Сигнали, рецидиви, симболики

04.11.2017 13:33
Сигнали, рецидиви, симболики

СИГНАЛИ

Претходната власт немаше ама баш никакви проблеми со сигнализацијата. Особено во културата. Важеше правилото: и шуто и рогато, само да е наше. Или, како алтернатива: или си со нас или си против нас. И така функционираше сè! Така се стануваше писател, уметник, продуцент, режисер, актер… Токму она што Тричковски го нарекува одбивање „да бидат тоа што се“! Полесно беше, и попрофитабилно, се разбира, да се биде клиент-сликар, клиент-режисер или продуцент, клиент-писател, а особено клиент-директор, и тоа според чиста партиската припадност или наклонетост, којашто мораше да биде безусловна и – вечна. Немаше тинтири-минтири, ти реков ми рече, менување на бои и дресови. И тоа добро се плаќаше (добро? глупости, се плаќаше одлично!). И, да се разбереме – немаше случајности. Тоа што, денес, некој сака да ги претстави нештата како некаква беневоленција на бившиот режим да толерира сè и секого во нивните редови е тешка лага. Превара, манипулација, лажга со многу опшаки. Такво нешто тие не допуштаа, имаа контролори на сите културни „линии“ и „станици“ и не можеше да им промакне непроверено или дискутабилно име. Точка! Сегашните бајки за деца дека некој бил независен ама со години влечел пари од пуфлата и шизоидниот „архитект“, дека немал никаква врска со нив и дека тие го ценеле само заради неговиот/нејзиниот творечки труд не ја надминува дури ни претшколската возраст. Такво нешто во оваа Македонија не се случуваше. Точка! А на пулените сè им беше дозволено. Не знам уште колку примери треба да се наведуваат, уште колку ревизии да се направат, уште колку податоци да излезат во јавноста за да се заокружи сликата за сите криминали на бившата власт во културата? Нивниот умислен елитизам не беше ништо друго туку најпроста криминална узурпација и провинцијално/сељачко чепатење врз вмровското буниште. Сега паниката од бастионите во централната власт се префрла на оние во локалните вмронски тврдини. Од Скопје па до последното село сељачката елита тресе вилици и бара засолништа што ги нема. Можеби ќе ги прифатат во некое свирипичино? Баш би сакал да го видам алуминизираниот лудак на трибина во некое од тие три-четири (сè уште) вмронски упоришта, како им го објаснува ефектот на гама зраците врз родот на овогодишната зелка и вмешаните прсти на чичко Сорос во таа операција! Којзнае со какви овации би го пречекале? Иако ни во тоа не сум баш многу сигурен. Та ни тие луѓе таму не се баш такви тутмаци. Можеби им останува само на рифеншталкине да снимат нов филм, овојпат наречен „Големата неименувана кражба“, а со тема за „невидената кражба“ на локалните избори во РМ во 2017 година. И филмот ќе чини, пари се разбира, ама дали ќе бидат разбран од публиката?

За разлика од до вчера, денес, особено во културата, виреат различни сигнали. Повеќе случајно отколку намерно или како некаква политика. Но, и таквата сигнализација внесува забуни. Особено бидејќи за такво нешто апсолутно нема потреба. И особено заради тоа што тоа претставува директна навреда за цела низа творци и културни работници кои беа целосно дискриминирани во изминатата деценија. Ни оваа култура ниту оваа држава имаат потреба да влегуваат во филмот на нарцисоидните пулени на бившиот режим, на разноразни глупици кои мислат дека се продуцент(к)и, на режисер(к)и со двонеделни курсеви, на умоболни сликари и самопрогласени експерти за сè и сешто. Зошто? Затоа што токму тоа беше она што ја уназадуваше македонската култура цела деценија, што ја изјадуваше одвнатре, што ја строеше според кривоверни партиски правила. Оттука, сите договори – (демек) правосилни а всушност октроирани – треба да подлежат не на проверка или процедура туку на едноставен, обичен потег на раката што сомнителната хартија ја кине на две парчиња. И на дополнителни, поситни парченца и – се фрла во ѓубре. Толку! Без објаснувања, без убедувања, без образложение. Зашто и нам никој не ни даваше образложение за сите нервози, одбивани проекти, фрлени буквално в ѓубре, или крадени па појавувани подоцна, во видоизменета (но доволно препознатлива) форма. И тоа нема да биде никаква одмазда, уште помалку неправда: сите нивни „проекти“, сите нивни договори се дело на криминалната банда. Точка! И каква обврска би имала оваа власт истите да ги сервисира? По истата логика, требаше ли владата на Заев да ја заврши програмата на шизофрениот „архитект“, зашто и таа, впрочем, беше „легална“ владина програма?

