Јасна или за автохомофобијата

26.10.2017 15:11
Јасна или за автохомофобијата

Во годините пред да се аутирам пред себе и пред другите, една девојка што ме познаваше преку заеднички пријател (да ја наречеме Сандра) секојпат кога ќе се сретневме во град, ме прашуваше: „Јасна, дали стана лезбејка?“
Јас ќе ѝ одговорев со некоја чудна мешавина на насмевка и срам, кратко и неуверливо ќе речев: „Не“ и самата со себе повторно ќе проверев каде точно се наоѓам во спектарот на човечката сексуалност, дали и натаму сум цврстo зацементирана на таа чудна раскрсница меѓу асексуалноста и бисексуалноста за кои со години бев уверена дека најдобро ме опишуваат. Одговорот шо самата себе си го давав, се разбира, секогаш беше позитивен: да, да, во теорија сум бисексуална, во пракса сум асексуална; и - не, се разбира, не сум лезбејка. Но, од денешна перспектива јасно ми е дека сè што сум била, во теорија и во пракса, најдобро го опишува зборот од насловот на овој текст. Бев автохомофобична.
Ми требаше многу време за да си го признаам тоа, уште повеќе за да си го кажам без обвинување, без осуда. И всушност дури од неодамна отворено можам да кажам: да, бев автохомофобична. И да, понекогаш и натаму сум таква. И дури од неодамна можам да го кажам тоа отворено и да не чувствувам срам поради тоа.

Затоа и одлучив да го напишам текстов, зашто не сум единствениот автохомофоб што го познавам, зашто верувам дека сите во некој момент од животот сме соочени со (авто)хомофобијата, без разлика дали сме стрејт или геј. Разликата е само што ќе избереме да правиме со тоа. Зашто неволјата со автохомофобијата е што е соочена со двострана агресија: од една страна таа настанува со интернализирање на хомофобијата, тој „тивок“ презир на доминантно хетеронормативното општество спрема сè што му се измолкнува на хетеро владеењето (кое викендов повторно се материјализираше во облик на солзавец); од друга страна, еднаш кога ќе се создаде хомофобијата, ја дочекува силен презир од јавно аутираните педери и лезбејки што раскрстиле со својата автохомофобија и сега сесрдно ја поддржуваат идејата дека во 21. век едноставно не е ок да се биде автохомофобичен.

И јас често испраќам такви потсмешливи изјави на сметка на неаутираните теткици, педеришта, лезбејки и бучови, зашто и самата премногу често ја заборавам сопствената автохомофобија и колку сила и време ми требаше да ја препознаам, преминам, да ја надминам, колку многу ми требаше да ја прифатам и победам. И така сега, кога наводно конечно сум ослободена од автохомофобијата, и самата ја перпетуирам таа идеја, дека е тоа нешто од кое педерите и лезбејките треба да се срамат. Понекогаш и на шега, понекогаш со згрозување, понекогаш директно како Сандра, понекогаш зад грб, со оговарање глумам арбитар кој ги осудува туѓите животни приказни.
Но, работата е во тоа што автохомофобијата, како и педерлукот, не можеме да ги избираме. И затоа, токму како и од педерлукот, не треба од неа да се срамиме. Повеќето од нас автохомофобијата почнуваат да ја впиваат уште од мали нозе, бидејќи таа е всушност хомофобија што уште како деца сме ја интернализирале заедно со уште куп други глупости што сме ги насобрале во нашето зачмаено, заостанато малограѓанско општество, некои веднаш во семејството, други во училиште, во Црква, или на тренинг, трети во медиумите. И навистина потребна е голема сила и свесност да се искорени. И време, најчесто за тоа е потребно многу време. Зашто едно е сигурно: таа нема да исчезне сама од себе, како што не настанала сама од себе. Зашто автохомофобијата може но и не мора да стане лицемерна.
Затоа и одлучив да го напишам текстов: уверена сум дека не треба да се чувствува вина заради автохомофобијата; вина треба да се чувствува само ако со неа не се справувате; со чувство вина автохомофобијата станува лицемерна.

