Но, дали слободата ќе умее да пее?

25.10.2017 11:35
Но, дали слободата ќе умее да пее?

Насловот е импровизиран превод на божествените стихови на одамна и прерано починатиот српски поет Бранко Миљковиќ, стихови што во целина би можеле да бидат химна и морално-филозофска водилка на македонската поствмровска обнова. Послушајте ги крајните стихови од неговата маестрална песна „Поезијата ќе ја пишуваат сите“, во кои како да пее за нашата заробеност под режимот на злото и екстатичното отфрлање на вмровскиот јарем во првиот круг од локалните избори:

„КОЈ ПЕСНАТА НЕ ЈА СЛУША, ЌЕ ГО СЛУША НА БУРАТА РИКОТ, НО: ДАЛИ СЛОБОДАТА ЌЕ УМЕЕ ДА ПЕЕ, КАКО ШТО РОБЈЕТО ПЕЕШЕ ЗА НЕА?“

Да, почитувани читатели, нашата слобода веќе не е во прашање: неа – во неделата што мина – луѓето ја почувствуваа во воздухот, онака бистар и провезен со зраците на ниското есенско сонце, и со полни гради од таа слободарска ава му рикнаа НЕ! на вмровското зло и на неслободата што ја трпеа цела деценија. Победата е грандиозна – се разбира, не е уште комплетирана, зашто ќе мора да се „истрча“ и последниот круг од овој маратон – но таа веќе ни ги наполни белите дробови со вишок на кислород, што предизвикува блажена несвестица и некаква детска неверба во среќата што нè снајде...

И, што мислите, дека е готово со „заробената држава“ и дека дојде часот да ѝ погледнеме на иднината во очи, да зачекориме ведро кон северноатлантските интеграции, очекувајќи овој поход да го следи музиката на нашата распеана слобода? Ќе умее ли, ќе може ли нашата слобода да запее... со до грло полната уста вмровски политички, уставно-правен и културно-историски отпад и шут, цели планини од гомна што оваа партиско-мафијашко-државна организација го трупаше врз градите на македонската слобода цела деценија и кусур?! Би сакал да може да запее – нашата слобода, мислам – но, не ќе да е можно.

Не ќе да е можно нашата слобода да запее ко хомеровска муза, пред ние – нејзините консументи – сериозно и посветено, педантно и акрибично да ја завршиме нашата работа: да ги засукаме ракавите и да ги сринеме фекалните вмровски пејзажи што денес го чинат македонскиот државен и културен хоризонт. Пет големи гомнени вмровски планини фрлаат најголеми сенки врз нашата иднина, што треба чим поскоро да се дефекализираат односно девмроизираат. Првата ја чинат законодавната, извршната и судската власт, со „независните“ државни институции, алувијален пејзаж што повеќе од деценија беше нанесуван од вмровски геолошки слоеви; втората е локалната власт која е темелно испразнета од самото значење на зборот „самоуправа“; третата е сочинета од безумните споменични и псевдоархитектонски блуеници со кои на светот му докажавме дека потекнуваме директно од Букефал, и со кои направивме идентитетско салто мортале во кое од модерна нација на Титови партизани станавме вечни патници на жолтиот автобус; четвртата е културната и образовната планина-пустина во која заталкаа – некои за секогаш, а некои трајно оштетени - повеќе од десетина изгубени генерации златни македонски деца; и петтата, нашата гордост, нашата највисока планина од вмровски гомна - врвот на македонските гомнени Хималаи – самата ВМРО!

И, да почнам од нашата партија „врха“: уште не го истрчавме ниту победничкиот круг, уште не сме сринале од кафените и смрдливи планини вмровски контаминат ниту колку за под нокти, а веќе „пискотници се слушаат од Галичник“ до Гевгелија: дека ВМРО требало да се „реформира“, да се осовремени и подмлади, да се ослободи од можеби дузина луѓе што ја искомпромитирале, и од тој катарзичен процес за недела, можеби месец, да излезе како чиста и модерна, неодоливо конструктивна опозиција!? Зашто, „сите сме ВМРО“ и „ВМРО ѝ е потребно на Македонија“? А, секоја помисла на санацијата од вмровската историска катастрофа било „реваншизам“, та дури се спомнуваат и „рисјанското милосрдие“ и националното „помирување“?! Дали сме ние нормални? НЕ!

ВМРО е како партија одговорна за „заробената“ македонска држава, што ќе рече дека таа е злосторничка партија што ги сторила сите кривични дела од одделот на Кривичниот законик со наслов „Кривични дела против државата“! Таа како партија ја уништи македонската демократија, го обесмисли и кретенизира парламентот и институциите на државата, украде милијарди евра јавни даночни пари и ја исфрли татковината од плановите на нашите деца! ВМРО е лоповска партија што краде откога постои: знамето го украде од интернационалното анархистичко движење; партискиот грб го украде од македонската историска хералдика и од едно илинденско знаме; годината на основање на партијата ја украде од националната историја, и тоа со гнасен фалсификат, зашто 1893 година била основана МРО – Македонската револуционерна организација – цели 27 години пред бугарските царски тајни служби да ја основаат ВМРО во 1920; илинденците ги украде од нив самите и ги направи вмровци; Александар го украде од историјата на човештвото и од пазувите на грчките соседи; партиските седишта ги украде од наши пари, на чело со единствената Куќа на фашизмот во Европа, пред која е – а, ова никогаш не го пропуштам! – украдениот партиски плоштад со украдената партиска фонтана што весело жубори среде него.

И, кога прашува генијалниот поет со загробен глас - „дали слободата ќе умее да пее“ како што цела деценија ние пеевме за неа, одговарам – не, додека ВМРО не се избрише од регистарот на партии, со закон не се забрани политичката злоупотреба на акронимот, партискиот имот на ВМРО не биде конфискуван, а петте планини вмровски гомна сринати до земјата целица. Вечна.

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: Слободен печат