И токму за ова треба, и мора, конечно, да се чуе гласот на македонската култура. Сега, или – никогаш. Како што впрочем се слушна и волјата на гласачите на локалниве избори. Подобар сигнал од тоа – здравје! Се разбира, и културата има избор: може да остане еднакво молчалива криејќи ги гнидите во своите редови, но веќе утре нема да има кого да обвинува за состојбите. Веќе утре никој друг нема да им биде виновен. Ако оваа македонска култура не најде сила да се справи со криминалците во нејзините редови, ако тие и понатаму го цицаат културниот буџет за нивни идиотски „проекти“ повикувајќи се на некакви договори со бандистскиот режим, тогаш, утре, оваа култура нема да има право на глас. Затоа, сигналите што денес ги испраќа власта до македонската култура мора да бидат јасни, препознатливи и пред сè чесни и правдољубиви. Исти, впрочем, како и сигналите што се испраќаат до корумпираното судство и навестените во него реформи, до куртонизираните медиуми, до клиентелистичкото образование… до бескичмената бизнис заедница. И тие конструктивни сигнали ќе значат знак на почит на власта кон вистинската македонската култура, без оглед колку таа сега изгледа мала, немоќна, сè уште заробена од пулените на криминалната банда и нивните трабанти!

РЕЦИДИВИ

Зошто запнав со овие текстови за некои рецидиви, за (не)решавањето на некои состојби во културата, особено (не)расчистувањето со криминалот и неговите носители, со клиентите и пулените на груевизмот кои вешто се пресоблекуваат во од или си ставаат некоја од петпарачкине маски како „ремек-делото“ на нашиот Томче „Тинекс“ во неговото видео за Венециското биенале? Запнав токму заради тие причини, и многу други, а особено затоа што не научивме да учиме од искуството. А тоа, барем кај нас, е – драгоцено. Памети некој што ни се случуваше во културата во времето на претходното вемеро? Она на бандата на љубчовистите? Не, сигурен сум. Ги заборавивме и оние негови министри шарлатани? Едниот ќе се бореше со кичот, другиот ќе му подаруваше скулптури на светот и пошироко, третата дозволи трампа на дела со статус национално богатство небаре се пипер и патлиџан на пазар… само некои од нивните директори заглавија зашто премногу крадеа… главната трампаџика како гоооолем вмровски стручњак потоа се муваше во сите комисии и на пуфлата (впрочем, ене ја повторно, сега пишува за Мазев во Националната галерија на Македонија, заедно со библиотекарката!)… и уште еден куп други партиски војници кои работеа исклучиво според клиентелистички налози. И после, сите среќни и весели си се враќаа(т) на животот. Не знаеме дури ни дали онаа бараба што од (не)културен стана министер за одбрана одлежа за тоа парите, или не?! Е па затоа ни се случуваше и она во изминатите десет години, а и ова сега. Забораваме дека барабите се прилично умни и умешни, дека лажат и крадат со насмевка на лицето, дека шуруваат со црниот ѓавол но и господ Бог, дека се во состојба дур трепнеш да извлечат дете од мајчина утроба! И сите тие нивни марифети, и многу други, ги видовме во текот на изминатите десет-единаесет години. И сега треба да се правиме мутави, како ништо да не било? Но, да речеме дека и тоа не е така тешко, ама најопасна е нивната тивка и непречена, а очигледно и од многумина овозможувана, (повторна) инфилтрација во културниот систем – без консеквенци, без казни, без правда.

Апропо темата, не знам колкумина го гледале филмот „Државата против Фриц Бауер“, Германски филм, поучен, базиран на вистински настани во повоена (Западна) Германија во шеесеттите години на минатиот век. Што ќе рече: цели петнаесет години по Втората светска војна и падот на фашизмот/нацизмот. Ама не баш! Зашто Фриц Бауер е во тоа време државен обвинител бр.1, човек кој се бори да ги изведе пред суд (Auschwitz-Prozess) преостанатите нацистички главешини – меѓу нив и еден Ајхман – ама е принуден да води отворени битки со истите тие бивши нацистички моќници веќе инфилтрирани во сите пори на државниот систем, од тајната полиција до судовите итн. Впрочем, тоа и е причината зошто судењето на Ајхман се одржува во Израел, а не во Германија: бидејќи отпорот на нацистичките гаулајтери во германскиот систем го оневозможува Бауер да си ја врши работата, па тој е принуден тајно да го извести Израел за местото каде се крие Ајхман, за да потоа Мосад го киднапира и однесе на судење во Ерусалим.

