„Дај, не фрлај!“ – само уште една Фејсбук група или почеток на една револуција?

23.10.2017 12:55
„Дај, не фрлај!“ – само уште една Фејсбук група или почеток на една револуција?

Групата „Дај, не фрлај!“ е отворена на 25 ноември 2016 година, од основачите Бранко Прља и Владимир Карер. Денот е избран како контрапункт на се’ она што го претставува тој датум - т.н. Black Friday.

Мисијата на групата беше дефинирана во првиот пост: „Да изградиме општество во кое подарувањето е примарно, а купувањето секундарно. Да ја кренеме довербата помеѓу луѓето и чувството дека некој што не го познаваме, а живее во иста држава со нас, навистина се грижи за нас. Да ја урнеме потрошувачката парадигма којашто владее со сите нас.“

Групата пламна како пожар. За кратко време имаше 10.000 членови, веројатно благодарение на други слични групи за поддршка на самохрани мајки каде што (најчесто) жени си помагаат едни на други. Но, можеби беше нешто и во воведниот текст што ги пленеше луѓето?

„Сите сме пораснале носејќи облека на браќа и сестри, братучеди и синови и ќерки на најдобрите пријатели на нашите родители. Ако се’ уште го практикуваш ова, а немаш близок на кого би му ги подарил тие работи, објави ги во оваа група и подари ги на некој на којшто му требааат, а не го познаваш. Ќе се чувствуваш подобро, и тој ќе се чувствува подобро - сите добиваме:)“

Први почнаа да подаруваат основачите, а потоа им препуштија на членовите да ја преземат иницијативата. И навистина тие брзо ги преземаа работите во свои раце.

Основачите уште од почеток велеа дека групава треба да биде една мини-анархија, анти-капитализам, кибер-социјализам, еден експеримент на виртуелно општествено уредување. И навистина, тие ги поставија правилата, пр. нема продавање или купување, нема рекламирање на приватни бизниси, никој не смее да профитира од групата и се‘ мора да биде засновано на желбата да се помогне, да се сподели, да се разбере другиот, а народот ги презема контролите на овој утопистички проект.

Но, не беше се‘ идеално и лесно. Кога основачот Бранко Прља не можеше да се справи со огромниот налет на членови и постојаната потреба секојдневно да се менуваат правилата и кога му се жалеше на непреспиените ноќи во првите месеци од групата на Владимир Карер, тој му порача: „Сега знаеш како е да се води држава.“ Групата немаше да успее без несебичното залагање на Елена Трајкоска (сега веќе главен администратор), Слаѓана Груева-Стојановска, Тимур Чековиќ, а од поново време и Дафина Николовска, како и другите модератори.

Групава според сите мерила е успешна. Ако мериме според бројноста, таа е меѓу најголемите групи во нашата држава, со 25.000+ членови (и просечно 30 објави и 300 коментари дневно), а ако земеме во предвид дека станува збор за група во којашто членовите не остваруваат профит (не е „купи-продај“ – кои се најбројни групи во нашиот кибер-простор), ниту се таму заради забава (не е група за „фаќање сеир“), туку од алтруистички причини и желба да се помогне, групава е уште позначајна. Ако практично функционира, дали тогаш може да се нарече утопија?

Да видиме што зборуваат фактите. Само во месец септември 2017 година во оваа група биле подарени 6 телевизори, 5 мобилни телефони, 4 машини за алишта, 4 термо печки, 5 колички за деца, 15 теписи, 12 каучи, 7 кревети, 5 бироа, 5 плакари... а да не зборуваме за 83 објави со облека за возрасни и 68 со облека за деца или 22 објави со разни книги од кои во секоја објава се подарени по десетина парчиња.

Листата на подарени работи е долга и широка и можете да ја видите на Фејсбук страницата на групата или на веб сајтот, но тоа не е крајот на приказната.
Примарната цел на групата, според една од објавите е: „Да изградиме култура на подарувањето, со што би сакале да се намали консумеристичкото однесување, но не само во буквална смисла. Што значи да се биде потрошувач? Тоа е оној којшто пасивно купува и не размислува за последиците на тој чин врз околината. Под „околина“ ја подразбираме природата, но и луѓето и просторот за живеење.