Сандра беше само една од луѓето што беа уверени во мојата хомосексуалност, многу порано отколку што самата станав свесна за неа. Но, како што е и со многу други работи во животот, аутирањето е нешто што никој друг не може да го направи наместо тебе, таа борба мора самиот да ја завршиш. А она што на сите тие личности им беше заедничко е тоа што ги запознав во Загреб. Истра денес има репутација на еманципиран хрватски регион, но мојата лична еманципација се случи откако се преселив од Пула во Загреб, токму како во оние стереотипни „Bildungs“ романи за провинцијалците што доаѓаат во големиот град за да се откријат себе.
Ми беа потребни цели 25 години да сфатам дека ме привлекуваат жени, цврсто да се вљубам во една од нив и потоа да го објавам тоа и себе си и на другите. Да, во моментот кога сфатив дека сум се вљубила, им кажав на сите мои пријатели и на родителите. Навистина, веднаш. Моето аутирање се случи во еден здив, од спознавањето до објавувањето не помина ни една недела.
И години по аутирањето мојот наратив во тој процес беше ист – не, не бев хомофобна; да, знаев дека постојат педери и лезбеки, одев на прајдови, се дружев со лезбејки, висев во Глобал, мојот најдобар пријател беше геј, знаев дека сето тоа постои, само не бев свесна дека и јас сум дел од тоа и дека, всушност, сум лезбејка. Не, не бев хомофобична, не мислев дека хомосексуалноста е болест, педерите и лезбејките не ми беа гадни, со педерлукот бев сосема ок, само не сфаќав дека и јас сум педер. Но, штом сфатив дека сакам жени, го кажав тоа и себе си и на другите и тогаш сè беше ок.
Тоа беше прекрасна бајка за аутирањето, целосно лишена од хомофобија.

Во целата приказна некако успеав да заборавам дека на дваесет и нешто години една ноќ поминав во прегратка на девојка, на туѓ кревет, некаде среде Истра... Ја заборавив и својата желба да ја бакнам и стравот кој сепак беше посилен од таа желба...Заборавив и дека за тоа разговаравме, многу години подоцна, и како излезе дека и таа сакала да ме бакне мене, но стравовите ни се намножиле и тој бакнеж никогаш не се случи... Заборавив и едно средношколско пријателство со другарка од класот, пријателство што ме исполнуваше на начин на кој само љубовта тоа го може... Ја заборавив и онаа неверојатна привлечност што ја чувствував кон девојка што ја запознав на дамнешно патување во Америка...
Веројатно сум заборавила и уште многу други работи, но на овие се сетив. И така излезе дека мојата лична биографија и пред таа 25-та година всушност била полна со сигнали на хомосексуалност, епизоди на нереализирана лезбејска љубов кои сум успеала сосема да ги потиснам, сокријам, заборавам.
Заради автохомофобијата.
Ако ми беа потребни 25 години да се аутирам, следните 7 ми требаа да сфатам дека таа моја „несвесност“ заради која толку доцна се аутирав всушност била автохомофобија.
И така сфатив дека моето аутирање не траело неколку денови, траело неколку години.

Малку статистика. Од сите девојки со кои сум била, само една немаше ама баш никакви проблеми со автохомофобијата; само една немаше апсолутно никакви проблеми со семејството откако се аутираше; една, откако се аутираше, за таа тема сосема престана да разговара со родителите; една друга родителите ја избркаа од дома; третата сама си отиде, а четвртата со сопствениот молк за сопствената сексуалност го чува мирот в куќа; две од нив и натаму не се целосно аутирани, туку и натаму се клацкаат на клацкалката „па не мора баш секој да знае сè“; една и понатаму ме нарекува „пријателка“, додека јас ја викам „поранешната девојка“.
И натаму родителите на еден другар пред своите пријатели му измислуваат имагинарни врски со девојки, другиот го лишија од наследството, таткото на третиот му се заканува со самоубиство, четвртиот десет години водеше паралелен живот за која молчеше не само пред семејството, туку и пред пријателите.

