Мрачните соби на интернет пропагандата

30.10.2017 01:03
Мрачните соби на интернет пропагандата

На маргините од состанокот на светските лидери во Перу на 16 ноември 2016, Обама го одвлече Цукерберг настрана. Никој од Фејсбук не може да потврди дали претседателот на заминување во таа прилика на нивниот шеф му ги споменал и руските операции, но му го свртел вниманието посериозно да ја сфати заканата од лажните вести. Тоа беше дури девет дена откако Марк самоуверено им изјави на новинарите дека идејата дека лажните вести одлучувачки влијаеле на резултатите од изборите во 2016 е луда. Знаел дека лажните вести го ставаат на тест балансирањето помеѓу цензурата и слободата на изразувањето, но во тој момент сè уште не бил свесен за размерите на проблемот.

Од аполитична платформа за студентите од Харвард, Фејсбук израсна во најголем форум на светот, простор за најразлични содржини – па и лажни вести – но, Марк цврсто верувал во способноста на своите програмери да се соочат со нив. Кога Едгар Медисон од Северна Каролина пукаше во вашингтонската пицерија Комет Пинг-Понг, наводно верувајќи на лажна вест дека таму се одвива детска проституција во организација на Хилари Клинтон, Цукерберг не губеше време. Сфаќаше дека најголемиот број лажни вести имаат финансиска позадина; не ја насетуваше геополитичката.

Да речеме, му беше познато дека младите Македонци од Велес во потрага по пари регистрирале повеќе од 140 сајтови за американската политика, дека лажните вести се споделуваа на Фејсбук и со помош на висока интеракција на корисниците се наплатуваа поголеми износи за реклами. Против нив програмираше софтверски решенија кои ја намалуваат видливоста на нискоквалитетните сајтови. Знаеше како да се бори и против прогласите на Исламската држава. Неговите инженери развија софтвер кој ги препознава видео објавите со црното знаме на ИСИС. Меѓутоа, кога БазФид објави наоди дека во последните три месеци од кампањата топ 20 лажни вести се споделени повеќе пати отколку топ 20 веродостојни вести, од Фејсбук мораа да одговорат со системско решение.

Цукерберг им ја довери проверката на точноста на пријавените медиумски содржини на Њус Фидот на организациите Politfact, FactCheck.org, Snopes.com, Associated Press и ABC News, додека Фејсбук алгоритамот на секоја вест чија точност ќе ја оспорат барем два доверители авоматски го ставаше предупредувањето „Оспорено“ (Disputed) и линкот до образложението. Корисникот и натаму имаше избор да ја сподели дадената содржина, но со информација за нејзината веродостојност; Фејсбук го избегна обвинувањето за цензура. Совршена архитектура за изборите!

„Видовме податоци кои покажуваат дека обележаната лажна вест од страна на доверителите ја намалува шансата некој да ја сподели“, изјави Сара Су, продукт менаџер на Фејсбук Њус фидот, примена во системот меѓу првите, во март 2017. Изгледаше како гиковите од Силиконската долина да нашле решение за поплавата од лажни вести.

Ќе се покаже дека решението не е лесно, а ни дека мотивите за ширење лажни вести не биле исклучиво финансиски. Студениот туш следеше уште во јануари 2017, две недели пред инаугурацијата на Трамп. Во заедничкиот извештај на ЦИА, ФБИ и НСА пишуваше дека руската разузнавачка служба ГРУ го креирала Фејсбук профилот Guccifer 2.0 – наводно, на независен хакер од Романија – и страницата DCLeaks, на која беа објавени хакирани документи од демократите. Цукерберг сфати дека е во прашање сериозна шпионска игра, но и натаму не можеше да ја согледа нејзината поврзаност со лажните вести. Првите наоди на неговата интерна истрага утврдија вмешаност на руските хакерски групации АТП28 и Dancy Bear во креирањето на спорните профили, но на нив биле споделувани само хакирани документи, не и лажни вести.

Вмешаноста на Русија во ширењето лажни вести за компанијата би бил огромен дополнителен предизвик, зашто медиумите и експертите на големо почнаа да ја оспоруваат и самата методологија во борбата против дезинформирањето. Околу осум милиони луѓе дневно пријавуваат некаква вест на Фејсбук. Арон Шарокман од PolitiFact вели дека „за еден ден може да се анализираат само два текстови, а еден бара и до пет часови анализа“.

Притоа, ознаката „Оспорено“ често се појавува со веста откако таа станала вирална, а се случува и одредени идеолошки групации – кои немаат голема доверба во проверувачите на вести – ознаката „Оспорено“ да ја гледаат како намера да бидат замолчени, па токму обележаната лажна вест масовно ја споделуваат. За нештата да бидат полоши, сето тоа ја продлабочуваше недовербата и меѓу самите проверувачи, кои стануваа нетрпеливи Фејсбук да ги објави податоците за однесувањето на корисниците – репутацискиот ризик на партнерството со Фејсбук стануваше сè поголем без јасни докази дека она што го прават фунционира.

Со сите тие проблеми на грбот на Марк Цукерберг, можноста за руска вмешаност во ширењето лажни вести значеше дека Фејсбук ја губи битката не само против лажните вести како такви, туку и дека Соединетите држави ја губат пропагандната војна против Русија.

Немаше простор за маневрирање. Фејсбук под притисок на разузнавачката заедница мораше да истражи и други руски профили, за да пронајде доказ за вмешаноста на Кремљ. Во јуни седиштето на компанијата во Пало Алто го посети потпретседателот на сенатскиот разузнавачки комитет Марк Варнер, а шефот за безбедност на податоците на Фејсбук Алекс Стамос го извести дека компанијата сè уште нема докази за организирана пропаганда. Варнер им порача да го променат начинот на пребарување: „Фокусирајте се на платеното политичко огласување.“ Тоа беше тоа. Цукерберг можеше да почне со подготовка на своето обраќање.

Првите податоци пристигнуваат во септември: 3 000 платени огласи од јуни 2015 до мај 2017, во вредност од 100 000 долари, во врска со околу 470 лажни профили и страници, поврзани со центарот во Москва. Најголем број спонзорирани огласи не содржеле информации за кандидатите или изборите, туку пораки кои ги продлабочуваат најчувствителните конфликти во американското општество. Divide et impera: поттикнувани се анти-ЛГБТ активисти, расисти, но и прогресивци со различни ориентации. Кремљ плаќал огласи за сметка на двете групи кои се во конфликт, поттикнувал конфликти и коментари на мрежата, рушејќи ја довербата во системот. Руската пропаганда продолжи и после изборите, со паралелни активности на Твитер, со најсвеж пример за бојкот на НФЛ; форсирани се сите моќни хаштагови: #boycottnfl #standforouranthem #takeaknee. Тоа беше разработен систем на микропропаганда.

И токму кога во видео обраќањето кон крајот на септември, помирен со значајноста на сознанијата до кои дошол и одговорноста пред која се наоѓа, Цукерберг го објави својот план за зголемување на транспарентноста на политичкото огласување и намерата да ја сподели содржината на спорните огласи со Конгресот – фактички откажувајќи се од стриктната политика за заштита на податоците на корисниците – стигна непријатна вест од престижниот Јеил.

Психолозите Дејвид Ранд и Гордон Пеникук утврдиле дека, заради неможноста корисниците да пријават, а доверителите да ги обработат сите проблематични наслови, меѓу одредени групации доаѓа до контраинтуитивен ефект: постоењето на ознаката „Оспорено“ на некои, но не и на сите лажни вести, создава „имплицирање вистина“ за сите неозначени лажни наслови. Иако за означените лажни вести во одреден процент е намалена шансата да бидат споделени, во случајот на помладите од 26 години и следбениците на Трамп, се зголемува шансата неозначените вести да бидат сфатени како повистинити отколку што би биле ако воопшто го нема означувањето. Овој вид рационалност наликува на она што бихејвиоралните економисти го нарекуваат „ефект на врамување“, во кој изложувањето една, може да влијае на деформираното сфаќање на вредноста на друга појава.

Усвитениот Пи Ар деск на Фејсбук доби нов предизвикувач. Науката. И тоа наука чиј популаризатор, чикашкиот економист Ричард Тејлер, пред точно десет години доби Нобелова награда за економија – токму за осветлување на концептите слични на ефектот за „имплицирање вистина“. Науката, која ние во адвертајзингот со задоволство ја применуваме. Недипломираниот студент од Харвард, Марк Цукерберг, со своето истенчено чувство за бизнис ќе мора да го додаде и софистицираното разбирање на човечката психологија. На веста за паричната награда во износ од 850 000 шведски круни од Шведската централна банка, Тејлер во шега рече дека „ќе ги потроши колку што е можно најрационално“.

Ирационалноста на корисниците на социјалните мрежи добро ја разбраа и руските разузнавачи. Ќе мора добро да ја разбере и сопственикот на Фејсбук.

Извор: http://www.nedeljnik.rs