Да, многумина ќе речат: каква врска има тогашна Германија и нацизмот со сегашна Македонија и оние „културнине“ криминалци? Па, можеби никаква. Или – секаква, ако човек сака да учи од историјата, туѓа, но и наша. И ако гледа што ни се случува. Но, уште еднаш, со што тоа нè задолжија таквите луѓе за да повторно им обезбедуваме профитерски ангажмани, повторно учество во културниот живот на државата која што тие (не само) еднаш ја изрезилија? Ако некого задолжиле, онака вистински, тоа беше бившиот режим. И за тоа беа солидно наградувани. Та зарем, оние двене спомнати погоре, инаку клиентки на двата вмронски режими, да беа некакви сериозни стручњаци, ќе прифатеа улога на чистачи на ѓубрето од ателјеата на партиските сликари и негово префрлување во депоата на Музејот на современата уметност, Националната галерија и неколку други институции? Зашто, извинете, но токму тие две беа „експертките“ во сите комисии на пуфлата кои ни ги наполнија институциите со кичест бофл вмровски „дела“. И сега, повторно, двете, како награда, ќе ни пишуваат за Мазев? Па згора и оној монументално посрамотенион лигав „професор“, инаку љубител на восокот од Музејот на македонскиот хорор?! Што му доаѓа на исто и со оние филмаџиките, за чијшто последен филм тројца еминентни македонски критичари напишаа најлоши можни критики, а ние повторно ги честевме со половина милион евра, за нов филм! Зошто? Затоа што и „Еуроимаж“ ги честел со стотина илјади бидејќи таму, сè уште, седи уште една ситна брбушка, приврзок на пуфлата? Па што не им ги дале сите пари, ако се толку добри? Што пак, повторно, му доаѓа на истото како честењето на госпожата лична „скулпторка“ на Ацета и семејството со место на Факултетот за ликовни уметности, онака, со уметничка биографија на празен лист хартија. И кога сум кај уметноста, а бидејќи веќе го спомнав оној „Тинекс“-Брекеров копирант, инаку наш овогодишен претставник во Венеција, а за чиј „проект“ македонски (но и странски) посетители пренесуваат дека бил резил над резилите во нашата понова уметничка историја, можеби треба и нему да му ги освежиме заслугите со некој нов проект, можеби некој нов споменик, колку да ги провериме уште еднаш неговите способности за copy-paste? А можеби го поднаучил и латинскиот (или беше каталонскиот, што би било актуелност пар екселанс?) јазик?

Е токму затоа ги пишувам овие текстови зашто вакви инциденти, да не речам скандали, ама баш воопшто не ѝ требаат на македонската култура. Доволни ни беа минатите. Дури и премногу. И македонската култура, сигурен сум, ќе преживее и без „творештвото“ на вакви гниди. И ред е шансата да се даде и на некој друг, барем на некој помлад, а ги имаме, доволно, и добри. Ги мерат улиците низ Македонија, или – се иселуваат!


СИМБОЛИКИ

Само што го завршив претходниот текст за рецидивите, се појави како одличен демант информацијата за преземените ургентни активности од страна на Агенцијата за филм и Владата на РМ во врска со „мега- серијата“ наречена „Македонија“ (а како поинаку, нели?!), а нарачана (не) се знае од кого, и со цена од чудовишни 4,5 милиони евра. Нешто како македонска „Игра на тронови“, само во сељачко-вмронска односно провинцијална варијанта, со акцент на она првото, се разбира, и со главна поента на уште едно отворено пљачкосување на државниот буџет. Зашто, извинете, ама кој лудак може да смисли такво нешто? Да, знаеме кој може, ама уште колку лудаци ја прифатиле идејата, па сценариото, па буџетот, па општествената оправданост…? Земља лудака? Се разбира. Потврдено и запечатено!

А посебно брилијантна е општествената и финансиската оправданост. Според зборовите на продуцентот, прво, од дистрибуцијата на серијата ќе се врателе, ни мање ни више, туку цели 200.000 долари, (што е помалку од 200 илјади евра)! Уууу, јеботе, каков математичар овој продуцентов, а богами и неговите финансиери – она приврзочено на пуфлата Бетка кое глумеше директорка на Агенцијата. И впрочем, токму тоа е прочуената вмронска математика, нешто по што светот уште долго ќе нè памети: дај 4,5 милиони евра, за да вратиш помалку од 200 илјади! И они тоа го кажуваат мртви ладни, онака као ние треба дури и да бидеме презадоволни, па уште и рацете да им ги бакнеме. И, као, дури ни прават услуга. Мечкина, се разбира, иста како онаа со „славното“ Скопје 2014, како и сите други нешта до кои се допреа. А се допреа до многу нешта, и до многу пари. И втората битна поента со серијата: таа ќе била прикажувана низ целиот свет! Ееееј, шта се баби хтило, то јој се и снило, вели една српска. Низ кој свет? Во Свазиленд, Лесото, Њуфаундленд…? Кого мисли дека замајува продуцентот? Или мисли дека вмроните се уште власт па сè ќе му помине?

Затоа, потегот на Агенцијата, и на Владата, се разбира, има (барем за мене) симболичен карактер, дури и ако ме демантира во одделни сегменти (континуитетот, непостапувањето, рецидивноста и слично). Дај боже да ги има повеќе, мислам вакви деманти. А впрочем, јас цело време само за тоа и говорам. Ако не повеќе, тогаш барем низ овие текстови. Зашто нам, на македонската култура, ни требаат вакви симболични гестови што ќе покажат дека некој нешто работи, дека некој превзема соодветни чекори, дека некому му е грижа за она што ни се случувало во минатото, но и денес. Зашто она барабине од филмот – не само „странците“, како во случајов – само чекаат успани и релаксирани од победата фактори, некој кој ќе заборави, или ќе биде присилен да заборави, што и како се случувало, што и како се случува, некој кој ќе се препушти на еуфоричното течение што води во – неповрат!

Не знам зошто никој (или само малкумина) не разбира дека нам ни се потребни, неопходни, токму такви симболики односно симболички потези: потези што потврдуваат дека некој мисли, презема дејствија, работи… во интерес на иднината на државата (и нејзината култура, во случајов)! И ни требаат многу повеќе такви потези, во културата особено, но и во генералната политика. Оваа влада не смее да остави зад себе непрочитани страници (како што вели Фрчковски). Или, уште полошо – погрешно прочитани страници! Едноставно, таа нема мандат за тоа. И во таа насока, и лошите потези стануваат симболични потези, но не на правдата туку на неправдата. И потегот со „Шител“ е таков потег, без оглед на сите можни дилеми и божемни оправдувања. Ако ние сега, или тие, сеедно, почнат да ги користат истите куртонски медиуми, пораката е јасна: тие добиваат признание, какво-такво, дека и до вчера си ја работеле работата, само за некоја друга власт, дека тие „новинари“ таму не биле платеници само на една страна туку можат да бидат и на другата… итн. Тоа е погрешна симболика, тоа се лоши пораки. Може да ги има, во брзањето, во првите денови, во еуфоријата, но тие тендираат веднаш да станат систем. Кога почнувате криминалецот да го употребувате за свои цели, без оглед колку се тие доблесни, ви се криминализира, сакала-нејќела, и целата идеја, структура, постапка! Некој мора да мисли (и) на тоа.

Истата вистина важи и за одолговлекувањето со очекуваните (од мнозинството) потези. Зошто, се поставува прашањето, не се преземаат од мнозинството очекуваните, дури посакуваните (симболични) потези? Зошто се затапува ударната игла на вистината и правдата? Зошто се продолжува со континуитетот на галењето на гнидите (во културата, ако не пошироко)? Таму каде што прибирањето факти и аргументи, како и неодминливите законски и други процедури наложуваат забавено дејствување – како на пример справувањето со шизоидното „Скопје 2014“ – просторот за недоумици е речиси минорен. Но, не сите ситуации, особено во културата, се такви, или толку сложени за да отсуствуваат дури (само) и симболични потези кои на јавноста ќе ѝ стават до знаење дека криминалната вмронска клиентелистичка ера е завршена. Ако истите луѓе повторно роварат и мешетарат, ако се повикуваат на некакви нивни (по правило измислени) заслуги за државата и нејзината култура и истите (повторно) се прифаќаат како факт независно од нивното криминално и клиентелистичко однесување и соработка со првенците на режимот, тогаш и тоа е лоша симболика, погрешна порака до јавноста дека (повторно) некои се амнестирани од одговорност. Та дури да се сите тие гниди и Пикасо и Орсон Велс „главом и брадом“ – а ние од таков формат личности немаме, за жал или за среќа – повторно ќе треба(ше) да бараме задоволување на правдата. Заради другите, заради целата култура која што тоа го очекува!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото