Зошто на Србија ѝ е потребна Херта Милер

31.10.2017 00:44
Зошто на Србија ѝ е потребна Херта Милер

Зошто доделувањето на Нобеловата награда го дочекавме на нож, желни за нејзината крв, броејќи ѝ ги крвните зрнца и оспорувајќи ја како личност, писател, пцуејќи ѝ ги мајката и таткото? Како, преку ноќ, се претворивме во паланка која едвај дочека да фрли камен на неа, без да размислиме колку и самите сме грешни? А, зарем Херта Милер не зборуваше токму за тоа, дека сме најголеми виновници за сè што не снајде во периодот на транзицијата?

Можеби е тешко да се слушне вистината кога ќе ти ја соопшти „некој од страна“, па уште во твојот град. Меѓутоа, тоа покажа и дека навистина не сме подготвени ни да ја слушнеме вистината, а уште помалку да се соочиме со истата. Да, навистина ни овие две децении не беа доволни и самите, без една Херта Милер, да признаеме како се најдовме таму каде што сме денес – на речиси истото место како и од крајот на минатиот век. Дали е можно дека ни е тешко да сфатиме, особено после толку голем датум каков што е петти октомври, дека политиката на Слободан Милошевиќ беше причина за бомбардирањето? Дали денес знаеме да изговориме дека неговата воена политика доведе до крвави конфликти, злосторства, до преместување убиени луѓе во фрижидери и закопување на нивните остатоци во Батајница? Дали сме свесни дека истиот тој човек, со години пред санкциите и бомбардирањето беше предупредуван и дека точно знаеше што следува? Тоа не го спречи да уништува други народи, но и сопствениот. Кога се извршуваа злосторства над другите, народот што го „чуваше“ пропаѓаше под санкциите и бомбите кои летаа како последна можна казна за политиката што ја водеше Милошевиќ.

Секако дека најмногу невини страдаа во последниот чин од владеењето на Слободан Милошевиќ. Пред нас истото го правеше со други и трети и ќе продолжеше да го прави тоа и понатаму ако не се случеше петти октомври. Зарем тоа не го совладавме и не го сфативме? Или беше нужно на тоа да нè потсети Херта Милер, па сите гласно да ѝ се истуриме на неа, докажувајќи со бурна реакција дека баш ништо не сме разбрале за сите овие години? Многу е тешко да се признае дека и ние сме одговорни за сите изгубени животи на тогашната политика. Секако дека се освестивме кога и самите станавме жртви. Но, тоа освестување очигледно беше со краток рок.

Тука национализмот е корен на секој наш проблем. Нерадо го препознаваме како причина за сопствената пропаст. Мислењето на Херта Милер не е причина за сите наши проблеми. Таа одамна е слободна, зашто се соочила и со сопственото духовно минато. Ние сè уште сме негови заложници, оние што не прифаќаат дека многу лоши нешта се правеле во наше име. Зашто, ако го сфатевме тоа, ќе ни беше барем малку срам додека ја слушаме вистината, а не бесот, па дури и ако тоа го кажеше една гостинка на овогодинешниот Саем на книгата.

Милошевиќ го започна својот национален воен циркус на Газиместан, кој заврши зад хашките решетки каде и умре. Денес, судејќи според реакциите на Херта МИлер, е пожив од кога било. Размислете, граѓани и граѓанки на Србија, дали сме повеќе или помалку после таа деструктивна политика, заради која бевме казнувани и со санкции и со бомбардирање и дали сме свесни дека живееме во држава чии граници не ги знаеме? Тоа е наследството на националните политики што ги водевме, покрај невините жртви од туѓите и од сопствените редови. А, невините се исти, без разлика од која националност се. Само нашите жртви нè болат повеќе.

Токму затоа е тешко да се соочиме со сопствената одговорност, зашто сите на Балканот ги доживеавме тие морничави воени години. Затоа е потребна Херта Милер, за да сфатиме дека не сме стигнале далеку во сфаќањето на неодамнешното минато. Мораме да зборуваме за тоа, зашто од нападите на Херта Милер поделотворно е да се слушнеме едни со други, а и оние заради кои се чувствуваме лошо. Особено нив. А, потоа можеме понатаму, ако воопшто имаме сила за тоа.

Извор: http://www.danas.rs/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото