Кој е таму

31.10.2017 03:05
Погребот на Худини

Среда навечер

Веќе еден час молчеа. Тој мислеше да ѝ каже дека му се допаѓа. Таа пак сакаше да се прави недостапна. Гледачите не издржаа и еден по еден излегоа од салата. На двајцата од екранот им стана глупаво. Почнаа да разговараат. Следуваа бакнежи. Чистачката, која ја метеше салата, зјапна со отворена уста. Потоа започнаа да влегуваат и случајни минувачи. Салата се наполни. Токму тогаш чуварот на киното се сети дека доцни за Лига на шампионите. Си тргна и ги заклучи сите во киното.

Рицарот

Едното око му беше вештачко. Како дете сакаше да си игра рицари и еден друг рицар му ја расцепи зеницата со дрвен меч. Макар и со едно око, тој продолжуваше да биде вистински рицар. Рицарот често си поигруваше со својот недостаток, вадејќи го пред маалските деца вештачкото око. Тие му се смееја. Тоа го правеше среќен само неколку минути. Само до моментот кога од здравото око почнуваа да му течат солзи.

Сенката

Сенката се раѓа секое утро. По цел ден се мота низ градот, следејќи го омилениот поштар, а вечерта се смешува со илјадниците други сенки, за да се роди оној густ и непрегледен мрак, од кој малите деца толку многу се плашат.

Крадецот

Живееше сам и кога переше во недела, секогаш го преполнуваше резервоарчето на автоматската машина за перење, небаре сака да го испере своето минато.

Гоген

„Го сакам синото!“ - рече тој и ја натопи четката во небото.

 

Диктаторот

Ја мразеше лагата, затоа реши да ги истриже сите жени на нула, за да им пораснат вистинските коси. Идејата беше навистина револуционерна и ќе се оствареше, но диктаторот направи фатална грешка - ја сподели со својата сопруга, која уште следниот ден го отру.

Генералот

Писателот чукаше на машината за пишување, а листовите паѓаа на земјата. За жал, имаше болни бубрези и често одеше во тоалет по мала нужда. За тоа време мажот од страниците излегуваше од портретот на ѕидот, за да прочита колку што може од напишаното. Сепак во романот стануваше збор за него...

Black&White

„Денот се крие во белите линии на зебрата, ноќта - во црните, затоа се менуваат денот и ноќта...“ - објаснуваше водичот на лош англиски, а германските туристи грицкаа чоколадни стапчиња и го гледаа со видлива недоумица.

Чадорот

Си беше еден стар чешки чадор со изгребана дршка и рѓосани жици. Сопственикот, ветеран од војната, често го користеше како бастун, а ако го заборавеше некаде, секогаш му го враќаа со репликата: „Господине, си го заборавивте чадорот!“ Ветеранот секогаш одговараше: „Ооо, така ли? Ви благодарам! Тој чадор навистина ме следи! Знаете ли, првпат го заборавив во едно берлинско кафуле, тогаш ми го врати една прекрасна дама... Вие сте биле ли во Берлин?“

Кога си осамен

земи еден камен од земја па фрли го во темното по него втор и трет фрли не плаши се фрли дури не извика некој така ќе си најдеш пријатели зашто во таа темница се стои ли сам

Погребот на Худини

метална кутија од чај тајно отворена за да излетаат пеперугите со душата на мртвиот очите на ожалостените следејќи го нивното полетување и враќајќи се одново врз телото кое за тое време ја премести едната рака и се насмевна

Кој е таму

скриен зад завесата или зад огромното порцеланско куче набљудувај како ја вади кутијата од чај и истура врз покривката цела рака млечни заби ги подредува во насмевка става две јаболка како очи банана како нос тоа сум јас ти вели со доста преправен машки глас избувнуваш во смеа и откриен си

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Фотографии: Владислав Христов

Владислав Христов (1976, Шумен), бугарски поет, писател, новинар и фотограф. Објавувал во бројни списанија за литература во Бугарија и во светот. Автор е на книгите „Фотографии на деца“ (кратка проза, 2010), „Енсо“ (поезија, 2012), „Фи“ (поезија, 2012), „Германии“ (поезија, 2012) која е преведна и на германски, „Обратно броење“ (поезија, 2016) и „Продолжуваме напред“ (публицистика, 2017). Добитник е на повеќе награди за хаику и кратка проза. Член е на „The Haiku Foundation“ и три години по ред е вклучен во редот на стоте најкреативни хаику-автори во Европа, а негови хаику песни се вклучени и во учебници за хаику на јапонските универзитети. Живее и работи во Софија како уредник во Бугарското национално радио.

ОкоБоли главаВицФото