Алуминиуму, сломиќу ти крила!

27.10.2017 16:30
Алуминиуму, сломиќу ти крила!

Нозете ми се во леѓен со вруќа вода. На главата имам топли облоги. Седам здрвен како алуминиумска дограма. Се обидувам да ја омекнам, па да фатам да му пишувам колумна на Героски. Не сум апатичен толку колку што се жена ми и Мајло, затоа што не пијам вода, строго пиво и „Греј гус“ вотка, така што водоводниот прозак на Американците не допира до мојот мозок. Но, алуминиумот ме заебава, подобро ми е да умрам и да пишувам од убав ковчег од македонско дрво, отколку да седам алуминизиран и да се мачам ко грешен ѓавол во рецептите на ЦИА. Еве, чувствувам како малку ме попушта.

Имам дома една слика од Ацо Станковски: гола дебелка жена, некоја Гуамка ли е, Тахиќанка ли е, има пупки на цицките како волани на „Масерати кватропорте“, е тие пупки, така олабавен од леѓенот и облогите, ги вртам и тријам, па ѝ се пуштам долу меѓу нозете и алуминиумот се топи од мене како боите на Рембрант во печките на Мин Чо.

Ацо е во право во врска со алуминиумската агресија, со тоа што алуминиумот ни се спушта во фирма на таканаречени сликари, професори, академици, новинари, политичари и други ѕверови кои во јавниот простор зрачат отрови и ја фрлаат нацијата во апатија и депресија. Сите дебатни емисии, на сите телевизии, со сите водители и водителки, со сите гости и гостинки, со сите вести од партиските лаборатории за производство на отрови, се алуминиумски пакети и прозачки канализации за кретенизација на широките народни маси.

Тоа, драги мои, мора генерално да се исчисти, да се дечомизира, дебобизира, депановизира, дерембрантизира, дебожанизира, десотиризира, дениковизира, да се деглупантропизира јавниот простор, да се очисти од менталниот алуминиум. Тоа е многу важно.

И така, малку по малку деконтаминиран, ми дојде да пишувам за луѓето со чиста совест. Не знам дали забележувате дека Македонија е земја на луѓе со чиста совест. Сега го разбирам Џафер кој на времето сретнувал луѓе со нечиста совест и бегал на југ.

Еве, земете го оној Панчевски. Човекот има кристално чиста совест. Или онаа Елизабета, која е тоа чистота од совест, човеку. Што да каже човек за совеста на нејзината другарка Гоца, секогаш кога ќе ја сретнам ми делува како да е излезена од шише со „Арф“. На Груевски можеш да му се доближиш само со маска за заварување, толку му зрачи чистата освест.

Не сум сретнал убиец, пљачкаш, злосторник од друг вид, говно од човек, кој нема чиста совест. Ај што тие имаат чиста совест, туку и граѓанството и тоа што треба да биде правосуден систем, имаат еден стремеж и најтешките злосторства да ги третираат низ призмата на совеста на извршителите.

Не знам зошто некој не се сетил да почне да произведува и да продава чиста совест, шише со двеста педесет милиграми чиста совест, доволна да убие десет луѓе- илјада евра. Евтино, да може секој да си купи чиста совест и да појде на Охридско Езеро да свирне пет-шест рибари пред Велигден.

Но, теориите на заговорот немаат само рембрантски аспекти. Јас мислам дека тие можат да бидат и предмет на сериозни анализи. Понекогаш ми се чини дека сликарите произведуваат алуминиумски теории за да можат да ни го одвратат вниманието од вистинските заговори.

Да речеме: кафеанскиот однос кон теоријата на заговорот имаше погубно дејство врз плиткиот карактер на Македонецот; тој ја лапна теоријата како што сом лапа дудинка или пченка, како форма на домаќинска забава, со супериорност со која науката ја одбива хипотезата за земјата околу која се врти целата вселена, а заговорот ја искористи таа лежерност и опуштена атмосфера за да му влезе во крвоточниот систем и да му ги зароби у растури сите органи и него како централен орган на нападот.

Теоријата на заговорот е пиздарија за одвлекување на вниманието кога заговор нема, но кога заговор има, одвлеченото внимание може да ти ја ебе мајката. Тоа е како во приказната за оптимистот и песимистот: песимистот што сере и гледа дека тревките пред него се нишаат ќе си ги собере панталоните и ќе избега затоа што ќе помисли дека тоа некој лав сака да му скокне, додека оптимистот ќе продолжи да сере сигурен во тоа дека ветерот ги ниша тревките ризикувајќи од зад нив да му скокне царот на животните.

Во однос на теориите на заговорот Македонците секогаш бил оптимист што сере. Затоа наебувал. Нека не нè заебаваат и дисквалификуваат со теоријата на заговорот, туку нека ни одговорат на прашањето кој го смисли и разработи грандиозниот проект на разобличувањето на Македонија, на трагикомичното искривување на оваа питомина, на претворањето на нејзините ливади во солени пустини, на нејзините градови во пусти паланки, а на нејзините граѓани во кретени што секој ден во секој поглед напредуваат сè повеќе во својата кретенизирачка поза и фора.

Тој фантастичен проект на културни, административни, медиумски, безбедносни, законски, полициски, партиски и други интервенции во културната матрица на луѓето и во нивните животи, не е смислен во главите на кретените што ја водеа оваа држава 12 години, тоа е јасно како што би било јасно дека Тричковски не е автор на Браќата Карамазови сеедно што на корицата што ја цртал Рембрант стои неговото име.

Многу е важно да се одговори на оваа прашање не за да се заглавуваме во минатото туку за да си ја отвориме и осветлиме иднината. Македонската калварија не беше политички проект, на политичка партија, во политички систем. Тие системи беа само медиуми на деструкцијата.

Втора работа: Која е културната и историска и митолошката основа која се јави како плодно тло на политичката концептуализација на мисијата на ВМРО-ДПМНЕ како смртоносна болест? Ќе преземеме ли нешто во врска со митот за ВМРО и со другите лаги за себе во образовниот, културниот, политичкиот и медиумскиот сектор? Ќе се позанимава ме ли посебно со антиалбанството што во крвта на Македонецот влегува преку омега три масните киселини во мајчиното млеко? И со ентиевропејството на ист начин. Со темата за распарчаноста на тоа што не било ништо. Со себе си како жртва.

Убиството на ВМРО-ДПМНЕ на 15 октомври е мандат за такви радикални резови во политичката филозофија на Македонија. На луѓето во Македонија. На една страна категорична и безпардона правна пресметка со злото на груевизмот, а на друга страна расчистување со сите основи врз кои било можно да се изгради и да функционира еден таков монструозен проект.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат