Промоција на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска

23.10.2017 11:08
Промоција на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска

На третото издание на европскиот фестивал за литература, „Букстар 2017“, на 26 октомври (четврток) во Клуб Ресторан МКЦ, со почеток во 20 часот ќе се одржи промоцијата на поетската книга „Треба да е лесно“ од Снежана Стојчевска, во издание на „Антолог“.
Книгата ќе ја промовираат: Ана Голејшка, Јосип Коцев и Славица П. Диневска. Илустрацијата на книгата е на Александар Иванов.

Од рецензијата на Владимир Мартиновски:

Најновиот поетски ракопис на Снежана Стојчевска е силно сведоштво дека таа умее непосредно и неусилено да ги „(пре)сретне“ и да ги овековечи поетски вредните мигови, како, на пример, длабоко доживеаното екстатично сознание дека Светот е убав. / Убави сме и ние во него. Вредноста на оваа поезија, меѓу другото, е во тоа што во неа вешто се опеваат и се слават токму миговите за кои вреди да се живее. Та затоа воопшто не нѐ изненадува тоа што и оваа најнова стихозбирка изобилува со антологиски љубовни песни, чија непоматена аура се доловува со мотото: Се прелевам / како чаша од која претекува вода сум / полна љубов. Поетската интуиција на Снежана Стојчевска ја опева трансформативната моќ на љубовта: токму кога вистински и интензивно се љуби светот станува убаво место за живеење.

Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на Или или, како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри Фантазии“ во издание на издавачката куќа Темплум.

Издавачката куќа Антолог ја издаде нејзината најнова книга “Треба да е лесно” која е поддржана од Министерството за култура на РМ. Застапена е во повеќе антологии на млада македонска поезија, како и во aнтологијата на aлбански јазик „Гласот на водата“ во склоп на Меѓународен поетски фестивал „Денови не Наим XIX издание“ во 2015.

Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавена во антологија на словенечки јазик „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Застапена е во антологијата „Лирски додекамерон” приредена од проф. Владимир Мартиновски, која покрај македонско доживеа и српско издание. Настапувала на повеќе поетски фестивали во земјава и странство.

 

КОЦКА
Имам свети денови,
но имам и проклети.
Секој ден за мојата душа
коцка фрлаат
еден ангел и еден демон.

МИОПИЈА

Тоа што видот ми е оштетен
го прави сетилото за мирис беспрекорно точно
веднаш можам да намирисам мувла
или лажлива душа.

 

 НЕ ГЛЕДАМ

Тоа што ми е пред очи
не можам да го видам.
Секогаш упорно туркам
кога на вратата јасно пишува
ВЛЕЧИ!

Потоа редовно ме фаќа паника
од безизлезот,
а сè што требаше да направам
е да ги следам знаците.

 

ОкоБоли главаВицФото