Збирка раскази „Очудување“ #1 и #2

28.10.2017 10:48
Збирка раскази „Очудување“ #1 и #2

Најмладата генерација македонски писатели го возвраќа ударот. Во издание на „Бегемот“ излегоа два броја на збирките кратки раскази насловени „Очудувања“. Расказите се избрани на конкурс и во првиот број се поместени расказите на 12 автори: Виолета Бојковска, Ѓорѓи Крстевски, Сања Михајловиќ – Костадиновска, Тихо Диковски, Мануела Златкова, Зоран Василевски, Исток Улчар, Филип Љ. Трајковски, Стефан Марковски, Хактан Исмаил, Тони Димитров, Грација Атанасовска со вкупно 14 раскази. Во вториот број на „Очудувања“ се појавуваат уште 13 автори: Мира Смаќоска – Танеска, Иван Лазаров, Живко Гроздановски, Билјана Ѓонеска, Калиа Димитрова, Наташа Сарџоска, Драгана Ефтимова, Мања Величковска и Златко Ѓелески.

Во предговорот кон првиот бој на „Очудувања“, уредникот Андреј Јованчевски, пишува:

„101 година откако Виктор Шкловски го воведе поимот „очудување“ (остранение) во мислата за книжевноста, определувајќи го како скршнување од автоматизмот на рецепцијата на книжевниот текст преку постапка на создавање особено, необично видување на неговиот предмет. Наместо вообичаеното приближување на „значењето“ кон сознанието на читателот, поетиката на очудувањето повикува човекот, предметот или појавата што уметникот ги набљудува да се претстават небаре првпат видени. Се работи за раскин со култот на авторската приземност заради освежување на уметничкиот текст. Определбата на поимот е дескриптивна и не ја заклучува постапката во фиксни рамки: на располагање е неограничен спектар наративни зафати преку кои може да се постигне очудување.

Цело столетие од освестувањето (ословувањето) на раскажувачкото очудување, го свртуваме погледот кон она што денес на македонската книжевна сцена може да го понесе тој епитет. Распишувајќи го првиот конкурс „Очудувања“, сакавме да ги препознаеме и да им дадеме поддршка и публицитет на што поголем број квалитетни македонски писатели кои ѝ се опираат на зачмаеноста, но и да откриеме нови смели пера, на кои би им отвориле можности за учество во македонскиот и во меѓународниот книжевен свет. Единствениот зададен критериум беше да се поднесуваат кратки прозни текстови напишани на македонски јазик. Иако очекувавме да добиеме пред сè кратки раскази, предвидовме простор и за прозни изрази кои се пресекуваат со лирското и драмското, но и оние кои кратката фикција ја приближуваат до соседните дискурзивни регистри: есеистичкиот, журналистичкиот, речничкиот... Всушност, таквите експерименти ги согледуваме како дел од проектот на очудувањето.

Првиот обид за свртување на завртката е пред вас. На конкурсот пристигнаа 49 кратки прозни текстови од триесет и еден автор, кај кои беа оценети стилската оригиналност, креативноста на наративната стратегија и инвентивноста на односот кон темата. Во првата збирка вклучивме текстови од дванаесет автори. Некои од нив се веќе етаблирани очудувачки гласови на македонската млада книжевна сцена, а други го привлекуваат вниманието кон себе со свежината и необичноста на својата творечка постапка. Стерилното око на традиционалниот суд – кој при сета своја непроникливост и претенциозност бара исполнување на химерични и едноставно некнижевни задачи (дидактичност, миметичност, задоволување национални интереси...) – веројатно би ги отфрлил ваквите плодови на слободното писмо. Нам ни причинува огромно задоволство што можеме да дофатиме дел од нив!“

Хактан Исмаил

ЕБРУ

„Не знаат ли тие дека од вода беше создадено сè.“

Сура: Енбија, ајет 30

Сигурно сите, барем оние кои во небото почесто се вгледуваат, забележале како непосредно пред изгрејсонце или веднаш по зајдисонце на небото се оцртуваат слики и бои како живи мориња и одблесоци на разни вселени и во нив светови. Некогаш тоа се гледа и долж хоризонтите, како бродови кои низ облаци во разни бои пловат со едра завеани од светлина. Притоа, може да се забележи како овие бродови од светлина, пловејќи по краиштата на различните светови, полека и самите стануваат засебни универзуми за, токму пред да исчезнат, да се слеат во едно. Тоа добро го опишал Имам Али, констатирајќи: „Гледајќи ги небесата, мислиш дека си само еден мал предмет, додека цел еден универзум е во тебе втиснат и потиснат.

Ете токму овие дискретни назари (погледи кои урочуваат, уроци) на севишните, успеале да ги научат ашиците – вечни иако смртни – како да ги овековечуваат овие привиденија во слики. Тоа го правеле со помош на водата. Возвишената живост на водата е некој вид скут во кој паднала цела духовна сила на уметникот, ебрузенот. Таа техника ја нарекле ебру, што во персискиот јазик има значење на „облак“, односно „лице на водата“. Оваа техника е сликање на хартија со помош на вибрациите во водата. Ебрузенот, оној кој ја владее техниката, не може да слика по својот разум, туку само по својата интуиција. Сликата произлезена како најгорниот слој од водата, нејзиното лице, е само одблесок на интуитивните чувства на ебрузенот.

Целта на сликањето со ебру техниката не е хармонија од  бои и форми, туку убавото како безоблично, како надестетско – убавото како небеско.

Специфична карактеристика на ебру, за разлика од другите уметности, е тоа што таа е, така да кажам, безволна. Ебрузенот ја губи својата волја, препуштајќи ѝ ја на водата. На овој начин, ебру е своевидна духовна терапија, каде личната волја преминува низ фреквенциите и се меша со општата.

Делата направени со оваа техника се неповторливи, секое наредно е нешто засебно, не може да се имитира.

Старите мајстори на уметноста велеа дека треба песна да ѝ се пее на водата, односно епопејата на универзумот да се внесе во неа и таа да ги даде формите невидливи и нејасни за сетилните капацитети на човекот. Ебру е поетски одблесок во визуелното или, пак, визуелна мелодија на универзумот.

Ѓорѓи Крстевски

НИКОЈ

Еден човек возеше велосипед и исплашено се вртеше зад себе. Зад него немаше никој.

Човекот вртеше сè побрзо со педалите. Лицето му беше искривено од страв. Постојано се вртеше зад себе. А зад него немаше никој.

Беше ноќ. Улиците на градот беа празни. Имаше слаба магла. Човекот на велосипед јуреше напред, исплашено вртејќи се зад себе. Но зад него немаше никој.

Стравот се зголемуваше со секој изминат миг. Лицето на човекот изразуваше огромна несреќа. Целата негова појава одразуваше избезуменост. Вртеше силно со педалите и исплашено се вртеше зад себе. Иако зад него немаше никој.

Илустрации: Christer Karlstad

ОкоБоли главаВицФото