Графики на Шќипе Мехмети

25.10.2017 13:04
Графики на Шќипе Мехмети

Националната галерија на Македонија ја презентира изложбата на графичарката Шќипе Мехмети, која се одржува од 24 октомври до 2 ноември во мултимедијалниот центар Мала станица.

На изложбата се презентирани околу 30 графички листа кои Мехмети ги има изработено во последните неколку години, а се однесува на темата на жената нејзината фрагилност, а и моќ од друга страна.

Изложбата е насловена „Фрагилност“ и вклучува графики во разновидни графички техники од сува игла, комбинирана техника итн.
Куратор на проектот е Ана Франговска.

Шќипе Мехмети е родена во 1981 година во Кичево. Во 2004 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2007 година магистрира на истиот факултет на одделот графика. Од 2000 година, учествувала во повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција. Самостојни изложби имала во Њујорк, Нирнберг, Приштина (2015); Висби, Скопје (2014); Берлин, Приштина, Скопје (2012); Скопје (2011); Нови Пазар (2010); Скопје (2009); Њујорк (2008); Париз, Скопје, Кичево (2007).

Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои: Награда „Адем Кастрати“ за графика, Културно-информативен центар - Скопје (2015); Награда „Вангел Koџоман“ на изложбата „Сликарство во мал формат“, КИЦ - Скопје (2011); Награда од Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ на изложбата на ДЛУМ-графика, Скопје (2007); Награда „Драгутин Аврамовски - Гуте“ за графика мал формат, ДЛУМ, Скопје (2005).

Слики: Шќипе Мехмети