Бугарските писатели

03.11.2017 04:35
Бугарските писатели

 

 

На Џорџо Манганели и Нева Мичева

 

Има еден бугарски писател кој пишува добро и работи како новинар. Објавил два романи и книга есеи. Нему му се допаѓа втор бугарски писател, кој објавил книга пиеси и стихозбирка, песните му се одлични, а пиесите - одвратни. На првиот писател не му се допаѓа трет бугарски писател, автор на хумористични историски романи, кој зад себе има цели седум книги.

Вториот бугарски писател само привидно е пријател со првиот, но зад неговиот грб зборува секакви глупости за него, вклучително и дека еднаш спиел со овца, но тоа е друга приказна, премногу долга за објаснување. Вториот писател нема никаков однос кон третиот писател, рамнодушен е кон него. За сметка на тоа, искрено му се восхитува на четврт бугарски писател, автор на фантастична литература, умерено му се допаѓа петти бугарски писател, речиси премногу експериментален, кој пишува романи во „тек на свеста“ и често ја користи „cut up“ техниката на Бароуз. Вториот писател не може да поднесе шести бугарски писател, кој се занимава само со автобиографски книги, во кои зборот „јас“ се среќава во секоја втора реченица, па и почесто, и освен тоа неговите книги содржат бескрајни, сосема зачудувачки количини патетика.

Третиот писател е тотално луд по книгите на првиот писател, ги искина сите книги кои ги имаше од вториот писател, откако се скараа гласно во една кафеана пред пет месеци. Тој е пријател со четвртиот писател и двајцата заедно често прават читања и многу им е добро: чиниш го опфаќаат целото време, зашто едниот пишува за минатото, а другиот - за иднината. Третиот бугарски писател понекогаш се поздравува со петтиот писател, а понекогаш не, без тоа да му прави каков и да е впечаток. Тој е во одлични односи со седмиот писател, кој пишува современи сатирични романи речиси на светско ниво и е смртен непријател на осмиот писател, кој ги објавува статиите во книги, кои уште пред објавувањето стануваат бестселери.

Деветтиот бугарски писател од десет години само пишува без да објавува. Тој е скаран со сите останати писатели и живее осамен во својата вила на планина. Десеттиот бугарски писател се разбира со сите, ако ги исклучиме писателите комунисти, нормално, но и нив тајно ги презира. Ѓаволски е дипломатичен и се смета за најголемиот бугарски писател. А има и единаесетти, дванаесетти, тринаесетти и уште купишта други бугарски писатели. И сите се скарани со некого, им се допаѓа друг, на трет му зборуваат зад грб, на четвртиот му се смеат додека го пцујат во себе. И сите се сметаат за најголеми бугарски писатели.

Важно е да има литература, а писателите - нека прават што сакаат. Само да објавуваат. Зашто книгите не се караат, навредуваат, нервираат, провоцираат, одминуваат, лутат, лажат, лицемерат. Книгите седат спокојно една до друга на полицата и сеедно им е во какви меѓусебни односи се писателите. Тие знаат дека најважни се читателите, зашто само тие посегнуваат по нив и ги прелистуваат.

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Слики: Stephan Dybus

Иван Димитров (1983), бугарски поет, прозаист и драматург. Автор е на книгите „Локални туѓинци“ (2010, раскази), „Животот како лажица која фали“ (2010, роман), „Поет на портрет“ (2012, поезија), „Очите на другите“ (2013, шест пиеси), „Софиски дует“ (2016, роман) и „Силата на зборовите“ (2017, раскази). Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Добромир Тонев“ и „Софија: Поетики“, а драмскиот текст „Очите на другите“ е избран од повеќе од 600 пиеси од целиот свет на фестивалот „HotInk at the Lark“ (2013) во Њујорк.

ОкоБоли главаВицФото