Мочање врз проблемот со името, со инверзeн метод

30.10.2017 01:31
Мочање врз проблемот со името, со инверзeн метод

За решавање на најтешките проблеми, големите умови ја користеле можеби најмоќната ментална алатка што му е дадена на разумот – таканаречениот инверзен метод. Во новиот век методот особено го фаворизирал германскиот математичар Јакоби, чијашто препорака била дека човекот „мора секогаш на проблемот да му пријде од обратната страна“. Меѓутоа, на таа „извртена страна“ на проблемот може да и се пријде од многу различни насоки.

Се сеќавам на еден таков проблем на кој наидов учејќи го инверзниот пристап во инженерските науки, кајшто проблемите се многу често од таква природа што мораат да се решаваат на неконвенционални начини. Проблемот гласеше вака: имате празна соба со мазен бетонски под, во кој постои дупка со кружен пресек и дијаметар од 41 милиметар, длабока 20 сантиметри, во која е ставено пингпонг топче со пречник од 40 милиметри.

Проблемот се состои во тоа да го извадите топчето од дупката, располагајќи со парче челична жица долго 60 милиметри, пластичен конец долг 140 милиметри и клешта „моторцангла“ со краци од 40 милиметри. Проблемот е навидум едноставен и практичен, но неверојатно тежок за решавање. По долго размислување ќе дојдете до заклучок дека решението е недостижно... Освен ако не му пријдете на проблемот од сосем невообичаена страна и не помислите што друго ви е на располагање за неговото решавање... И, да, решението е едноставно до вулгарност: треба да се измочате во дупката и топчето само ќе излезе од неа!

Презголемување на проблемот

Оваа демонстрација на инверзното размислување, „надвор од кутијата“ во која е заробен проблемот, во историјата на науката веројатно сериозно ќе ја оспори славната теорема на Тричко „дека некои проблеми не можат да се решат само со „стапот“ в рака“, но највисокиот дострел на оваа моќна мисловна алатка ќе биде решавањето на Гордиевиот јазол на македонските евроатлантски интеграции – проблемот со името! Затоа, почитувани читатели, ќе ви го демонстрирам инверзниот метод во решавањето на овој (досега) сосем нерешлив проблем и ќе ви покажам дека неговото решение е едноставно и лесно остварливо.

Инверзниот метод во решавањето организациски или политички проблеми се состои практично од ментална вежба во која си поставувате обратна цел од онаа вистинската и барате одговори на прашањето што треба да направите за да ја постигнете таа инверзна, обратна цел.

Во случајот со името македонско и спорот што го имаме со Грција околу изнаоѓање „заеднички прифатливо решение“, примената на инверзијата ќе ни ја постави следната задача: што треба да се направи – од двете страни во спорот – за тој да не се реши никогаш? Ако за цел го поставиме нерешавањето на спорот, односно ако проблемот го дефинираме како „решен“ доколку ги изнајдеме постапките што ја гарантираат неговата нерешливост, ние практично ќе ги детектираме ставовите и постапките што во стварноста треба да ги одбегнуваме, зашто со инверзниот метод ги откривме сопките во неговото реално политичко разрешување. Елем, што треба да направат двете страни во спорот за да тој и практично и теоретски да стане нерешлив?

Првин, двете страни треба проблемот да го зголемат најмногу што можат, додавајќи му ги сите аспекти што се на располагање, а за кои не може да се преговара: историјата, правдината, достоинството, политичкиот и моралниот кредибилитет, националната гордост и идентитет. Второ, ова презголемување на проблемот треба да ги досегне своите пароксизматички онтолошки размери: грчката страна да смета дека со нашето уставно име ние не смееме да постоиме, а ние да застанеме на становиште дека со промена на името ние ќе престанеме да постоиме. И, трето и последно, овие „да се биде или да не се биде“ позиции да се операционализираат со црвени линии што најмногу ги оддалечуваат преговарачките позиции: нивната – за тоа дека ние немаме право на името „Македонија“, и нашата – дека името е сè што имаме, та нема да го менуваме во никаква форма, а тоа е најлесно ако во одлучувањето се вклучат целите нации.

Техничко прашање

Што, значи, ни кажува инверзниот метод, откога го „обезбедивме“ нерешавањето на проблемот со името? Една од најмоќните алатки на здравиот разум јасно ни укажува дека во реалната историја на проблемот и двете страни ги употребувале токму оние постапки што морале да ги одбегнуваат по секоја цена, доколку сакале проблемот да биде решен! И, така, почитувани читатели, проблемот со името се решава за месец дена, само одбегнувајќи ги глупостите наведени погоре и преземајќи го обратното: проблемот да се миноризира и претвори во техничко прашање за погодно име за надворешна употреба, што нема никаква врска со културно-идентитетски, онтолошки или други аспекти на постоењето на соседните нации; прашање што ќе го решат технички комисии на ливче хартија, што потоа ќе го испратат во Обединетите нации.

И, толку: надворешно име! Егзоним – име коешто за една земја или нација го употребуваат странците. За разлика од ендоним, што е име со коешто самите се нарекуваме. Зарем никој не забележал дека Финците својата земја ја нарекуваат Суоми? Или, дека Грците својата земја ја нарекуваат Елада, а себеси Елени? А, дека целиот свет ги вика – секој според својот јазик и изговор – со некоја варијанта од името Graeci, како што старите Римјани ги нарекле Грците на својот латински, во нивните први меѓусебни контакти?! И, што ужасно им се случи на Елените што целиот свет ги вика со збор што воопшто не е грчки? Ништо. Тоа е затоа што старите Грци го употребувале инверзниот метод за одбегнување на глупоста, што очигледно не им е познат ниту на новите Грци, ниту на нивните македонски соседи.

Илустрации: Andy Warhol – Oxidation 

Извор: Слободен Печат