Преголемиот багаж на досегашните локални власти направи Прилеп да сврти нов лист на овие избори

24.10.2017 01:29
Преголемиот багаж на досегашните локални власти направи Прилеп да сврти нов лист на овие избори

Граѓаните на Општина Прилеп изгласаа промени. После 12 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески, д-р Илија Јованоски, кандидат на СДСМ и коалицијата, е новиот градоначалник на Општина Прилеп.

Од вкупно 64.985 гласачи запишани во Избирачкиот список, на 142 избирачки места на гласање излегоа 71,2% од нив, или 46.229 граѓани. Од нив, 23.607 својот глас го дадоа за Јованоски, додека, пак, за неговиот противкандидат, досегашниот градоначалник Ристески, гласаа 20.917 граѓани. Вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња изнесуваше 1.705.

Кога се во прашање советничките листи, кандидатската листа на СДСМ и коалицијата освои 23.398 гласови, за листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери гласаа 20.226 граѓани, а 508 гласови имаше листата на партијата на Јанко Бачев, Народно движење на Македонија (НДМ).

Со стари проекти по нов мандат

Што е тоа што придонесе за дебаклот на градоначалникот со 3 мандати, кој во изборната трка влезе како фаворит?

Уште со првите денови од почетокот на кампањата стана видливо дека прилепчани се заситени од долгогодишното владеење на Ристески.

Што ново може да понуди? Што е тоа што не успеал да го направи за 12 години, за да сега бара 4 нови? Три мандати се многу, а 4 премногу, гласеа коментарите на неутралните посматрачи, чие мислење важи за објективен приказ на тековните состојби на локалната политичка сцена.

Обзнанувањето на изборната програма на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ го потврди погоре кажаното. Наместо нови идеи засновани на реалните потреби на граѓаните, на потенцијалните гласачи им беше понуден политички памфлет кој, генерално, претставуваше сублимат на сите нереализирани проекти од изминатите 3 мандати. Истовремено, во неговите секојдневни јавни настапи евидентно беше отсуството на енергија и способност да делува уверливо кај електоратот.

Континуирано критикување на проектите на политичкиот противник, постојано повторување на сработеното во текот на трите мандати изразено во километри асфалтирани улици и квадрати изградени маалски паркови, сеење страв кај граѓаните со наводната изградба на бегалски кампови и воведување двојазичност од страна на Владата на „СДС“, бегање од ТВ дуели… Сето тоа беше далеку од она што граѓаните на Општина Прилеп сакаат да го слушнат од некој кому во три наврати му ја давале довербата.

Освен тоа, важна улога во падот на, до скоро, апсолутниот владетел на Прилеп и партијата која го кандидираше, несомнено имаа и фамозните хилти од прислушуваните разговори, поднесените кривични пријави, влезот на СЈО во Општина Прилеп. Се разбира дека не беше безначајна улогата на „реформаторите“ во ВМРО-ДПМНЕ и добар дел од постарото партиско членство, кои или целосно го бојкотираа изборниот процес, или, пак, го поништуваа своето гласачко ливче. Сето тоа заедно претставуваше огромен багаж и поени на салдото на противкандидатот, кои во извесна мера го навестија исходот од изборната трка.

Градоначалник за сите граѓани

Наспроти Ристески, Јованоски водеше кампања во која ја промовираше својата визија за Прилеп. Во своето прво обраќање после изборната победа, Јованоски рече дека останува на сите понудени проекти и дадени ветувања и најави дека ќе биде градоначалник на сите граѓани.

Како градоначалник на Прилеп, заедно со граѓаните ја започнуваме битката за враќање на демократијата во институциите, за економски развој, за нови работни места, за враќање на младите од странство, за подобри услови за живот во градот и населените места. Заедно на Граѓанскиот парламент што ќе го формираме, заедно ќе ги дефинираме приоритетите. Завршија делбите и поделбите, заврши дискриминацијата. Од денеска сите сме исти пред законот, со исти права и одговорности, најави Јованоски.

Влатко Сливоски од здружението Центар за стратегии и развој „Пактис“, вели дека граѓанските организации имаат големи очекувања од новиот градоначалник. Тој вели дека досега постоела “хибридна“ комуникација на релација НВО-локална власт и тоа до степен што добар дел од граѓанските здруженија не нудат решенија за општествените проблеми, туку ја поддржуваат агендата на локалната власт.

Постојат организации чиј опсег на делување е специфична целна група, дијабетичари, лекувани алкохоличари, слепи, глуви, церебрална парализа, хемофиличари, итн. За ваквите организации локалната власт никогаш не понудила одржлива стратегија, не сметајќи ги еднократната помош и отстапениот работен простор. Зарем не е срамно во 21 век НВО да молат за поставување мерни станици за загаденост на воздух? За отстранување на дивите депонии во градот? Да се реконструираат улиците и да се адаптираат за лица со попречености? Да се усвои стратегија за млади? Заинтересираните НВО пред локалните избори имаа работен состанок и форматираа приоритетни барања до кандидатите за градоначалници. Ние сме оптимисти и среќни што лошото менаџирање на локалната власт заврши. Време е да ги видиме промените, вели Сливоски.

Новиот градоначалник на Општина Прилеп, д-р Илија Јованоски, е роден 1956 година. Тој е специјалист ортопед, актуелен директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“. До неодамна беше координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Прилеп, а претходно и претседател на Општинската организација на СДСМ Прилеп.

____________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk