Ништо не се променило од создавањето на светот

21.10.2017 23:48
Ништо не се променило од создавањето на светот

* * *

јапонците имаат посебен збор
за сончевата светлина
која продира
низ лисјата на дрвјата
ја нарекуваат комореби
во време кога лисјата паѓаат
комореби може да те ослепи
напролет таа светлина е мека
и ги лекува сите ослепени преку есента

* * *

еден кит лежи
на дното
полн со планктон
и детски играчки
на брегот
мајките ги успокојуваат
децата
со ветувања за нови играчки
татковците раскажуваат приказни
за китови
играат карти
пијат пиво
ништо не се променило
од создавањето на светот

* * *

кучињата се големи к'сметлии
имаат пократок живот од луѓето
така се поштедени од моментот
во кој стопанот им умира
и се чудат на какви гробишта да го погребаат
за луѓе или за домашни миленици

* * *

пет реки има по кои можеш да стигнеш до дома
ја гледаш човечката рака и таа
ти дава пет можности
водата е топла и полна со индијанци
кануата едвај не им потонуваат
претоварени со јатки од бразилски орев
станува доцна
по брегот жени со цицалчиња
сноват крај единствениот маж
оној кој секое утро
ги турка кануата во реката

* * *

стихотворбите за смртта
се само илузија
смртта си е смрт
вели токо
самурај кој починал 1795 г.
пролетта истата година
вишните цутеле деветпати
во обид да го продолжат
колку што е можно
животот на самурајот

 

*

сонува вентилаторот
зиме
разголени жени

*

ветерот шутнува
топка од партали
моето детство

*

дожд
водата носи лисја
кон гробиштата

*

огромна месечина
како ќе ја собереш
само во две очи

*

среќни се пијаниците
над нив секогаш светат
по неколку месечини

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Фотографии: Владислав Христов 

Владислав Христов (1976, Шумен), бугарски поет, писател, новинар и фотограф. Објавувал во бројни списанија за литература во Бугарија и во светот. Автор е на книгите Фотографии на деца (кратка проза, 2010), „Енсо“ (поезија, 2012), „Фи“ (поезија, 2012), „Германии“ (поезија, 2012) која е преведна и на германски, „Обратно броење“ (поезија, 2016) и „Продолжуваме напред“ (публицистика, 2017). Добитник е на повеќе награди за хаику и кратка проза. Член е на „The Haiku Foundation“ и три години по ред е вклучен во редот на стоте најкреативни хаику-автори во Европа, а негови хаику песни се вклучени и во учебници за хаику на јапонските универзитети. Живее и работи во Софија како уредник во Бугарското национално радио.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Фотографија / Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото