1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Толку високо, самоти ѕвездите,
можеше да се искачи само зборот,
мојата сина птица: со клунче од звуци, со крилја од глаголи…
Тврдам: во гласот на секоја птица
се запишани местото што го одбрала за да живее
и душата на оној што ја слуша.
Затоа оваа птица шета низ моите сништа
криејќи во нив нешто од песната на создавањето.
Анте Поповски
Девојчето сe вика Булка. Јас сум мајка ѝ. Се сеќавам на булките од времето кога бевме мали – ги отваравме во девојки-принцези со виткање на црвените латици надолу, во долги-до-земја црвени фустани, обрабени во струкот со црни нитни. Потоа внимателно ги корневме ситните толчници за да добиеме лице (или можеби само го откривавме; отсекогаш било тука, врамено во фризура од разлетани прашници и толчници). Овие девојки-булки наликуваа на жените од сликите на Гоген, малку диви и врели: спротивни на мојата стишана женственост на таа возраст. Веројатно затоа и толку ми се допаѓаа кога ги отварав. Потоа од цветовите секогаш правевме венчиња – велигденчиња.
Многу години подоцна се роди Булка.
Ја најдов Фрида
како црта
новородено ждребе.
Го бои
во оган црвена
боја.
Ann Gollay
Како ја разбираш Булка? Како комуницирате? – често ме прашуваат пријатели и познајници. Најчесто не знам да одговорам. Што знам, интуитивно – велам по малку енигматично, истовремено откривајќи и затскривајќи го мојот однос со неа, и откривајќи и затскривајќи го чувството на задоволство, па дури и гордост, што се најдовме со Булка во таква релација – која изнудува прашања. Тоа е другата страна на тагата.
Песната на Дејвид Боуви, Loving the Аlien, често ги надгласува и запрашува (како со цветни прашници) детските мелодии низ дома. Си ја потпевнуваме и се занишуваме со Булка.
Прашањата на пријателите се вжаруваат во мене и го добиваат следниот облик: како е да се биде Булка? За да дофатам како ли е тоа да се биде Булка се напрегам умствено, тонам во нејзиниот свет и - оп, извикувам - умот на Булка е всаден. Сосе клунчето од звуци, сосе крилјата од глаголи… Но каде е всаден? Сигурно не е вкотвен во јазикот, во редот на симболичкото. Како да е всаден во тлото, земјата, телото и движењата.
Вткаен е во ткивата, струи низ органелите и порите, низ каналчињата за вода, впиен е заедно со корењата во почвата. Каков ли е тоа ум? Втелесен ум. Сензорен ум. Синестетски ум. Со тело кое мисли. Ум и себство кои се раѓаат низ моторната активност, впрочем како и кај секое бебе кое се интегрира и станува целина која го разбира светот низ движење и активност. Но, кај Булка моторните и сензорните искуства остануваат главниот извор на самочувствието. Нејзиното „јас“ пред сè е телесно и просторно. Да речеме по малку како кај прима-балерините, како кај Исидора Данкан или Марта Граам. Што и не е воопшто лошо. Кој не сака да има непосредна релација со просторот и телото? Неограничена од зборовите?
Синестетскиот ум на Булка гледа виолетова боја додека ги броиме овците што викаат „бееее“, а црвена кога броиме ежиња или пауни. На Булка веројатно ѝ доаѓа горчливо во устата кога ќе здогледа круг, или кисело кога гледа триаголник. Затоа најмногу сака да поминуваме со прстите врз формата-срце - тогаш чувствува слатко на јазикот. Ум кој ги вкусува формите, ги слуша боите, ги гледа звуците и чувствува галење додека јаде.
Женска траума
Има една теорија за транс-генерациски пренос на траумата за кој пишуваат некои психоаналитичари, но и генетичари. Ја викаат „синдром на предците“. Велат дека траумата може да се изрази низ симптоми индиректно во втората или третата генерација, дури и кога тој што директно преживеал траума не покажува ништо.
Неискажаното и неискажливото доживеано создава нешто како „црна дупка“ –празнина со маса, тежина и голема психичка јачина. Да ја наречеме лакуна оваа празнина испишана со нејасно писмо, тешко за одгатнување. Лакуната се пренесува низ генерациите, како историја која се знае и не се знае... Психоаналитичарите велат дека можеме нешто и да знаеме и да не знаеме истовремено. Разбирливо! Генетичарите, пак, велат дека трауматските и интензивните стресни искуства (како, на пример, стравот од мирисот на црешин цут) можат да се пренесат на следните генерации, создавајќи ситни промени во ДНК молекулата, таканаречени епигенетски промени. На овој начин се пренесува ризикот за анксиозност, фобија, посттрауматски синдром, други симптоми, па дури и цели мемории. Генетичарите говорат за биолошка трансмисија на мемориските слики низ генерации. Фасцинантно!
