Британија на крстопат

27.10.2017 00:04
Британија на крстопат

Како Американец што од другата страна на Атлантикот го следи загревањето на дебатата во Британија, чувствувам извесна завидливост; во Британија барем постои привид на верба дека е возможна рационална и аргументирана расправа. Можеби неколку одбрани лекции од економска теорија и пракса навистина можат да влијаат врз натамошниот тек на настаните?

Пред нешто повеќе од третина век, од двете страни на Атлантикот беше почнат голем економски експеримент. Пред тоа, во повоените години имаше силен економски раст и сите го чувствуваа просперитетот. Доходите во САД растеа во сите сегменти на дистрибуцијата, а порастот на доходот беше најбрз на дното на доходовното скалило. Конвергенцијата беше очигледна. Во тоа време, САД покренаа големи програми на јавни инвестиции во инфраструктурата (изградба на мрежа на автопатишта), во образованието, науката и технологијата – лансирањето на Спутник беше голем поттик. Двете партии беа согласни дека тие програми се потребни, како и државна регулатива, н апример, во областа на заштитата на животната средина. Воздухот повторно можеше да се дише, а во реките да се капете. Финансиската регулатива усвоена по Големата депресија обезбеди децении на финансиска стабилност: тоа беше незапаметен период од половина век на континуиран раст без финансиски кризи.

Историчарите уште спорат околу вистинските мотиви зад економскиот експеримент на Роналд Реган и Маргарет Тачер, но нема расправа за она што следуваше: растот стана побавен, а нееднаковста почна да се зголемува. Во САД доходот практично стагнираше за сите слоеви во долните 90 отсто. Денес, средниот приход на работник со цело работно време, тоа се оние среќници што имаат вработување со цело работно време, е понизок отколку пред 42 годнини. Во Британија нееднаковоста била помала, а и нејзиниот систем на јавно здравство (NHS) ги спречи некои од тешките последици што се почувствуваа во Америка, каде опаѓа очекуваниот животен стандард, особено за средните и пониските класи. Сепак и Британија во тие 80-ти години им се приближи на САД и стана општество на нагласена нееднаквост. И така е до денес.

Накратко, теоријата дека пониските даноци и дерегулацијата – со отстранувањето на ограничувањата за претприемачите и поттикнувањето на личната иницијатива – водат во нова ера на пораст е дискредитирана. Дерегулацијата донесе умножување на нови методи за манипулирање со пазарот и со јавните политики за потребите на создавање профит и незапаметена нестабилност, која Британија и Америка веќе ги чинеше трилиони фунти и долари. Пониските даноци не донесоа скок на капиталните инвестиции или зголемено вложување во истражувања и развој. Всушност, таканаречените економски реформи ни го стеснија економскиот хоризонт, а перформансите станаа полоши.

Како што покажува неодамна завршената сезона на партиски конференции, Џереми Корбин, од една страна и Тереза Меј и нејзините конзервативци, од друга страна, нудат две различни визии. Наспроти годините на стагнација, Тереза Меј во својот говор тврдеше, со неколку огради што се однесуваат на регулацијата, дека laissez-faire на стариот стил и натаму е најбезбедниот пат до повисок животен стандард. Нејзиниот предлог е да се продолжи со пропаднатиот експеримент и тоа со уште повеќе елан. Од друга страна, лабуристите бараат нови визии и акцент на инвестициите. Се согласуваат дека треба да се учи од примерите од минатото, но сметаат дека економијата на 21-от век треба да се разликува од економијата на изминатиот век.

Што е најголемиот проблем со политиките и мерките за штедење? Тоа што никогаш не донеле резултати. Херберт Хувер се обиде да ги примени и на тој начин берзанската криза во 1929 година ја претвори во Голема депресија. Го видов неуспехот на тие политики и во источна Азија, кога бев главен економист на Светска банка: периодите на опаѓање се претвораа во длабоки рецесии, а рецесиите во депресии. Мерките на штедење ја ослабнуваат агрегатната побарувачка и негативно влијаат врз порастот на економијата; ја намалуваат побарувачката на пазарот на труд, ги намалуваат платите и ја зголемуваат нееднаквоста; исто така, ги загрозуваат јавните служби од кои зависат граѓаните на Британија. Резовите за намалување на јавните инвестиции во Британија не ја ослабнуваат земјата само денес, туку ја загрозуваат и нејзината иднина.

Компаниите што сакаат да опстанат знаат дека мора да инвестираат. Истото важи и за државите. Земјата треба да вложува во своите луѓе, во инфраструктурата и технологијата. Ако е потребно да се задолжи за да го направи тоа, ќе растат нејзините долгови и обврски, но уште повеќе ќе расте вредноста на активата, па билансот ќе биде позитивен. Имаме многу простор за зголемување на приходите на начини што допринесуваат за ефикасноста и општата благосостојба. Заедно со Николас Стерн, претседавам во меѓународната комисија која едногласно го поддржа предлогот за воведување високи даноци за емисија на јаглерод – 30 фунти по еден тон или повеќе; таквата такса би го забрзала преминувањето кон зелената економија на иднината. Оданочувањата на приходите од земја, вклучувајќи ја и капиталната добивка, исто така, може да обезбеди високи приходи – а земјиштетото не може да се пресели во друга држава. Слично како во САД и Британија би можела да има прилично корист од прогресивното оданочување.

Намалувањето на данокот на добивка и натамошното натпреварување со Ирска во трката кон дното – нема да ги привлече компаниите и да ги поттикне инвестициите. Наместо тоа, Британија треба да ги зголеми даноците за оние корпорации кои не инвестираат во земјата и не отвораат работни места, а да ги намали за оние што го прават тоа. Така ќе им се испрати јасна порака на мултинационалните компании како „Starbucks“ и „Apple“, кои се претставуваат како добри даночни резиденти: плаќањето на соодветен удел во данокот е дел од нивната одговорност. Ако им се остават сегашните даночни олеснувања, тоа ќе ја лиши земјата од потребните приходи и на мултинационалните компании ќе им овозможи нечесна предност во однос на локалните компании.

Економијата на тројката Реган/Тачер/Меј се заснова на дискредитираната теорија за прелевањето на богатството – теорија дека наградувањето на оние на врвот носи побрз раст од кое, на крајот, сите имаат корист. Но тоа никаде уште не се остварило. Зошто Британија би очекувала дека тоа ќе се случи во годините што следуваат, во тешките години на прилагодување на ситуацијата по брегзит? Со укинувањето на пристапот кон истражувачките фондови на ЕУ, Британија ќе мора да вложува повеќе ако сака да го зачува високиот квалитет на своите славни универзитети и тоа навистина многу повеќе.

Силата на секое општество е во луѓето, па има смисла да се развива економијата така што ќе тргнеме од основата или од средината, па нагоре. Економијата на знаење во 21-от век се темели врз образованието и иновациите, како и врз прифаќањето на нужноста од доживотно образование. Со оглед на тоа што корпорациите се повлекуваат од сферата на образованието, државите, покрај примената на новите технологии, ќе мора да прават повеќе и во оваа сфера. Универзитетското образование мора да е достапно за сите. Да му се ускрати пристапот до образование на голем дел од населението заради заканата од долговите за студентските кредити кои се мерат со десетици илјади по студент, не е само морално неприфатливо, туку и економски глупаво.

Извор: Prospect Magazine

ОкоБоли главаВицФото