Прво издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

30.10.2017 12:04
Прво издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

Првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ќе се одржи од 3 до 5 ноември во кино „Култура“ во организација на Платформата за истражувачко нoвинарство и анализи - ПИНА (pina.mk) во соработка со нашите партнери Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Како прв ваков фестивал во регионот, ИФФС обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати. Тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.

Отворањето на првото фестивалско издание е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро.

По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“. Меѓу учесниците на дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, што ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, е и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа ќе се обрати преку „Скајп“.

За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја.

На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.

- И покрај тоа што ИФФС е фестивал посветен на истражувачкото новинарсто, веруваме дека прашањата што ќе ги отвори ќе ги заинтересираат и оние кои не се дел од светот на медиумите. Филмовите што се дел од фестивалската програма ја отсликуваат врската на новинарската работа со секој сегмент од општеството, па преку нив публиката ќе може да открие повеќе за приватизацијата во Хрватска („Газда“), затајувањето данок во Велика Британија („Пајаковата мрежа; Второто кралство на Велика Британија“), криволовот на птици во Србија („Рамнина без птици?“), проблемот со загадувањето („Црни бели дробови“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“), како и опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет („Новинарство по ново, новинарство по старо“), пишуваат организаторите.

Преку фестивалските дебати и работилници од низа различни аспекти ќе се разгледуваат предизвиците и проблемите врзани со новинарската работа денес.

Британецот Крег Шо ќе зборува за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, Дарио Јуричан и Саша Папарела ќе откријат како преку crowdfunding се финансира истражувачки филм, Роб Монтгомери ќе одржи работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон, Италијанката Барбара Скјавули ќе ја сподели својата приказна како долгогодишна фриленс воена репортерка, а група новинари од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат истражувачките новинари од регионов.

Меѓу другите содржини на фестивалот за прв пат ќе има и гостин од Велес, Антонио – 19-годишен тинејџер, кој работел во индустријата за лажни вести, сега јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести. Ќе имаме и други гости, работилници, говорници...

Целата програма и сите говорници погледнете ги на сајтот посветен на фестивалот – www.iffs.mk , на „Фејсбук“ страницата на фестивалот https://www.facebook.com/iffs.mk/

Платформата за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА е новоформирана организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.