Факторот Нобел во економијата

24.10.2017 01:38
Факторот Нобел во економијата

Пред сè, не постои Нобел за економија. Со тоа име несоодветно се нарекува наградата која 1968 година ја установи Централната банка на Шведска (Sveriges Riksbank) по повод 300 години од своето постоење. Со благослов од Нобеловата академија, оваа злоупотреба поминува како случајна игра на зборови. Тука се поставува прашањето за влијанието на „наградата на Централната банка на Шведска во спомен на Алфред Нобел“, како што гласи нејзиниот официјален назив, на економските истражувања и економските политики во светот.

Двајца историчари на економијата, Авнер Офер од Оксфорд и Габриел Содерберг од Универзитетот во Упсала, на 19 април 2016 година ја објавија книгата „The Nobel Factor“ (Princeton University Press), во која жестоко ја нападнаа оваа награда. Нивната основна теза е дека таа му служи на пружањето легитимитет на неолибералниот пресврт во светската економија од седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Според нив, оваа награда ја акомодираше замената на стариот социјалдемократски модел со новиот модел на разуздана пазарна економија.

Овој пресврт, кој во Британија го изведе Маргарет Тачер, а во САД Роналд Реган, се потпираше на фамозната чикашка школа на размислување, чиј гуру беше монетаристичкиот економист Милтон Фридман (добитник на Нобел во 1976). Овие економисти беа уверени дека државата секогаш е проблем, а никогаш решение. Значи, потребно е сè што може да се приватизира, да се одземе машината за печатење пари од владини раце, да се намалат јавните расходи, да се дерегулираат пазарите...

Овие теории ги развија неколкумина професори од чикашкиот универзитет, а потоа тие се проширија и доведоа до раскинување со кејнзијанизмот, кој дотогаш доминираше во сферата на економската мисла. Во нејзиното средиште е поставена монетата (тогаш требало да се избори со инфлацијата), а потоа финансиите. Во мода влезе дерегулираниот пазар, со сите добро познати последици: економска и социјална несигурност, финансиски кризи, корупција, нееднаквост и презир спрема елитите. Според Офер и Содерберг, Нобеловата награда за економија во таа насока одиграла важна улога давајќи им покритие на теориите кои не биле нужно поткрепени со реални експерименти и кои биле спротивни на доминантната економска мисла од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век.

Во шеесеттите, гувернерот на Шведската банка Пер Асбринк со поддршка од шведските бизнис кругови бил во жесток конфликт со тогашната социјалдемократска влада за да се избори за поголема независност за својата институција. Владата сакала со кредити да ја стимулира поголемата невработеност и станбената политика, а гувернерот се залагал за што помала инфлација. Според авторите на книгата „Факторот Нобел“, овој конфликт довел до основање на наградата за економија: се работело за јакнење на престижот на банката и пласирање одредени идеи. Заради тоа гувернерот Асбринк се консултирал со Асар Линбек, тогаш млад економист во подем. Го основале комитетот за наградата кој бил составен претежно од економисти од десниот центар, кои почитувале одредена рамнотежа при доделувањето на наградата, но најголем простор сепак им давале на неолибералните идеи.

Алсар Линбек е интересна личност: економист, сликар, музичар, првобитно приврзан до социјалдемократијата, за во седумдесеттите години да ѝ се посвети на критиката на државата на благосостојбата и системските напори за постигнување полна вработеност. Ја обликувал теоријата според која социјалната заштита му штети на пазарот на трудот и ја установил дистинкцијата помеѓу инсајдерите (луѓето кои имаат работа) и аутсајдерите (кои инсајдерите ги истиснале од економијата). Нему му ја должиме неолибералната досетка според која „контролата на станарините, после бомбардирањето, е вториот најдобар начин за уништување на некој град.“

Влијанието на Асар Линбек на Нобел за економија траеше цели 25 години. Тој претседаваше со комитетот за доделување на наградата 14 години, од 1980 до 1994. Во текот на таа четвртина век жирито отворено ги фаворизираше неолибералните економисти. Идеите кои ги застапуваше коинцидираа со тогашната идеологија на ММФ, Светската банка и американската управа на Трезорот – денес позната како „вашингтонски консензус“ – а која се темелеше на пет столбови: приватизација, кратење буџети, слободно движење на капиталот, слободна размена и независност на централните банки (патем, Шведската банка стекна целосна независност дури во 1999 година).

Навистина, со најпрестижната награда се закитија и кејнзијанците како Џозеф Стиглиц во 2001 година и Пол Кругман во 2008. Сепак, статистиката што ја изнесува книгата „Факторот Нобел“ е непопустлива: комитетот за доделување кој го установи Шведската банка ги фаворизираше конзервативните идеи. Од 76 досегашни лауреати 28 се соработници од чикашкиот универзитет (значи 37 проценти), 80 проценти од нив се Американци, само 7 проценти од добитниците не се од западот, а досега оваа награда ја освоила само една жена, Елинор Остром во 2009 година.

Некои економисти кои се сметаат за вистински великани никогаш не ја освоиле Нобеловата награда, на пример Џоан Робинсон (1903-1983), Џон Кенет Галбрајт (1908-2006), двајца критичари на laisser-faire догмата, или како што на својот блог наведува шведскиот економист Ларс Палсон Сил, Николас Георгеску-Роген (1906-1994). Георгеску-Роген во 1971 година во книгата „The entropy law and the economic process / Законот на ентропијата и економскиот процес“ заговарал напуштање на неокласичниот модел – кој економијата ја согледува на механички начин, додека според него таа е поблиска до термодинамиката. На овој начин, таа ги троши необновливите ресурси и нејзиниот доминантен модел не е одржлив.

Овие истражувања добиваат сила во нашата ера на климатски промени. Некои филозофи како Бернард Штиглер и економистите како Пол Семјуелсон и Рене Пасе, често го цитираат Георгеску-Роген. Но, во седумдесеттите и осумдесеттите години оваа еколошки освестена визија никој не ја сфаќаше сериозно. Да се промислува односот помеѓу производството и животната средина во тоа време значело доброволно заминување на маргината на доминантниот мејснтрим, опседнат со „условите за економски раст“ и „ефикасноста на пазарите“.

Според Офер и Содерберг, Нобеловата награда за економија се сведува на пропагандни трикови за продажба на една мошне тажна приказна. Според нив, пазарниот фундаментализам и социјалдемократијата веќе со децении опстојуваат во некаков вид соживот, но тоа секако не е среќен брак.

Извор: http://bibliobs.nouvelobs.com/

ОкоБоли главаВицФото