Подарувачот, од друга страна, активно учествува во градење на една филозофија и пракса на грижа, споделување, несебичност и создавање доверба помеѓу луѓето. Но, и тој што го прима подарокот е активен дел од овој систем и придонесува тој да функционира, зашто без него подарокот е бесцелен“ завршува објавата. Така кругот се затвора, или подобро кажано повторно започнува – придвижен од вителот технологијата којашто никој не знае каде води, но понекогаш не’ носи во добри насоки.
Интернетот ни овозможи да споделуваме битови и бајти и да бидеме поврзани едни со други и со планетата како никогаш досега во историјата. Сонот на кибер-панкерите е одамна остварен и информацијата е конечно слободна.

Нема централизирана моќ и сите ние имаме можност да управуваме со нашите судбини онака како што сакаме. Ако живееме во колку-толку развиена земја и имаме пристап до интернет тогаш сме на само еден чекор од менување на сопствениот и на животот на луѓето околу нас. Не е потребно многу, само една идеја и неколку кликови.

Групата „Дај, не фрлај!“ е само екстензија на идејата дека ако можеме слободно да споделуваме информации, зошто да не споделуваме и материјални добра.
Бранко Прља напиша: „Групата ја отворивме затоа што веруваме во колективната моќ колку и во моќта на индивидуата. Веруваме дека секој од нас може да го смени светот и се’ што му треба е стимулативна средина. Средина во којашто владее страв, разочараност, негативизам или недоверба не може да продуцира ништо значајно. Потребна ни е доверба, разбирање, позитивност за да можеме да преминеме на следната фаза од развојот, да преминеме од егзистенцијални кон цивилизациски постигнувања. Ние длабоко веруваме дека групава успева да ја пренесе таа идеја на нејзините членови и преку тоа да даде свој придонес во создавањето на таква стимулативна средина за индивидуален и колективен развој.“

Сепак, ако сакаме да бидеме конкретни, мисијата на групата е: уривање на консумеристичката парадигма којашто владее со модерното општество, намалување на отпадот и грижа за околината, како и зголемување на довербата помеѓу луѓето преку гореспоменатите механизми.

Но, не тече се‘ мазно во оваа мисија. На пример, идејата на групата е секој подарок да биде остварен без размена на парични средства, за да се сочува првичната премиса на групата. Тука се јави проблемот со праќањето пратки кон други градови. Основачите им предложија на луѓето да отворат сопствени групи за секој град и дел од нив го прифатија ова. Од другите групи добро функционира Битолската, Велешката, Кумановската, Штипската и неколку регионални, сите со повеќе илјади членови.

Вакви групи, моделирани според првичната, од последната проверка има околу 35. Секако не сите се успешни, но би можеле да кажеме дека веќе станува збор за еден вид движење во вистинска смисла на зборот. Основната група ја позајмува својата филозофија, правила, дури и логото, а тие продолжуваат самостојно и независно, според својата совест и одговорност. „Би сакале сите овие групи да бидат успешни како нашата и на тој начин да продреме длабоко во свеста на луѓето и да предизвикаме реална промена во секојдневието.“ дополни Бранко Прља.

Навистина, се чини дека групава зрачи со една длабока верба во позитивното влијание на технологијата којашто овозможува екстензија на нашите тела и умови, еден вид на транс-хуманизам којшто не’ прави похумани и подобри верзии од она што инаку би можеле да бидеме. Од таков аспект се чини неприфатлив изговорот дека живееме во неразвиено општество во кое младите слушаат турбо-фолк, гледаат „турски“ серии, фрлаат ѓубре по улиците, се хранат нездраво со производи од сомнително потекло или се зачленуваат по партии за да се вработат.

Технологијата на сите им дава подеднакви можности независно од тоа каде се родени, секако ако имаат основни услови за живот. Тоа е реалноста и колку побрзо ја прифатиме, толку сме на чекор поблиску до индивидуалниот развој и до сознанието дека од секој од нас поединечно зависи колективното, а не обратно.
А тебе лично, драг читателу, за крај (или за почеток) основачите на оваа група ме обврзаа да ти го пренесам само следново - „Дај, не фрлај!“

Повеќе за групата можете да дознаете на линковите:
https://www.facebook.com/groups/dajnefrlaj/
http://dajnefrlaj.mk/

 

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Екологија

ОкоБоли главаВицФото