Денес ми е тешко да ја опишам состојбата на своите емоции, сопствената интима пред аутирањето, можеби и зашто за тоа со никого не разговарав. Да, со никого. Првите дваесетина години од својот живот ги поминав во апсолутен молк за сопствената сексуалност. Тоа е еден аспект на растењето што не престанува да ме фасцинира – како никој од мојата околина никогаш не праша, ако не за тоа што е со мене и со девојките, тогаш што е со мене и момчињата. Она што го знам е дека во тој процес, веројатно за да го зачувам тој непробоен ѕид на молкот, за да ја заштитам својата ненормативност, и самата престанав да се перцепирам како сексуално суштество. И тоа ми успеваше, со голема помош на семејството и на „пријателите“, речиси цели десет години. Пријателите ги ставам во наводници зашто денес ми е јасно дека дека тие не биле пријатели иако така ги нарекував.

Од денешна перспектива, јасно ми е дека и во теорија и во пракса, тие всушност биле хомофоби.
Да, поминав добро, зашто нивната хомофобија не беше палки и шлаканици, нивната хомофобија беше „само“ молк, упорен и долг молк. Нивната хомофобија не беше говор на омраза, плукање и презир, нивната хомофобија беше „само“ дваесетгодишен молк. Нивната хомофобија беше онаа глупост што ми ја кажа некој со конспиративен тон кога бев клинка, дека педерите имаат дупче на брадата и обетка на левото уво. Нивната хомофобија беше изедначувањето на лезбејството со педофилија, што го собрав од една приказна за сосетка од комшиска зграда. Нивната хомофобија беше шепотот со кој се изговараше зборот хомосексуалец, одвратноста што го следеше зборот педер, навредите што беа составен дел на зборот лезбејка. Нивната хомофобија беше стравот од одговорот на непоставеното прашање за тоа кој ми се допаѓа.
Тоа е она што го добивав во училиште, пред зграда, во извидници. А дома ме чекаше малку поинаков молк.

Иако ретко разговараме за тоа, знам дека моето аутирање значеше радикален прекин со воспитната политика што дотогаш ја практикуваше татко ми, а која може ефикасно да се искаже во фамозната реченица на администрацијата на Клинтон: Don’t ask, don’t tell. Таа логика се однесуваше на сите интимни аспекти на мојот и на животот на брат ми, не само на мојата сексуалност. „Пријателскиот однос е пријателски, родителскиот е родителски“, така би можела да гласи парафразата на тоа мото, при што родителството имплицира и нагласена дистанца кон прашањата од интимна природа. Па, иако знам дека немешањето во мојата приватност на моите родители немаше толку врска со мојата сексуалност колку со уверувањето типично за нивната генерација, а тоа е дека „родителскиот однос“ едноставно не треба да задира во некои работи, не можам да не го поврзам со своето доцно аутирање. Мојот хетеро брат никогаш немаше проблеми со својата сексуалност, но мислам дека концептот Don’t ask, don’t tell во комбинација со мојата ненормативност ми направија голема збрка во главата.
Иако понекогаш им забележувам што се одлучија за таков вид воспитување, свесна сум дека таквата одлука не може да се одвои од начинот на кој и тие биле воспитувани, во времето во кое зборовите хомофобија и хомосексуалност воопшто не постоеле во јавниот дискурс. Затоа повеќе го почитувам фактот што моите родители претставуваат една од ретките happy end приказни за аутирањето за кои знам. По почетниот дводневен шок, следуваше безрезевна поддршка и прифаќање. Ги запознаа сите мои девојки, ниту еднаш не спомнаа внуци. И кога отидов на националната телевизија и се аутирав и кога во Арената се прикажуваше мојот краток лезбејски филм (а од Пула сме, се сеќавате) и кога пријателите им префрлаа дека ја сум ја добила работата на Академија заради геј лобито, стоеја со мене, без префрлања, без срам, полни со оној вид поддршка што ги надминува празните флоскули. Кога од штандот на „U ime obitelji“ им побараа да се потпишат на петицијата против геј бракови, татко ми се скара со нив. Знам дека тоа не се единствените борби што ги водеа во врска со моето лезбејство и знам дека некои допрва ќе ги водат и бескрајно сум им благодарна за одлуката безрезервно да застанат на мојата страна на виножитото.

