Револуцијата ѕвони два пати

06.08.2010 10:28
Револуцијата ѕвони два пати

Последниве месеци ширум светот се одбележува деведесетгодишнината од Октомвриската револуција.

Ретко кому треба да се објаснува важноста на “десетте дена што го потресоа светот”, но денес значењата што ги носи со себе петроградскиот Октомври одат и во некои сосема нови и интересни патеки. Да, комунизмот доживеа потполн пораз 1989 година (се струполи големото чудовиште со нозе од кал), но ни нозете на капитализмот веќе не се млади, особено зашто е сам во рингот, без реален соперник, само со сеништа околу себе.

Да потсетиме: на 25 октомври 1917 година (според денешниот календар тоа е 7 ноември) коалицијата од болшевици, анархисти и есери (наречени по кратенката СР, “социјални револуционери”) со ударот врз Зимскиот дворец, седиштетото на привремената влада на Керенски, ја презема власта во Петроград, а потоа и во Москва и насекаде ширум Русија. Револуцијата се случува во момент кога во Русија веќе три години беснее Првата светска војна, а нејзини главни носители се трите партии: есерите (со потекло од старата руска заговорничка традиција), болшевиците (со искуство на илегала, но и на парламентарно дејствување) и анархистите (поделени на утописките кропоткиновски анархисти и на заговорничките револуционерни анархисти). Сите три партии инсистирале на завршување на војната, но набрзо по заклучувањето на сепаратниот мир есерите се свртеле против болшевиците и во атентат го убиле германскиот амбасадор. Судирот завршува со триумф на болшевиците, кои ги елиминираат и есерите и анархистите и, слично како француските јакобинци, прогласуваат диктатура на една партија, “прочистување на револуцијата” и “разделба од сопатниците”.

За тоа што всушност се случило во тие десетина есенски денови пред деведесет години напишани се цели библиотеки книги и текстови. Многу од нив апологетски, во слава на револуцијата, но барем исто толку книги се напишани во духот на жестоко оспорување. И ден денес духовите не се смирени и сè уште траат острите поларизации. Голем дел од напишаното и прераскажаното се митови, преполни со одушевување или гнев, во зависност од светогледот на “митотворците”.

Ние речиси 50 години живеевме во систем кој револуцијата (партизанската, “национална и ослободителна”) ја гледаше како вруток од кој почнува светот. Последниве дваесетина години трае обратен процес: не само што се сузбива сето она поврзано со претходниот систем и со неговиот (брзо претворен во празен ритуал и демагогија) револуционерен занес, туку се оневозможува каква било идеја дека е можен поинаков свет од овој, на крволочниот капитализам. И додека ЕУ на големо го освојува 21 век, нам (кои, еве, уште еден Божиќ, стоиме надвор на дождот со носовите залепени врз дебелите стакла што нè одвојуваат од “волшебната” ЕУ) ни се чини дека на крајот од од 20-иот влеговме во 19-иот век.

Но, целата “револуција” од 1989/90 (која го жигоса ваквиот 21 век) за многумина е сомнителна. За историските промени што настанаа во Варшава и Будимпешта Тимоти Гартон Еш го смисли терминот “рефолуција”, со оглед на тоа дека промените се случуваа со реформи одозгора, како одговор на револуционерните притисоци одоздола. Францускиот филозоф Ален Бадју целиот распад на источноевропскиот социјализам не го гледа како, низ неговите термини, Настан на Вистината. “Тоа дисидентско вриење и краткотрајната народна веселба не успеаја да се преобразат во стабилно движење милитантно верно на Настанот.”

Фамозниот Славој Жижек, пак, заговара повторување на гестот на Ленин, вклопувајќи се во современото психоаналитичарско разбирање за (не)можноста да се избегне враќањето на потиснатото. “Левицата денес”, пишува Жижек во својот текст Revolution must strike twice, “се соочува со опасноста сосема да пропадне. И најрадикалните интелектуалци потклекнуваат пред присилата да се дистанцираат од комунизмот. Токму затоа мораме одново и по ново да ја афирмираме Октомвриската револуција како Настан на Вистината. Да не заборавиме: интервенцијата на Ленин произлезе од околности кои не беа подобри и 'посоодветни' од денешните. Шокиран од фактот дека сите социјадемократски партии, освен српската, есента 1914 ја следеле 'патриотската линија', заземајќи страна во тогашниот воено-светски 'судир меѓу цивилизациите', на колку мислечки луѓе Ленин можел да се потпре?”

Националистичката мобилизација во Европа од 1913/14 го заврши својот магепсан круг 1989/90 година (а во тој круг останаа здробени коските на повеќе десетици милиони жртви на националниот и на идеолошкиот фанатизам). Денес националните европски држави наизглед се стабилизирани и пацифицирани, делумно и низ амбициозни политички проекти каков што е Европската Унија. Но, дали навистина се?! Дали мирот е доволно стабилен во Европа? И која е цената за тој привиден мир?!

Познавајќи ја европската историја, особено од Француската револуција навака, човек не би смеел да се обложи дека револуцијата е заборавена идеја. Многу често, револуцијата ѕвонела барем два пати. Маркс се подбива со еуфоријата на Француската револуција, зборувајќи за отрезнувачкото “утро после”. Исто толку мачно било и “утрото” по Октомвриската револуција. Но, Жижек коментира дека низ тие револуционерни експлозии, заблеснала една утописка димензија, онаа за сеопштото ослободување, димензија која всушност е “вишокот” грубо отфрлен од пазарната стварност која ја презема власта утрото после. “Тој вишок не е едноставно укинат или отфрлен како неважен, туку е пренесен во виртуелна состојба, налик на сон кој чека да се оствари.”

Извор: Утрински весник, 18.12.2007.

Uhhh

Добри биле ставовите на Гелевски во 2007ма!

Добар фраер е Коља, само

Добар фраер е Коља, само нејќу да кажам кој сум да се мисли коа ќе среќава разни луѓе кој с’е го фали по чаршија.

Не е битна личноста, битна е

Не е битна личноста, битна е анализата. А оваа е баш добра!

 Револуцијата ќе ѕвони

 Револуцијата ќе ѕвони двапати иако Гелевски јавно вели дека политичарот не треба да биде радикален. Но, тој ова го кажува затоа што не знае што треба да се направи утрото после револуцијата.

 А не знае што треба да се

 А не знае што треба да се направи утрото после револуцијата затоа што го чита јакобинистичко-ленинистичкиот филозоф Жижек.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото