Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (3) - Скоби, Бонхефер, Шимборска, Твен, Касирер, Грејвс

24.10.2017 13:29
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (3) - Скоби, Бонхефер, Шимборска, Твен, Касирер, Грејвс

АЛИСТЕР СКОБИ, ДИТРИХ БОНХОФЕР

Понекогаш ми изгледа дека со политичките страсти на луѓето во Македонија владее магијата. Во ставовите на многумина граѓани како да постои елемент на магиско мислење. Ако коњот се гребнал при влегување во шталата - виновна е портата. И тогаш, во магиското мислење, се лекува „изгребаната“ порта, или се тепа, во зависност од терапевтиката. Тоа е онаа логика дека ако излезам надвор со санки, ќе заврне снег, а ако не понесам санки, ќе светне пролет. Простете, но работите не се одвиваат така. Таквата логика води во страдање, во несогледување на елементарните правила според кои функционира светот. Едно се причините, друго се последиците.

Алистер Скоби во „Убиство со магија“ вели: „Човечките суштества во голема мера се спремни да веруваат во неверојатното. Во Англија, пред помалку од двесте години, како најдобар лек за грозница бил сметан чајот во кој било варено парченце дрво од греда од која била направена бесилка, а неротките заминувале на раскрсница за да допрат рака на обесен друмски разбојник. Во тоа време биле извршувани ритуали на јавно погубување, што предизвикувало големо задоволство кај народот. Кога бил обесен г. Берк, виш партнер во познатата компанија Burke&Hare, неговото тело било јавно исечено на парчиња, кожата одрана и продадена на присутната толпа по цена од еден шилинг за квадратен инч. Се разбира, така било во минатото, сега повеќе знаеме. Дали е така?“

Или можеби со нас не владее магијата туку глупоста?! И тоа онаа глупост која е дефект на човечноста, не на интелектот. Дитрих Бонхефер зборува за одредени историски периоди кога луѓето почнуваат да се однесуваат глупаво, оти тоа е начинот на кој се справуваат со општествените тешкотии. Земајќи ја маската на глупак, човек си дозволува да остане без внатрешна содржина, без автономија, и со него владеат фразите и паролите кои моќниците ги прогласуваат за единствени вистини. На тој начин човекот станува безволен инструмент, глупак кој извршува зло, без да знае да го препознае злото. На моќта, всушност, ѝ требаат заведените и глупаците.

Магија и глупост

ВИСЛАВА ШИМБОРСКА

Вислава Шимборска раскажува интересна приказна за холандскиот град Оудеватер, еден од ретките европски градови каде што градските власти пронашле начин да им се спротистават на прогоните на вештерките. Прогоните во Европа беснееле во текот на 16, 17 и некаде и во 18 век и однеле, според некои процени, над еден милион жртви. Освен Оудеватер, имало и други светли примери, што се обидувале да им се спротистават на фанатизмот и лудилото: Млетачката република, Париз, едно време Аугсбург, Бремен, Улм... Во Бриж владеел прописот дека оној што обвинува некого дека се занимава со магија треба да престојува во затвор сè додека не ја докаже веродостојноста на обвинението. Така цинкарошите веднаш замолкнале. Во Англија забраната на тортура во текот на истрагата мошне го намалила бројот на кодошења.

Вагата што мери вештици

МАРК ТВЕН

Марк Твен зборува за фамозниот град Бенарес и интересно е како неговите зборови пред повеќе од сто години звучат современо и применливо и во нашиот случај. Овде, во регионов, зборот „Македонија“ денес звучи како зборот „Бенарес“ во Индија. А Марк Твен како да го опишува македонско-грчкиот проблем, пишувајќи за градот на североистокот на Индија: „Бенарес е постар од историјата, постар од традицијата, постар дури и од легендата, и изгледа двојно постаро од сето тоа заедно!“

Според легендата, Варанаси или Бенарес (древното име), е основан од богот Шива, во еден понеделник, пред многу илјади години, а Буда во предградието на тој магичен Град на светлината ја одржал својата прва проповед по просветлувањето. Велат дека во Варанаси е родено самото време и дека тоа не е град туку состојба на духот.

Ние во Македонија заглавени сме денес, се чини, во некаков апстрактен простор, чардак ни на небо ни на земја, во нешто што не е ниту град ниту држава ниту територија, туку е состојба на раскараниот дух, судир на два „идентитета“ соочени еден со друг како јарци на балван среде некоја хималајска пустелија. Заглавени меѓу „Минатото кое трае долго“ (наслов на книга на југословенскиот надреалист Душан Матиќ) и „Иднината која трае долго“ (истоимена книга на Луј Алтисер). Заглавени во мит, во неподвижно простор-време.

Македонија како Бенарес

ЕРНСТ КАСИРЕР

Создавањето митови, особено политички, не е зафрканција. Незаборавни се зборовите на еден од големите филозофи на политиката, Ернст Касирер, изречени 1946 во неговата книга „Митот за државата“: „Кога прв пат слушнавме дека се зборува за политичките митови, тие ни заличеа толку сирови, толку смешни, луди и бесмислени што тешко успевавме да ги сфатиме сериозно. Сега знаеме дека тоа беше голема грешка. Не треба да ја направиме и втор пат. И поради тоа е потребно да се пристапи кон внимателното проучување на потеклото, структурата и техниката на политичките митови.“

Македонија како Бенарес

РОБЕРТ ГРЕЈВС

Да резимираме за денес: Македонија личи на Ерисихтон. Тој тесалиски благородник исекол дрво во градината на божицата Деметра, за себе да си изгради куќа. Деметра го казнила со вечна глад. Ерисихтон умрел јадејќи се самиот себе. Интересна е и етимологијата што Роберт Грејвс ја дава за името Ерисихтон: „оној што ја дере земјата“.

Јадејќи се самиот себе


Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото