Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (4) - Артур Кеслер, Амира Хас, Кас Санстејн, Бурдие, Бадју, Маркс, Дурути

02.11.2017 15:34
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (4) - Артур Кеслер, Амира Хас, Кас Санстејн, Бурдие, Бадју, Маркс, Дурути

 

АРТУР КЕСЛЕР

После многу затворско малтретирање, благодарение на размена на заробеници, осудениот на смрт Кестлер конечно излегол од затвор. Преку Гвадалкивир кабаљеросите со кола го превезуваат до најблискиот аеродром. Низ спуштениот прозорец на автомобилот Кестлер ги гледа сликите на слободата: кафеанските тераси со убави жени и со луѓе кои лежерно читаат весници. Но, пред да дојде на британското тло, Кестлер добил лекција по национална гордост. Го превезувале со мал авион во некое погранично гратче блиску до Гибралтар. За време на летот пилотот на диктаторот Франко со прстот покажал долу и му објаснил на Кестлер дека тоа е „националната Шпанија“ во која сите се „среќни и слободни“. Алудирајќи на Англичаните пилотот заклучил дека таму сиромашните се борат против богатите, додека во „националната Шпанија“ е воведен нов систем: не се гледа кој е сиромашен а кој богат, туку постојат добри сиромаси и добри богаташи, а постојат и лоши сиромаси и лоши богаташи. Франкистите вака го замислувале националното единство. Како капак на неговите политички согледувања, пилотот му објаснил на Кестлер дека „во длабочината на душата“ секој Шпанец ја прифаќа националната програма на Франко.

Седумте смртни гревови

 

АМИРА КАС

Парадоксалната позиција на „активен набљудувач“ во современиот свет можеби најдобро ја олицетворува израелската новинарка Амира Хас, која од 1993 година живее на палестинската територија Газа, како единствен израелски новинар што живее таму. Во својата книга “Drinking Sea at Gaza“ Амира Хас зборува како во мошне рана возраст се решила никогаш да не стои отстрана: „Тие нарации се легат на моите родители - цела историја на отпор спрема неправдите, отворен говор и возвраќање на нападите. Еден летен ден 1944 година мојата мајка, заедно со остатоците од човечкиот транспорт, била водена од сточните вагони кои од Белград ги довезле до концентрациониот логор Берген-Белзен. Тогаш таа здогледала група германски жени, некои оделе пеш, некои на велосипеди, жени кои кратко застанувале за со рамнодушна љубопитност да ја ѕирнат чудната процесија. За мене тие жени станаа презрен симбол за посматрањето од страна и во мошне рана возраст бев решила дека моето место не е меѓу посматрачите острана.“

Активен набљудувач

 

БУРДИЕ

Суштински важно за демократијата е некој секогаш снажно да стои наспроти мнозинското мислење. Бурдие, на пример, вели дека ни изборите не се медиум на вистината. Го дава примерот на Франција во 1940 година. Дури и Жак Дукло, вториот човек на француската Комунистичка партија подоцна признал дека, ако во тој момент биле одржани слободни избори во Франција, ќе победел маршалот Петен (соработникот на нацистите), и тоа со 90% од гласовите. Кога Де Гол одбил да капитулира пред Германците, зборувајќи во името на вистинската Франција (а не само во името на „повеќето Французи“!) тоа било длабоко вистинито, дури и ако, „демократски“ зборувајќи, тоа било ем нелигитимно, ем во спротивност со мислењето на мнозинството од францускиот народ.

Политиката како усогласено дејствување

 

КАС САНСТЕЈН

За подобро разбирање на механизмите за кои зборувам предлагам една нова важна книга: “Going to extremes: How like minds divide and unite“ од Cass R. Sunstein, професор на „Харвард“ и советник на Обама. Книгата зборува за психологијата на групата. Санстејн разгледува низа феномени, од потезите во Бушовата администрација до Исламскиот тероризам.

Припадноста кон одредена групација произведува психологија на „глутница“ - луѓето кои се опкружени со истомисленици често стануваат уште поекстремни во своите идеи, и на тој начин се креира ехо-простор во кој веќе не постојат ставови туку само потврди на ставови. При контакти на полтрони мислењето не се корегира туку станува сè позацртано. Индивидуалните патологии што групата ги одобрува го преземаат лидерството, и погрешните одлуки стануваат неизбежни. Санстејн вели дека на тој начин, во строго поделени и поларизирани групи каде што затворената размена на информации само ги зацврстува почетните ставови, екстремизмот настанува сам од себе, речиси нечујно.

Екстремизам или идиотизам?

 

БАДЈУ, МАРКС, ДУРУТИ

Бадју вели дека волјата во основа е „борбен“ процес. А старото клише „Кајшто има волја има и начин“ денес добива попоетични форми: „Не постои пат; патот го создаваме чекорејќи“. Се разбира, овој стремеж да и’ се даде предност на решителната волја на поединецот или народот да го заземе и задржи своето место како „создавач и учесник во сопствената драма“ не значи дека се негира сложеноста на теренот и конкретниот облик на власт. Но тоа значи, токму според Маркс, дека ние самите си ја создаваме историјата, без да ги избираме околностите за нејзиното создавање. Освен тоа, единственото место од коешто можеш да тргнеш е она на кое штотуку се наоѓаш, велеше Хана Арент.
Ќе завршам со еден, според мене, спектакуларен (се разбира: контроверзен!) цитат, на мојот омилен анархист Буенавентура Дурути (1896-1936), цитат кој, ми се чини, многу зборува и за нашата актуелна борба за слобода и правда:

„Ние, работниците, сме тие кои ги изградиле овие палати во Шпанија и Америка и насекаде. Ние, работниците, можеме да изградиме нови, кои ќе го заземат нивното место. И подобро! Ни најмалку не се плашиме од урнатините! Ние ќе ја наследиме земјата, во тоа нема никаков сомнеж. Буржоазијата може да го разнесе и уништи својот свет пред да ја напушти сцената на историјата. Ние овде, во нашите срца, го носиме новиот свет.“

За политичката волја

Слики: Pawel KUCZYNSKI

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото