Каталонија е европски проблем

02.11.2017 03:25
Каталонија е европски проблем

Каталонија не е во право. Мадрид е. Со шпанскиот устав јасно се дефинира суверенитетот и интегритетот на шпанската држава. Во него не постои законска одредба која се однесува на отцепување на региони. И покрај своето особено минато, Каталонија веќе долго се придржува до шпанскиот устав и нема законско право да стане независна. Законот по тоа прашање е сосема недвосмислен.

Устројството на Европа по Втората светска војна е засновано на интегритетот на поединечните држави. По неколку векови ужасни војни, стабилните држави станаа темел на европската безбедност. Ако дозволиме старите неправди да испливаат на површина, да се обноват старите непријателства и ако се вратиме на исцртување на старите граници - ќе следи хаос. Освен тоа, Европската Унија, вториот камен-темелник на европската стабилност, смета на тоа дека државите членки можат без употреба на сила да ја спроведуваат својата волја во своите региони.

Кога политиката би била така едноставна.

Европската комисија во Брисел стана пародија на католичката црква од периодот пред реформацијата, додека аверзијата кон централната власт ги дестабилизира државите ширум континентот. Економиите се глобализираат, а националните влади се централизираат. Како резултат на тоа, регионалните идентитети добиваат на сила и стануваат воинствени. Не е тоа случај само со Каталонија, туку и со Шкотска, Баскија, Корзика, Фландрија, Шлезија и Венето. Ниеден од овие региони не покажува знаци на слабеење на барањето за дополнителна автономија, било целосна или делумна. Каталонците се само претходница на движењето насочено против гломазните бирократски елити кои владеат во Брисел и Мадрид - да не го споменуваме Лондон. Затоа е бесмислено тоа што Мадрид се обидува да ја реши кризата со повикување на правилниците и законите за улични немири.

Јасно е дека каталонскиот претседател Карлес Пуџдемонт очајнички сака да избегне катаклизмична разделба со Мадрид, зашто е свесен за поделеноста на Каталонците по прашањето на отцепувањето. Мора да се изнајде договор сличен на оној кој беше постигнат со Баскијците во 90-тите години на минатиот век - а можеби и порадикален. Шпанија е веќе една од најцентрализираните држави во Европа. Нејзината неодамнешна несмасна интервенција во Барселона покажува дека таа мора дополнително да се денцентрализира, можеби дури и така што ќе организира локален референдум на кој би се гласало за посебен каталонски устав.

Европската Унија е несериозна ако мисли дека настаните во Шпанија не ја засегаат. Дипломатските грешки во чекори веќе ја чинеа заминување на Британија. Ниедна друга нација не се осмелува да одржи референдум за излегување од ЕУ, иако Полска, Чешка и Угарија покажуваат знаци за такви амбиции. Еврозоната во која доминира Германија не се грижи за регионалните идентитети и не и' паѓа на памет да ја пренесе власта пониско. Каталонското прашање е европски проблем исто колку и шпански.

Извор: The Guardian, 27.10.2017.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото