Сезонско понижување

02.11.2017 11:52
Сезонско понижување

Речено е дека прва жртва на диктатурата, на тоталитарниот систем, е достоинството. Дека човекот најлесно ќе го уништиш ако му ја одземеш самопочитта, ако го ставиш во понижувачка ситуација, уште повеќе – ако го натераш сам да се понижи, да падне во сопствените очи. Тоа важи за сите режими – да се потсетиме што му пишуваа Булгаков и Бухарин на Сталин – па и за нашиот.

Тешко може да посочиме пример, ако воопшто го има, во кој некоја јавна личност покажала што значи да бидеш достоинствен, да се почитуваш себеси (тоа истовремено значи дека ги почитуваш другите), да останеш доследен на внатрешната морална вертикала. Напротив, навикнавме да живееме во општество на изгубени авторитети, во кое никој веќе нема углед (барем не доволно), во кое никој никого не почитува, не цени (кој е тој, бе!), да преживуваме во општество во кое понижувањето стана нормален начин на комуникација, средство за опстанок. Груевизмот ќе остане запаметен како масовна гробница на достоинството и честа на луѓето. Од непознати и притиснати („ќе биде вриштење, пиштење“) до најпознати, кои доброволно го жртвуваа својот углед на олтарот на привилегиите (академици, писатели, уметници…). Од „бомбите“ слушнавме што мислат и што разговараат зад грбот на лидерот неговите први соработници, а што прават пред него.

Но, од секое правило има исклучок. Сегашниот Никола Груевски изгледа и веројатно е најголемата жртва на системот на вредности што тој самиот го востанови и го поддржуваше. Стана типичен пример за недостоинствено, нечесно, неморално и неодговорно однесување. Без грам самопочит, единствено на што може да се надева е да биде презрен.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото