Заборавените приказни на комплексот Железничка колонија во Скопје

01.11.2017 01:50
Заборавените приказни на комплексот Железничка колонија во Скопје

Во Скопје има некои места – бисери на архитектурата со историска вредност, на чие значење се помалку луѓе се сеќаваат. Едно од нив е Железничката зграда на ул. Борка Талевски, стамбен комплекс изграден кон крајот на четириесеттите години, специфично распореден околу еден централен заеднички двор, кој содржи и дополнителни простории наменети за колективни активности на станарите, како на пример кино салата на најгорниот кат, која некогаш активно се користела.

Проектирана од архитектот Михаил Дворников и изградена кон крајот на четириесеттите години, оваа зграда првично била наменета за луѓето вработени во Државната дирекција за железници – Скопје, по што и го добива името Железничка зграда. Распореденоста на становите околу еден заеднички централен двор, како и просториите наменети за колективни социјални активности на станарите имаат за цел да воведат еден вид интегрирано живеење и намалување на чувството на изолација. Ваков сличен облик на домување, изграден отприлика во истиот период од страна на Корбизје - Марсејскиот блок - сега е под заштитна на УНЕСКО како светско културно наследство.

За жал оригиналниот изглед на Железничката зграда првичо конципиран како 45% простор за домување, 20% површина за комуникација и 35% комунални површини е видно изменет. Фасадата се распаѓа, а јавните простори и простории остануваат запуштени и неискористени.

Иван, Бајо и Томе - едни од најстарите станари кои израснале и се уште живеат во Железничка зграда, носталгично се присетија на времињата кога во зградата живееле околу 400 деца на железничарите и сите се дружеле. Имало заеднички простории во кои се играле друштвени игри, пинг-понг, шах, во кино салата редовно се прикажувале филмови, а една професорка по физичко дури и ги научила станарите да играат бејзбол во дворот на зградата. Сепак, и покрај интензивната комуникација и дружби, во зградата се знаело за ред и мир, а навечер имало стражар на влезот и портите се затворале.

-Сега веќе на никој не му е гајле за зградата, иако многупати сме се пожалиле до институциите дека не смее да се остави објектот така да се распаѓа и да го губи оригиналниот лик. Порано оваа зграда беше препознатлива. Сега луѓето во Скопје не ни чуле за неа! - велат станарите.

Овој архитектонски бисер во центарот на Скопје, неодамна се најде во фокусот на проектот „Кога зградите би зборувале“ кој како дел од една поголема регионална идеја, има за цел да мапира простори кои некогаш биле во функција на граѓаните и културниот живот, а сега стојат запуштени и неискористени и покрај сиот потенцијал повторно да бидат управувани од граѓаните за нивните потреби. Перформативно-истражувачкиот процес „Кога зградите би зборувале“премиерно се прикажа како дел од придружната програма на годинешниот МОТ, беше и централен настан на 12. Издание на фестивалот за современи уметности Pop Up AKTO Акција кој се одржа на 27 и 28 октомври во Скопје.

На интересен начин, комбинацијата од актерска игра и директно учество на станарите од зградата ги вовлекува гледачите во приказната за Железничката зграда и ги запознава со историјатот и душата на просторот. Актерскиот тим во состав: Кристина Леловац, Тамара Ристевска, Ивана Павлаковиќ, Јасмина Василева и Благој Веселинов ги прошетаа гледачите низ комплексот, запознавајќи ги со редица интересни историски синхроницитети кои се случиле токму на таа локација. Публиката потоа имаше шанса буквално да влезе во неколку станови и низ разговор со станарите „од прва рака“ да ја доживее зградата.

Авторот на перформансот и уметнички директор на АКТО, Филип Јовановски,вели дека она што го интересира е продукција на уметнички настани во директна заедничка и партиципативна соработка со локалните заедници.

-Конкретно за овој театарски перфроманс, формата произлегува од процесот на истражување и соработка со станарите на зградата. Ова дело не е ЗА зградата, туку СО зградата, преисптиувајќи ја и потенцирајки ја политичката моќ на заедниците и нивното колективно делување- вели Јовановски.

Перформансот беше исполнет со емотивна нарација – мозаик од историски факти и парчиња приказни за станарите на оваа зграда, со цел таа да добие некаков личен печат во очите на гледачите. А за да се заокружи впечатокот дека сме транспортирани во едно друго време и друго Скопје, актерите ги одведоа присутните во старата кино сала на најгорниот кат со прекрасен поглед на целата зграда, каде што Фолтин одржаа концерт. Овој пат како сајд-проект „Дејви Д Боуви и паднатите од Марс“, Фолтин изведоа препеви на песни од Дејвид Боуви, а за крај отсвиреа по нешто и од својот репертоар пред публиката која не сакаше да заврши концертот на така интересна локација.

-Е вакво Скопје сакаме, преубаво е! – беа реакциите на присутните по завршувањето на настапот на Фолтин и турата низ зградата.

Сите присутни се согласија дека е жално простори со таков автентичен дух и потенцијал да се остават на забот на времето без да им се најде соодветна фунцкија.

Архитектот Дејан Ивановски, ко-автор и истражувач во проектот „Кога зградите би зборувале“ вели дека до идејата за еден ваков перформанс дошле откако увиделе дека е потребно да се стори нешто со овој објект со богата историја и таа приказна што поефективно да им се приближи на граѓаните:

-Идејата беше дека имаме ваков објект којима некоја мистичност во себе и треба да видиме што со него. Најпрвин собравме дата на податоци за зградата. Имавме 3 соговорници од куќниот совет, кои го знаат историјатот на зградата доста детално, уште од времето кога таа е направена па сè до последните измени во последните 50-60 години. Ние тоа го документиравме и го структуриравме и тоа беше почетна точка на ова истражување, кое на крај доведе до овој театарски перформанс – вели Ивановски.

Ивановски објаснува дека полу-јавните простори во згадата, централниот двор и просториите како кино-салата им припаѓаат на сите станари во еднаква мера, но и дека станарите немаат финансиски средства за да ги одржуваат организирано тие простори, па овде треба да интервенира општината.

-Мислам дека на општинските власти им е должност, овие јавни простори да станат дел од некаква агенда на општината, или градот, или некој приватен донатор – едноставно да ги оспособат за користење во координација и дослух со станарите и тоа што е јавно и првично проектирано за луѓето да го користат некако да се претвори во културен простор во кој ќе се случуваат активности. Самите граѓани ќе имаа ќе имаат голема полза од тоа. Се работи за голем простор. Значи, доколку не им помогне општината, тој простор ќе се руинира и ќе се претвори во едно големо ѓубриште – вели Ивановски.

Филип Јовановски, автор на перформансот пак, се надева дека овој простор ќе заживее повторно, а идејата на перформативно-истражувачкиот процес „Кога зградите би зборувале“ е да ја ангажира локалната заедница при адресирање на прашањето за јавното и заедничкото наспроти приватните интереси.

-Железничката зграда како културно наследство 1946 година, со уникатни решенија за колективно домување директно се соочува со неприликите во овие неколку декади. На сомболично, како и на репрезентативно ниво, оваа зграда е соочена со неуспесите на одржувањето на мноштвото во активен однос при што се поставува прашањето – колку е важна и каде е загубена дијалошката структра во заедничките простори? – вели Јовановски.

Ивана Васева, програмска директорка и кураторка на фестивалот Pop Up AKTO вели дека програмата на фестивалот во континуитет ги адресира прашањата за партиципативното делување помеѓу граѓаните и институциите, кога станува збор за јавните културни простори.

-Дали конечно можеме да сведочиме за отворање на простори изградени преку партиципативно ангажирано делување? Дали овие времиња ќе бидат поволни за подобрување на институционалната инфраструктура и ќе создадат поле за заедничко учење помеѓу различни актери (граѓанскиот сектор, конституентите и локалната власт), како и за валоризација на вре дноста на трудот наспроти пазарната логика и личните интереси? Ова се прашањата кои сакаме да ги адресираме преку активностите на фестивалот АКТО - вели Ивана Васева.

Дали Железничка зграда ќе заживее повторно и дали тие простори со одлична локација и потенцијал да бидат културни збиралишта на граѓаните повторно ќе заживеат, зависи од иницијативата на многу чинители – самите граѓани, како и институциите. Па, останува да видиме.

„Кога зградите би зборувале“ е дел од регионалната иницијатива за реевалуација и зачувување на културните наследства Белград, Загреб и Скопје. Тимот на истражувачкиот перформанс за Железничката зграда во Скопје го сочинуваат: Филип Јовановски – автор; Ивана Васева – кураторка; Дејан Ивановски – истражувач и ко-автор; Актери – Кристина Леловац, Ивана Павлаковиќ, Јасмина Василева, Сања Арсовска, Долорес Поповиќ, Благој Веселинов; Видео продукција – Илија Тирицовски, Продукција – Оливер Мусовиќ; Камера – Александар Котевски; Дрон Стојанче Цавитовски; Монтажа и дизајн на звук – Сашко Потер Мицевски; Учествуваат: Станарите од Железничка зграда (Слободан Кочевиќ, Иван Џијановски и Томе Каревски).

ОкоБоли главаВицФото