Возови

02.11.2017 10:57
Возови

- Чекам воз – вели татко ми.

Изненаден сум од чувството дека ми падна жал за него. Никогаш не сум го жалел татко ми. Тој бил секогаш силниот, заштитникот, чуварот на семејството. А се изненадив и кога го видов како сам седи на клупата. Овојпат стар и изнемоштен.

- Стари, што бараш тука? Зошто не ми се јави дека доаѓаш? Не ми изгледаш најдобро. – рафално испалувам јас.
- Чекам воз – вели стариот.
- Ама ова веќе со децении не е железничка станица. Ја преместија таму кај мене – му велам.
- Ќе дојде – ми вели.

Седнувам до него на клупата. Жал ми е, срцето ми се кине. Почнувам да плачам. Липам. Ја потпирам главата на неговото рамо и плачам врз него.

- Сите возови поминаа, тато – пелтечам.
- Ќе дојде. И за тебе ќе дојде еден ден – вели тој, а јас чувствувам дека и тој, силниот, заштитникот, плаче.

Ја тргам главата од неговото рамо.

- Извини, ти го намокрив свечениот костум.
- Нема врска – вели тој. Вади бело марамче и го брише рамото, небаре марамчето е сунѓер.
- Морам да одам.

Тој не вели ништо. Јас се оддалечувам десетина метри и се вртам за да го видам последен пат. Но, него повеќе го нема на клупата. Клупата е празна. Како никогаш и да не седел таму.

А крај мене поминува еден воз!

(На Александар Георгиевски, 1932- 2015)

 

Слика: Gull G

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото