Зошто „Злосторство и казна“ и после 150 години е политички релевантна

21.10.2017 00:48
Зошто „Злосторство и казна“ и после 150 години е политички релевантна

Поминаа 150 години од објавувањето на романот Злосторство и казна од Фјодор Достоевски. Оваа неверојатно влијателна книга исто така поседува и одредено современо политичко значење.

Заплетот е концентриран околу тоа како едно лето во Санкт Петербург студентот Родион Расколников во беспарица убива старица лихварка. Тој делумно го направил тоа за да ја докаже својата идеја за која претходно пишувал: дека исклучителни луѓе, како Наполеон, можат да бидат над законот. Освен тоа, лихварката за него е „вошка“ и од нејзиното убиство би имало корист општеството. Но, за време на убиството се појавува нежната и ранлива сестра на жртвата. Расколников ја убива и неа, исто така, без размислување. Читателот воочува дека Расколников станува бесчувствителен и дека неговите идеи (на кои влијае читањето на Хегел и Бентам) добиваат несакани последици.

Името на Расколников значи „да се расцепи на половина“ или „шизматик“. Неговата поделена личност на Стивенсон му била инспирација за Џекил и Хајд. Еден од првите психолошки романи, Злосторство и казна е и подеднакво длабоко политички. Во него може да се согледа бранот реакции против економскиот либерализам, различен од оној што се случи 2016 година. Се покажало дека збунетиот хибрид на Расколников истовремено ја поддржува либералната мисла и се бунтува против неа.

Балзак и Достоевски

Широко распространетото разочарување од либерализмот се појавило во Франција за време на Јулската монархија (1830-1848) на Луј Филип Први, за кого либерализмот подразбирал владеење на оние кои се збогатиле сами. Либерализмот станал оправдување за социјалните проблеми, особено кога е преставуван како туѓински (англо-саксонски) увоз.

Во романите на Балзак, особено во романот Чичко Горио (1835), прикажан е Париз потонат во корупција под Јулската монархија, општественото искачување и материјализмот. Балзак, антилиберал, почнал да ѝ се воодушевува на Русија. Во неговото „Писмо од Киев“ од 1847, тој ги велича апсолутизмот во Русија и „таканаречениот деспотизам“, како поприфатливи од француската „владејачка багра“. Влијанието на Балзак може да се види и во концептот и кај јунаците од Злосторство и казна. А, неговата порака против либерализмот е уште посилна.

Либерализмот во Злосторство и казна го претставува најнегативниот лик, богатиот бизнисмен Лужин (неговото име значи „бара“, „мочуриште“). Кога го среќаваме првпат, тој разговара за случајот кој денес би го нарекле „економија на прелевањето“ (Економска теорија според која богатењето на најимотниот слој во општеството се прелева и на „пониските“, сиромашни слоеви). Лужин сака да се ожени со сестрата на Расколников, користејќи ја достоинствената сиромаштија на тоа семејство.

Непристојноста на неговата понуда, како што ја гледа Расколников, е капката што ја прелеала чашата и го натерала на убиство (иако, лихварката на никаков начин не е одговорна за тоа). Подоцна, обидот на Лужин лажно да ја претстави пријателката на Расколников, Соња, како крадец, на романот му дава драматичен климакс – како на тој начин да сака да се осигура дека читателот ќе го види Лужин, и сето она што го претставува тој, во најлошо можно светло.

Уште еден мошне моќен, негативен јунак, Свидригајлов – предатор либертанец од повисоката класа кој ја претставува десадовската аморалност – добива некои искупувачки карактеристики од страна на Достоевски, но Лужин не добива ниедна.

Идентитетските политики

Нетрпеливоста на Достоевски спрема либерализмот можеби е ирационална, но тој успеал да ја прикаже општествената и психолошка дезориентација која донела рапидна економска промена. Кај Достоевски сиромашните се спуштиле од средната класа која се движи надолу, а чие осиромашување се компликува со губењето на статусот.

Ова потсетува на судбината на многумина во годините на пропаѓањето на Советскиот сојуз, но исто така и на оние кои се оставени на цедило од страна на Брегзитовците во Англија, или на средно-западните гласачи на Трамп кои ги изгубиле своите извори на приходи или општествените улоги за време на економската глобализација, која трае од осумдесеттите до денес.

Исто така, Достоевски антиципира дека овие дислокации предизвикани од економските промени влијаат на идентитетските политики (без оглед дали се леви или десни). Расколников на крајот добива прошка, но не од свештеник, туку од проповедите на Соња. Соња, чија маќеа ја втурнала во проституција, поседува духовна сила која го надминува нејзиното страдање и ја симболизира „вкоренетоста“ во луѓето – почвенность на руски.

За Достоевски, религијата првенствено се однесува на идентитетот. Злосторство и казна покажува дека оние кои како Расколников се отуѓени или збунети од либералната модернизација можат да побараат засолниште во мистичниот национализам или колективизмот. Тоа се случи во Русија по реформите од деведесеттите, а тоа истовремено може и да ги објасни превирањата во западните демократии во 2016 година.

Руската психологија

Злосторство и казна може да пружи увид во психологијата на Русија како геополитички играч. Како и кај Расколников, моментално постојат многу шпекулации во врска со вистинските руски мотиви кога се во прашање меѓународните односи.

Најверојатно објаснување за двете е ранетата гордост. Состојбата на умот на Расколников е под влијание на губењето на статусот на неговото семејство и губењето на приходите. Тој ги гледа како плен грабливците како Лужин и Свидригајлов. Ова потсетува на опасните ситуации во Русија и (за многумина) чувството на национално понижување за време и после падот на Советскиот сојуз во 1991 година.

Реакцијата на Расколников на ова понижување е да ја премине линијата и да ја докаже својата исклучителност, како Наполеон. Рускиот збор за злосторство, преступление, значи „престап“. Без оглед дали анексијата на Крим беше „злосторство“, тоа без сомнеж беше момент кога Русија „ја премина линијата“, како да изнесе сопствена верзија на американската исклучителност.

Достоевски без сомнеж би го поздравил тоа. Неговиот месијански национализам бил, како што рекол Фројд, „слабост на големата личност (...) позиција која ја заземале помалите умови со помалку труд“. Но, неговиот опис на тензиите помеѓу индивидуалното, заедничкото и модерното во Злосторство и казна го надминува политичкото ниво и нималку не губи од својата релевантност.

Илустрации: Mihail Chemiakin

Извор: https://theconversation.com

Слични содржини

Општество / Книжевност / Историја
Општество / Книжевност / Живот
Општество / Европа / Свет / Книжевност
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Книжевност / Спорт

ОкоБоли главаВицФото