Македонската нормалност е прилично ненормална работа

31.10.2017 01:56
Македонската нормалност е прилично ненормална работа

Новата власт се труди да ја врати Македонија во нормала. Резултатите во таа смисла не се за потценување, макар што ненормалностите што зад себе ги остави режимот на чипираните идиоти, сè уште ни ги бодат очите и животите од сите страни. Но, мојата забелешка тука не се однесува на степенот на исправувањето на искривената кула македоника, туку на тоа што ми се чини дека комплетната санација на штетите од груевистичкиот режим нема да биде доволна за санација на Македонија. Односно дека ќе ни биде потребна поголема амбициозност во отворањето на новите перспективи. Претензија, која, пак, не ја препознавам во политиките и напорите на новата власт.

Мораме да знаеме дека трагедијата со ВМРО-ДПМНЕ не ни се случи како вонпланетарна несреќа, туку како зло кое беше родено во нашата нормалност, односно во состојбата во која се трудиме да се вратиме.

Враќањето е нужна етапа на тоа фукоово нишало на нашата национална и државна судбина, но наша обврска е да го оствариме пикот на отклонот на другата страна во однос на врвот што го оствари злосторничкото здружение на вмро-дпмне, а не да го смириме на дното, како врв на нормалната обесеност. Власта е амбицирана да ја врати излеаната река во коритото од кое се беше излеала и тоа е океј, но, без големи работи на мелиорација на теренот тоа ќе значи, меѓу другото, создавање на услови несреќата да се повтори.

Поважно од Македонија

Јас постојано тврдам дека мора да ги демонтираме причините што доведоа до појавата на таа неверојатна карикатура на која нацијата ѝ се потчини како на најголем умствен, политички, уметнички и морален и историски дострел. Не случајно, сепак. Зашто примитивноста на вмровската банда беше измешана со митовите и лагите на Македонецот за себе, со лажните надежи, објаснувања и оправдувања, во многу пивлив коктел. Тоа значи дека мораме да демонтираме делови од себе. Ние сме како алкохоличари што мора да се откажат од алкохолот за да ја санираат својата здравствена состојба и да обезбедат солиден квалитет на животот, чаевите и апчињата не се доволни.

Нашата нормалност, односно тоа што ние мислиме дека е нормалност, е прилично ненормална работа. Таа е агрегат на самоубиствените пориви, таа не е ниво на кое трајно можеме да ги решиме меѓуетничките односи, односите со соседите и нашите надворешнополитички приоритети, при што, големо прашање е дали воопшто можеме да ги формулираме. Темата бара поголем простор од димензиите на една саботна колумна, но и во вака мал простор можат да се скицираат некои насоки:

Македонија не им е најважната работа на луѓето од овие простори, имаат тие и поважни работи и тие поважни работи треба да бидат централна тема на политиките, а не Македонија.

Македонија е реализација на националната и државна идеја на Македонците, но во тој статус е прилично истрошена, така што тие немаат статус на доминантен сопственик, нивното реално значење е под нивото на бројната застапеност во вкупното население, свеста за тоа е важна работа за хармонизирање на Македонија со себе и, особено, за хармонизирање на Македонците со себе.

Македонија мора да ги направи сите можни компромиси, да ги изгори ако треба сите вагони, за да има погон парната машина што нè влече кон Брисел, затоа што ако не се движиме натаму, како во филмовите, од околните ридови ќе се спуштат агресорите кои ќе ни го запалат возот, ќе ни ги симнат скалповите и ќе ни ги силуваат жените. Битни поместувања во историската нарација на нацијата како рационализирачки и освежувачки моменти, со прифаќање на сите хендикепи и историски дострели во нивната максимално реална димензија; класичната митолошка димензија ни е доминантно лажна и конфликтна и може да се означи како еден од важните извори на трагедијата во која влеговме со идиотите од ВМРО-ДПМНЕ.

Демитологизација на ВМРО

Крајно загрижувачки е фактот дека и по сите трагедии со злосторничката организација на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште доминира ставот дека ВМРО се четири свети букви што биле оцрнети од неодговорни поединци во ДПМНЕ. Односно дека сите сме ВМРО. Тоа говори за степенот на пореметеноста на нацијата, односно говори во прилог на горната точка и на општ план и на посебен план кога е во прашање проектот на демитологизацијата на ВМРО и девмровизацијата на Македонија. Во таа смисла некој ќе мора да се нафати со отворање на процесите што грубо можеме да ги наречеме растурање на таканаречената македонистичка историографска школа во сегментот на кој ја работеше квазиисториографската подлога на македонските заблуди и трагедии. Не административно растурање, туку растурање на општествените очекувања од таа служба.

Прашањето на МПЦ. Тоа е централа што го шкопи духот на Македонецот.

Македонецот не се одржал со помош на МПЦ, туку касно се реализирал поради МПЦ. МПЦ е висока доза на дијазепами со кои Усеин Болт никогаш не би истрчал сто метри за помалку од една година. Исфрлање од школите, строга секуларизација, фискализација и симнување на значењето на МПЦ, нејзиниот внатрешен и надворешен статус, како битни аспекти на националното прашање. Односно нагласување на негативното влијание врз националното прашање во смисла на општите работи.

И така натаму. Недостигот на таа претенциозност е клуч за разбирање на еден друг важен дефицит: приказната за идеологијата и доктрината, политичката филозофија на новата власт, над предизборната фраза за животот за сите, над амбициите да се демонтираат груевизмот и неговите последици. Над самата смена на власта како историски подвиг. Дали таа димензија не постои или е лошо комуницирана!?

Сувата, банална, празна, патетична, по малку и лигава реторика на носителите на власта, говори и за проблеми со нивната спремност да ги вршат важните функции, но повеќе од тоа говори дека ја немаат или ја немаат убаво усвоено општата доктрина и нарација низ која се водат процесите, светогледот, идејата и целите, општата слика која кога би постоела би морала да ги ослободува во комуникациите. Министерот за надворешни работи, кој е еден од моите кадровски фаворити во владата на Заев, говори за надворешната политика како филмски јунак во сцени во кои треба да погоди кое кабелче треба да го прекине за да се деактивира нуклеарната бомба што ќе го разнесе светот. Анѓушев е страшен бизнисмен, но во улогата на потпретседател не успеа со јавноста да ја искомуницира на адекватен начин економската стратегија на Владата, премногу е строг и сув, политиките во клучните сектори на образованието и културата, исто така потонаа во техникалии, а тие се, односно би требало да бидат главниот тон на новата филозофија за која тука зборуваме.

Мислам дека на Владата ѝ недостасува човек што ќе ја комуницира нејзината доктрина. Од овој состав тоа можеби најдобро може да го прави Шекеринска, но на позицијата министер за одбрана таа делува повеќе некако тргнато од главните правци, отколку што е поставена на место на кое би ги покажала сите свои потенцијали. Процесот на конституирањето на новата власт завршува со извонредните резултати на локалните избори, сигурен сум дека и вториот круг ќе заврши добро во врска со политичкото и административно капацитирање на власта и со тоталното декапацитирање на злото кое има некаков статус на опозиција и никакви тактичности и дневни опортунитети нема да можат да се земаат сериозно при евентуалното алибирање на недоволно претенциозната политика.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен Печат