Единствената „борба“ што ја водеа со мене се однесуваше на моите учества во прајд маршевите. Мора да бидам фер и да кажам дека прајдовите не беа единствен проблем, зашто иста ненаклонетост имаа и кон сите мои учествувања во протести. Повторно, тоа е дел од нивните уверувања според кои на една личност не ѝ е местото на улица. Понекогаш им се лутев заради тие ставови, но почесто се трудам да сфатам, зашто на сопствена кожа сум почувствувала дека во најважните моменти тие се подготвени да го прекинат молкот и да се изложат.
И тие со време сфатија колку ми се значајни прајд маршевите, наспроти солзавците. И колку ми е битно на нечие, дури и попатно прашање: „Дали имаш момче?“ да одговорам: „Не, имам девојка“, наместо да кажам само: „Не“.
Сè друго за мене е автохомофобија.
Сè друго е прифаќање на вината која ни ја наметнува општеството зашто сакаме поинаку. И тоа е истата вина, истата автохомофобија што и понатаму ја чувствувам кај пријателката кога во ресторан, каде масите стојат малку преблиску, ми раскажува за новата девојка во која се вљубила и гласот ѝ преминува во шепот.
Тоа е истата автохомофобија што и понатаму ја чувствувам кај пријателот, кој наместо да каже лезба или педер, користи заменки (тој е „наш“).
Тоа е истата автохомофобија заради која морав да излегувам од станот на мојата поранешна девојка кога родителите ѝ доаѓаа на посета.
И да, тоа е истата автохомофобија што уште ја чувствувам кај себе кога со девојката наеднаш спонтано ќе престанеме да се држиме за раце во моментот кога ги напуштаме границите на безбедната географија.

И да, иако одамна сум аутирана и понатаму постојат некои ситуации во кои, некогаш свесно некогаш несвесно, избирам да ја сокријам својата сексуална ориентација. Кога за мене и за девојката резервирам сместување на патувања источно и јужно од Загреб, на пример наместо: „Доаѓаме јас и мојата девојка“, пишувам: „Доаѓаме јас и мојата пријателка“. Иако би можела да кажам дека имаме и куче што автоматски ни ги намалува шансите да најдеме сместување или дека едноставно веќе ми е здодевно да се изложувам на предрасудите, во двата случаи се работи за мојата проектирана хомофобија. И истото се однесува на моето однесување во јавност, во тие некои краеви за кои „знам“ дека не се премногу наклонети на „такви какви што сме ние“.
Иако ми е јасно дека таквото криење на сопствената ориентација заради претпоставената туѓа хомофобија всушност е чиста автохомофобија, признавам дека во овој момент немам сила со тоа да се изборам.
Но, текстов е прв чекор во таа борба, ветување на самата себе дека еднаш ќе напишам: „Доаѓаме мојата девојка и јас“ и дека ќе продолжам да ја држам за рака и на непозната територија.
Се разбира, знам дека мојата подготвеност не е единствениот фактор што ќе ми го овозможи тоа. Зашто нашите права не паднале од небо, туку се резултат на долгогодишна борба што се одвива на многу фронтови, од легислативниот преку медиумскиот до образовниот.
Но борбата против личната хомофобија исто така е дел од таа поширока борба, нејзин неизоставен, витален дел.
The personal is political, не само од 60-тите, туку отсекогаш.

Синоќа бев на кафе со пријател за кој знам дека е геј, иако тој не знае за тоа. Се аутираше пред неколкумина заеднички пријатели, по долго живеење во хетеро лага, и ги замолил да не го „искодошат кај мене“. Сепак, тие го „искодошија“ бидејќи поминаа веќе неколку години, од кои две години тој живее со момчето, а ние веќе не сме толку блиски. Ги замолил да не го „кодошат“ зашто „знае“ дека ќе го осудував што толку долго се криел, што толку доцна се аутирал. Тоа го „знае“бидејќи до неодамна бев една од оние аутирани лезбејки и педери кои на другите им префрлаат за автохомофобија, заборавајќи на сопствената.
Овој текст му го посветувам нему бидејќи не сакам хомосексуалноста никогаш веќе да биде нешто што се „кодоши“ и да го потсетам дека автохомофобијата може но не мора да стане лицемерна.

Извор: Muf

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото