1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
На 6 декември годинава, Финска слави 100-годишнина од стекнувањето на својата независност. По тој повод, уште минатата година, Финска се обрати до соседна Норвешка, со едноставна молба: Норвежаните да им подарат еден планински врв на Финците, оној на планината Халти, висок 1.330 метри, со што тој би станал и највисокиот планински врв во Финска. Овој зафат бараше поместување на линијата на норвешко-финската граница за некои 31 метар.
Целата идеја доби над 17.000 лајкови на Фејсбук, од двете страни на границата, а норвешката влада сериозно се зафати со разгледување на таа финска идеја. По извесно време поминатo во „длабински анализи“ (што би рекол еден наш актуелен лузер), норвешката премиерка излезе со официјален став: Жалиме, но „поместувањето на границата е невозможно поради уставната одредба која вели дека територијата на Норвешка е неделива“.
И со тоа застана таа иницијатива.
Но, мојот генијален пријател Пеце Талевски – од продукциската куќа ОХО – пред извесно време ја покрена таа фина финска идеја во Македонија: а зошто ние, коишто имаме вакви планински врвови од околу 1.350 метри висина на претек, да не им отстапиме еден од нив на Финците? На пример, предлага Пецко, можеме да им дадеме илјада квадрати на Бабин Заб, над Битола, или Вртешка, над Преспа, и со тоа Финците да го добијат својот највисок планински врв во Македонија!
Што би ни пречело нам Финците да направат еден убав нордиски планинарски дом во Македонија и да го истакнат своето прекрасно знаме на него, како доказ дека ја поседуваат таа територија?
Па, добро, бидејќи и македонскиот Устав ја гарантира територијалната целовитост на Републикава, јас предлагам да им го изнајмиме, за едно евро годишно, на 99-годишно користење тој наш врв на Финците, со можност, потоа, за обнова на договорот за нови 99 години… Замислете: фински Хонгконг на Балканот!
Пеце Талевски вели дека Финците сигурно ќе сакаат да ни се реваншираат со нешто, па тој предлага вратката да ни ја направат со праќање на неколку образовни експерти чија задача би била во наредните десетина години да ни помогнат македонското образование, колку-толку, да го приближиме до најдоброто во светот, финското.
Можеби е навистина време да почнеме да излегуваме од 24/7 зачауреноста во нашите бескрајни политички дебати за релативната мизерија на духот и апсолутната мизерија на политиката во којашто живееме и да почнеме да се занимаваме со малку пофини нешта: со фините Финци од Финска. Па, мора да има нешто фино во државата Финска!
Извор: civilmedia.mk