Фрида, баба ми, која многу многу ја сакав, не цртала новородени ждребиња отсекогаш. Таа нижела тутун како мала. Како стара имаше ревматски раце, со аглести чворчиња и носеше летни фустани нацртани со батик техника, во сини, зелени и кафени тонови. Беше многу топла и цврста во градбата, малку строга, праведна, и мирисаше на тутун од цигарите Кент. Живееше во барака, па тутунот од цигарите Кент измешан со дрвената градба, беше мојот омилен мирис. Го сакав мирисот на скутот на баба ми. Била и во партизани. Два пати избегнала смрт случајно - па затоа можеше да се роди мајка ми, па јас, па Булка. Првиот пат избегнала смрт кога нејзиниот одред (првиот битолски партизански одред „Пелистер“ во Ореовата околија) паднал во бугарска заседа; однапред советувана од другарите го отворила капачето од бомбата, легнала врз неа - и ништо - динамитот не експлодирал; ја фатиле жива поради тишината под неа, додека бомбите притиснати под другар(к)ите експлодирале звучно, како огномет - ми раскажуваше кога бев мала. Поминала 5-6 месеци во скопскиот женски затвор, некаде во денешна Турска чаршија, во близина на Даут Пашин Амам. Тоа бил привремен престој, пред да ја префрлат во бугарски затвор. Еднаш при бомбардирањето на Скопје од страна на два германски воени авиони одметнати од бомбардирањето во Белград, женските затворенички ги пренеле на посигурно во машката ќелија, и десетина минути потоа женскиот привремен затвор-барака бил разнесен во експлозија. Баба ми викаше дека последна слика од разнесената барака на која се сеќава биле парчињата облека развеани на ближното минаре, како знамиња. Откога ја префрлиле во бугарски затвор јадела варен компир со црви и ја боделе со нож, дневен ритуал на тортура. Се сеќавам дека баба ми Фрида ми ги покажуваше веќе со децении зараснатите длапки направени од бугарските ножеви.
Баба ми ја родила мајка ми после војната. Со дедо ми се посветиле на изградбата на социјализмот. Била цврста, приземна, мудра и главно сталожена (кај неа оделе соседите за животни совети, и на кафе со многу кајмак, какво што го сакаше баба ми). Значи, била омилена меѓу пријателите, но имала и демонски напади. Баба ми и дедо ми, сепак, биле комунисти и не верувале во ангели и демони, па не знам како ги нарекувале нејзините кризи. Баба ми, денес би рекле, страдала од посттрауматски синдром. Имала напади на паника и несакани и насилни мемориски слики, и на сон и на јаве - веројатно поради ненадејните посети на мачителите од затворот, и кој знае уште што не. Знаела да вика гласно од страв и да ги разбуди мајка ми и вујко ми во соседната соба, но најголем дел од кризите биле неми. Скриена во тишината, баба ми не зборувала со денови, недели, или месеци. Една сосетка, Милка, од староседелците во населбата, ѝ доаѓала на кафе секој ден во времето на кризите. Пиеле кафе и молчеле, тоа ми го раскажуваше дедо ми. Во меѓувреме цртала новородени ждребиња и ги боела оган-црвени (можеби малку и поттикната од бојата на комунизмот).
Нешто струи и баботи низ каналчињата за вода и низ корењата. Посакувам баба ми Фрида да ја запознаеше Булка. Има нешто од немоста на баба ми во Булка. И обратно.
Зборовите-калеидоскопи даваат нови видици
Да се вратам на Булка. Мајка ми и една другарка многу пати досега ја сонуваа Булка како зборува. И жизнени, како запалени жижици од среќа, наутро ќе ми се јавеа да ми раскажат што им кажала. Обично нешто малку, детски. Кажала „бабо“, „ајде да си играме“, „те сакам“... (Јас ретко ја сонувам Булка, а кога ја сонувам претежно се претвора во птица. Заедно летаме, а чувството е како да пловиме по мирно море. Без зборови, еден поглед, два пафа со криљата. Не знам дали и јас станувам птица или само ја следам?)
