.

Ш е за шоферот на Диме Спасов. Освен што на себе ги презеде најголемиот дел од кривичните и прекршочните дела за време на режимот, се очекува деновиве да ја преземе и одговорноста за претрпениот тежок пораз на изборите. Се шегувам, се разбира. „Ш“ е „Шутка не ти бега, Никола“. И за Шарената револуција без која тоа немаше да биде можно.

Слични содржини

Општество / Графички Дизајн
Графички Дизајн / Свет
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Општество / Активизам / Графички Дизајн
Графички Дизајн

ОкоБоли главаВицФото