Каталонија, Ломбардија, Шкотска... зошто сега?

31.10.2017 15:21
Каталонија, Ломбардија, Шкотска... зошто сега?

Вудро Вилсон го искористил за да ги распарчи царствата од стара Европа; Владимир Ленин го промовирал со цел рушење на империјализмот; Обединетите нации го впишаа во првиот член од својот основачки документ. Правото на народите на самоопределување е едно од начелата на меѓународното право од Версај, а потврдено е и во бројните меѓународни преговори, од Кашмир 1948 до Виетнам 1973 година, како и за време на утврдувањето на државните граници во источна Европа 1990 година.

Од Киркук до Барселона, националното прашање повторно избива во прв план, збунувајќи ги лидерите на модерните демократии и нарушувајќи ја традицијата на технократскиот центризам. Додека Социјалистичката партија на Шпанија се подготвува да го поддржи ставањето на Каталонија под цврста контрола на десната влада во Мадрид, а италијанскиот претседател на Европскиот парламент панично испраќа предупредувања до автономистите во северните региони на Ломбардија и Венето, носителите на власт ширум Европа повторно ги отвораат учебниците по меѓународно право.

Прашањето за правото на национално самоопределување повторно е актуелно и унитаристичките држави ќе мораат да се соочат со тоа. Се чини дека особено левицата е психолошки неспособна за ерупција на движења чија цел е борба за демократија и социјална правда, но чиј главен двигател не е класата, туку нацијата и етничката припадност. Европската унија е заробена во правен вакуум. Нејзиниот основачки договор не го вклучува правото за самоопределување на народите – туку тоа право го ограничува на веќе признаените држави, како што е наведено во членот 50.

Одредбите од меѓународното право за тоа прашање постојат само зашто пред крајот на Првата светска војна некои луѓе жестоко се бореле за начелото на самоопределување: потчинетите народи од некогашното Германско, Австриско и Руско царство, претседателот Вилсон, кој издејствувал начелото да биде вклучено во основачкиот документ на Лигата на народите, и болшевиците. Бидејќи правото на самоопределување го прифатил во теоријата, Ленин до летото 1920 година сфатил дека борбата за национален суверенитет може да ги сруши империјалистичките сили кои ја напаѓале Русија. Коминтерната им наредила на комунистичките партии ширум светот да ги поддржат сите „национални револуционерни движења“, дури и оние кои не ги предводат работништвото или левицата.

Значи, пред сто години политичарите од сите профили, од конзервативците до болшевиците, поседувале развиено теоретско разбирање за националното прашање, конфликтните интереси и општите начела врз чија основа треба да се суди за нив. Денес тоа не е случај.

„Начелото“ со кое Педро Санчез, лидерот на шпанските социјалисти, го оправдува своето противење на независноста на Каталонија се изведува од одредбите на уставот на неговата земја. Но, ако уставот има апсолутен приоритет, тогаш одредбите од ставот 2 во членот 1 од Повелбата на Обединетите нации би биле непотребни. Единственото начело до кое се држи претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани кога ги прекорува автономистите во Ломбардија и Венето е стравот од „размножување мали држави“ – а, тоа не може да биде аргумент во меѓународното право.

За да отидеме понатаму, мора да разбереме што се случува: зошто регионите, државите и народите токму сега повторно го отвораат прашањето за правото на национално самоопределување? Во случајот на Шпанија и Италија тоа е јасно: комбинацијата од мерки за штедење, корупцијата и политичката склероза во центарот го оневозможуваат функционирањето на регионалната демократија. Така автономните региони како што е Каталонија се турнати на патот за независност, додека областите како Ломбардија и Венето се поттикнати да бараат фискална автономија од суштински дисфункционалниот државен центар.

Но, во некои други земји на дело е динамика на акција и реакција: Британија ја напушта ЕУ; шкотската влада бара поинакво решение, што ги засилува тензиите во односите со центарот; републиканците во Ирска го подготвуваат теренот и демнат прилика за референдум за обединување на Ирска кој им е ветен во деведесеттите години, кога веруваа дека економијата ќе ги реши сите проблеми од таков вид.

Ист процес на малку поинаков начин се одвива на францускиот пацифик, на Нова Каледонија, каде на автохтониот народ Канак му е ветено одржување референдум за целосен суверенитет во 2018 година. Кога разговарав со нивните лидери во јануари, малкумина веруваа дека ќе има доволно поддршка за одвојување од Франција. А потоа, после претседателските избори, кога тамошните доселеници во голем број гласаа за Марин Ле Пен и нејзината радикално десничарска и расистичка платформа, динамиката се промени.

Барањата за автономија и независност се множат, а водечките леви партии заостануваат во разбирањето на еден темелен принцип: под одредени околности националното прашање може да биде во склад со борбата за социјална правда. Дотолку, тоа може да се најде во самиот центар на таа борба. И таа ситуација нема да се промени наскоро.

Независно од економските тешкотии и расната поларизација, постои и еден позитивен фактор кој ги придвижува прогресивните национализми, од Шкотска до Каталонија, а тоа е технолошката промена. Општествата богати со информации го наградуваат развојот на човечкиот капитал; затоа можностите да се школувате на мајчин јазик, да учествувате во богатата национална култура, да создавате единствена локална понуда и можности за влегување на странски инвестиции, денес се поважни од кога било. Ако регионите, народите и државите кои бараат повеќе слобода создаваат впечаток дека зад нивните барања стои „културниот национализам“, тоа е резултат на дејствувањето на технолошките промени и глобалната конкуренција.

Друг ефект од дејствувањето на овие сили е ширењето успешни големи градови и брзо пропаѓање на помалите места. Во големите градови со густи информативни и културни мрежи можете да ја преживеете глобализацијата. Тоа е потешко во помалите места. Затоа како логична економска стратегија се наметнува формирањето „региони“ или помали држави концентрирани околу еден голем град, со развој на субурбана и рурална економија во синергија со големиот градски центар, а не големи унитарни држави. Ако Барселона не беше толку глобално успешна, поддршката за каталонскиот национализам ќе беше значително помала.

Еден даблински финансиски советник ми рече дека ирските компании често имаат проблем кога треба да им објаснат на кинеските инвеститори што е „Ирска“: Гинис, Џејмс Коноли и Џејмс Џојс не се доволни. Колку тешко е да им се претстават Ломбардија или Венето како легитимни глобални дестинации за инвестирање, со сите негативни ефекти од присуството на корумпираната и полуфункционална италијанска држава?

Да се разберат барањата за сецесија и автономија не значи и автоматски да се согласиме со нив: меѓународното право предвидува законски и легитимни референдуми како средство за проверка на таквите барања – дотолку е срамно тоа што ЕУ и Шпанија ѝ го ускратија правото на таков референдум на Каталонија.

Европскиот суд на правдата во декември објави толкување според кое примената на одредбата од членот 1 од Повелбата на Обединетите нации, која на државите кои сè уште не стекнале независност им го гарантира правото на самоопределување, може да се наметне со примена на законски мерки. Тоа толкување сè уште не е тестирано во Каталонија, Фландрија или Шкотска, но и тоа ќе се случи наскоро.

Извор: https://www.theguardian.com

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото