Добро им го тоа направи!

01.11.2017 13:05
Добро им го тоа направи!

Официјалниот податок дека СДСМ, во десетината дена меѓу двата изборни круга, му платил на ТВ Сител 125.000 евра за сопствено партиско рекламирање, ми ја смири нервозата што се беше насобрала во мене од големата неизвесност дали е постигнат договор за соработка меѓу Ѕинговци и Заев. Добро е, шуќур, успеале да се договорат, иако слушам дека Латас финансиски добро ги „одрал“ победнициве на изборите со тоа што се спогодиле, за сѐ уште неоткриена сума на пари, за време на избориве тој привремено да се повлече од програмата на Сител, за уредувачката политика на Ѕинговци понезабележано да се приближи кон ставовите на премиерот и неговата партија.

При тоа, овие 125.000 евра се само првата транша од поголемата сума за која се спогодиле СДСМ и Сител, а која, во одделни трансакции – а можеби и со пари од демократските фондови на УСАИД – под разни комерцијални изговори и од разни извори, сукцесивно во наредните месеци ќе им биде исплатувана на „букетот“ од 50-тина различни фирми кои ја сочинуваат деловната империја на кланот на Ѕинго.

(Дури, некои зли јазици говорат дека и поразот на Ѕинговиот кандидат за градоначалник во Кратово бил дел од ваквиот договор, но овие шпекулации сепак не треба да се земаат „здраво за готово“, со оглед на принципиелните ставови на СДСМ никогаш да не ја мешаат својата партиска и финансиска политика со слободата на медиумското изразување.)

Со ваквиот навистина свеж пристап кон медиумскиот пазар во Македонија, СДСМ си обезбедува значајна поддршка за развивањето на реформската агенда во државата, особено на правната држава, како и за промена во односот кон независното и професионално новинарство, после долгите години на диктаторскиот режим на ВМРО-ДПМНЕ. Како што е познато, Груевски настојуваше сопствениците на телевизиите и нивните уреднички тимови, како оние во Сител и Канал 5, на пример, да ги отруе со испарувањата и штетните хемиски токсини што ги произведува златото, среброто и другите скапи метали со кои со години наназад ги опсипуваше нивните банкарски конта. Бавна смрт од труење со вредни метали – тоа сакаше да го постигне Груевски со својот монструозен антидемократски медиумски план!

За среќа, светилниците на македонското слободарско новинарство – ТВ Сител, пред сите! – го преживеаја падот на деспотот Груевски и му се фрлија на храбрите плеќи (во пределот на цицките) на ослободителот Заев кој, за возврат, им вети Живот за сите! За да докаже дека не зборува празни политички флоскули, новопечениве пријателчиња и партнери преминаа на склучување и извршување на спомнатиот финансиски договор, без одлагање. На тој начин, Сител со право го собра демократскиот „кајмак“ во распределбата на рекламните пари, бидејќи телевизиите како Телма, Алсат или 24 Вести, на пример – а да не зборувам за неколку патетични њуз-портали што ги водат некои мои пријатели и колеги – навистина не заслужуваат таква поддршка од СДСМ, со оглед на нивната долгогодишна калкулантска и недемократска уредувачка политика!

Добро им го тоа направивте, другарчиња од СДСМ, да цркнат душманите на македонската демократска иднина! И внимателно кога му седнувате во скут на Сител, да не дојде до несакано, а болно накршување… Молам? Не, не, вие седнувате, накршувањето може да настане кај нив, не кај вас.

Слики: Свирачиња

Извор: http://civilmedia.mk