Ноќеска првпат Булка ми прозборе, на 11 години и 6 месеци. Вредеше чекањето. Прозборе со оформен глас. Како низ гласните жици да течеле векови од зборови и мелодии. Со зрел, не-бебешки говор. Помислив на вентрикулистите што ги гледаме некогаш во циркус со Булка. (Булка многу сака циркуси, раскошот на телесно-просторни игри.)
И ми го рече следново: „За мене мамо зборовите се објекти, ствари, грст звуци и прашинки. Зборовите се прегласен огномет од петарди од кои се штрекнувам, телескоп полн со стапици; се вртат однатре-нанадвор, како ракавици, се врзуваат во јазли. Тие се богатство, но и динамит кој никогаш не експлодира под мене. Сепак, понекогаш тие ми се бонбончиња – кога не ме гледаш си ги лижам и топам низ устата со експлозија од задоволства... мммммммммм... мама... мама...“.
Скокнав како од најстрашен кошмар и сеуште во ушите ми одѕвонуваше звукот „мама“. Збор-калеидоскоп. Звучеше длабоко и зрело. Плачев, се разбира.
Заеднички сон
Со сестра ми често спиевме кај баба ми Фрида и дедо ми, за летниот распуст. Едно утро, јас веројатно имав 10 години, а сестра ми 5 помалку, сестра ми ѝ кажа на баба ни дека ја сонувала ноќта. -Бабо, те сонував ноќеска. -Кажи бабе што беше сонот? -Зашто да ти кажам, ти беше во него, знаеш. Ова е пример за детскиот егоцентризам во мислењето, што ни предочи Жан Пијаже, славниот развоен психолог. Ме развеселува оваа слика со сестра ми и баба ми.
И јас сакам да си ги гледаме со Булка сништата. Да влезам внатре, да тонам во нејзиниот сон, да видам што сонува. И таа во мојот. Сакам да потонам во умот на Булка како што водата тоне низ глинен сад.
Има еден француски израз, reve a deux – заеднички сон, поделени халуцинации. Llegó a soñar en un idioma que no era el de sus padres. Борхес во 1969-тата, веројатно мислејќи на немајчин јазик, напишал: „Почна да сонува на јазик кој не беше јазикот на неговите родители“. Така и јас - сакам да почнам да сонувам на јазикот кој не е на моите предци, на јазик кој никој никогаш не го зборувал. Тогаш ќе си прозбориме со Булка. Ќе разговараме долго во ноќта, ќе ми открие некои тајни. Нема да биде за страдањето, ниту за радувањето... Ќе биде за нешто друго. Нешто друго! Оти Булка знае многу други нешта.
(Оти) таа знаеше една буква со која почнуваат сите зборови...
(Оти) таа можеше да викне и да ги смени годишните времиња...
(Оти) таа знаеше во кој овошен плод завршиле дождовите...
...оти во неа ce среќаваа сите страни на светот.
Петре М. Андреевски
Menceracan на малајски значи - да плачеш во сон.
Афазичарот не можеш да го излажеш
Булка не зборува, но разбира. Што разбира? Булка не ги разбира зборовите како апстрактни симболи исфрлени од контекст; речениците на коишто им ја фаќа смислата во целина – како да извираат во просторот меѓу две тела – не би ги разбрала искажани со не-емотивен, механички глас, вон конкретната ситуација и контекст. Не би го разбрала компјутерот кој ѝ вели „дај ми ја книгата, Булка“. Не разбира говор без тонска боја. За неа зборовите се дел од танцот на телата во просторот.
Многу интересно е што Булка прецизно го детектира емотивниот тон; совршено препознава дали зборовите се складни или не, лажни или не. Булка ги слуша зборовите како хармонија. Ги слуша кусите реченици со кои ѝ се обраќаме како гест-целина создаден од звук, тело, ритам и емоции. Кога некој зборува спротивно од тоа што мисли и чувствува (знаејќи или незнаејќи) – ние, чиишто уши се научени да го чујат формалниот јазик и содржина, и му даваме предност – често не препознаваме контрадикција. Но Булка со уво на детектив (а веројатно користи повеќе сетила, со носот мириса и со очите здогледува) глобално перцепира несоодветна тонска боја и почнува да се лути. Не ѝ се допаѓа некоординираноста во гестот. Ви велам, Булка е своевидна детективка-шизика.
(Толку е шизика што најчесто мора да шизиме заедно на една од нејзините омилени песни Boogie Wonderland од групата Earth, Wind & Fire. Мавта со косата на сите страни – како да ја носи на себе афро-фризурата на пејачот на Boogie Wonderland, густа како косите составени од толчници и прашници на девојчињата-булки – и се крши во вратот и струкот како истиот пејач. Впрочем гледајте го и ќе ви биде јасно.)
Булка е со уши на детектив, а со очи кои ја издаваат. Ја издаваат дека живее истовремено и овде и негде другде – другде каде што се среќаваат сите страни на светот, каде што времето тече бавно и каде што „нејзината воздишка ги соединува и најоддалечените населби“. Сепак, и покрај тоа „другде“ или токму поради тоа, погледот ѝ е секогаш, ама секогаш, свртен нанадвор; затоа делува љубопитно, инквизативно. Дури и кога комуницира со некакви невидливи другарчиња, други булки, вкоренети во други светови, Булка гледа нанадвор. Не сум забележала поглед навнатре кој би асоцирал на само-рефлексија. Што не значи дека нема во себе цели внатрешни (отсечени) светови. Сакам да се поврзам со тие недостапни светови, и најлесен влез во нив ми даваат сонот и имагинацијата.
Тело: прашања без одговори
Булка ме гледа наутро гола во купатило со нејзиниот инквизативен поглед (Булка честопати гледа со поглед на шахист велемајстор, со погледот на Каспаров кога размислува за следниот потег). Дали препознава сексуални органи, се прашувам. Дали ја чуди моето тело? Дали во моето ја препознава женственоста на сопственото тело што се буди? Дали знае дека ми е ќерка, а не син. Дека е женско? Овие прашања ми минуваат низ глава додека се бањам - и под водата од тушот и под прашалниот поглед на Булка.
И размислувам под тушот:
Ќерките изодуваат поинаков идентитетски пат од синовите. И едните и другите го почнуваат својот психолошки живот во симбиоза со мајката: кога сеуште нема јасни граници меѓу надвор и внатре, меѓу јас и не-јас. Момчињата излегуваат од симбиотската поврзаност, одвојувајќи се од мајката, меѓу другото и со откривање на својот пол и род. И велат: „јас сум момче, машко сум како тато“. Девојчињата имаат покомплексна задача: од една страна мораат да се одвојат од мајката и нејзиното тело за да се роди сопствено јас и посебен идентитет, а од друга страна одвојувањето е делумно и амбивалентно; за да се препознаат како женско мораат да се идентификуваат со мајката. Девојчињата се истовремено поврзани и одвоени од мајката и во таа амбивалентна тензија го одмотуваат и градат сопствениот идентитет. Психологот Керол Гилиган вели дека клучна возраст за девојчињата се магичните 11 години. Тоа е возраста кога се очекува девојчето да го направи конечниот прекин со мајката (многу подоцна од момчињата) и да се пренасочат во хетеросексуалниот свет со сите очекувања за жените.
Денес, можеби веќе спомнав, Булка има точно 11 години и 6 месеци. Дали и кај неа почнува процесот на де-идентификација и одвојување, на сексуално зреење, на свесност дека е женско? Дали хормоните ѝ ја будат сексуалноста? Дали ја привлекуваат момчиња или девојчиња? Дали воопшто некој ја привлекува во сексуална и еротска смисла? Дали воопшто можеме да зборуваме за еротизам кај Булка и каква е неговата форма?
До нас живее сосетка од Доминиканска Република. Секогаш кога ќе ја здогледа Булка ѝ довикува со огромна насмевка: “Hola Bulkita! Qué guapa eres mi niñita!” Булка се поднасмевнува како да знае дека е девојче. Се насмевнува како кога Мона Лиза би се смеела во себе. А сака и да се бацува во огледало. Нарцизам и огледална фаза на препознавање, но се уште не знаеме што значи тоа за нејзиниот родов идентитет и еротскиот живот. Сепак, целината на ликот во огледало во кој се препознава служи како убава протеза: не е фрагментирана мојата Булка – не се тоа само фрагменти од стапалца, црвен фустан, растурена афро-фризура, носенце ко копче. Во огледалото таа е девојка од 11 години и 6 месеци, и се препознава.
Тоа утро носам одлука дека не ни е потребен јазичен регистар за да бидеме сензуални и еротски суштества – и ги оставам сите овие прашања врз плочките, заедно со пешкирот. Го почнуваме новиот ден!
Го почнуваме денот со ритамот на Булка! Оти ритамот (на гласот, на денот) е најважен за неа.
За Кали. Да те познавам е да те сакам!
Мадрид, 2017.
Слики: Donald Baechler