Кога ќе се вљубиш

22.10.2017 13:23

Кога ќе се вљубиш
во своето минато,
во тебе се раѓа
старец кому му се тресат
твоите раце,
кого го болат
твоите нозе,
и тешко станува
од твојата постела.
Понекогаш си малку нетрпелива
со здодевниот гостин,
но ништо не ја запира
вљубената жена.
И кога љубениот тоа го сфаќа,
го снемува
како книга меѓу книги.
Со векови никој не ја допира,
сал воздухот ѝ ги суши
заоблените плеќи
сè дури не изгори во пожар
што ќе се памети со векови.

***

Кога ќе се вљубиш
во својот пес,
ги обуваш неговите
жолти шепи
и со неговото вјаснато срце
трчаш од пријател до пријател,
од сосед до сосед,
од незнајник до незнајник.
Кога ќе ја исцрташ
сликата на сите
негови патишта,
може да ја положиш
главата уморна
врз чергичето на прагот
од заздравениот свет.

Превод: Лидија Димковска

Maja Vidmar (1961), словенечка писателка, родена во Нова Горица. По студирањето се сели во Љубљана, каде што и денес живее како слободна уметница. Објавила повеќе поетски збирки. Во 1999 ја добила книжевната награда »Hubert-Burda-Stifung« за збирка избрани песни, а во 2005 за поетската збирка Prisotnost ја добила словенечката Jenkovo nagrado.

Според Светлана Макарович таа спаѓа меѓу највидните поетеси на својата генерација. Низ модернистички манир во нејзината поезија преовладуваат еротските мотиви поврзани со егзистенцијалната тематика.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото