Јапонска фирма им дала на непушачите шест денови одмор за да го надоместат времето кое пушачите го трошат на пауза

03.11.2017 11:54
Јапонска фирма им дала на непушачите шест денови одмор за да го надоместат времето кое пушачите го трошат на пауза

Јапонска компанија ги награди своите вработени кои не пушат со шест дополнителни денови одмор годишно, за да се надомести времето кое пушачите го трошат на паузите за пушење.

Маркетинг компанијата Piala Inc неодамна воведе надомест за платено отсуство откако непушачите се жалеле дека работат повеќе од своите колеги кои пушат.

Портпаролот на компанијата Хиротака Мацушима рече дека еден вработен непушач се побунил дека паузите за пушење предизвикуваат проблеми. Потоа, извршниот директор на компанијата Такао Асука одлучил на непушачите да им даде дополнителни шест слободни денови за да го компензираат времето кое пушачите го користат за пауза. Асука се надева дека ова ќе ги поттикне пушачите да престанат со својата штетна навика.

Во последните неколку месеци во Јапонија се видливи напорите да се намали бројот на пушачи и да се наметнат построги антипушачки правила. Гувернерката на Токио, Јурико Коике, во јули годинава го претстави планот за забрана на пушењето на јавните места во главниот град пред Летните олимписки игри во 2020 година. Но предлогот наиде на голем отпор кај некои политичари, угостители и компании кои произведуваат цигари.

Светската здравствена организација ја рангираше Јапонија на дното на листата кога станува збор за прописите против пушење. Според некои податоци, 18 отсто од Јапонците се пушачи.

Извор: The New York Times