1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Конечно успеав да го завршам преводот на една од скорешните дебати на „Топ тема“. Тешко беше, к’о Шекспира да го преведуваш, но вредеше: такво фантастично (епик?) издание, гости угледни, универзитетски професори со говори и реч кои Аристотел и Цицерон би ги поздравиле. Во емисијата гостите покрај службениот јазик го користеа и „гугл-транслејт“ дијалектот. Се работи за дијалект кој географски потекнува од универзитетските кампуси и се наоѓа во голем број списи и записи, во кои најбројни се научни трудови и семинарски изработени со помош од интернет.
Денес сè почесто се користи како еден вид експертски дијалект, каде говорникот кој многу чита стручни текстови на англиски, постепено почнува да размислува на англиски, па кога зборува мора автоматски да преведува на локален јазик. При превод од овој дијалект оние зборови и синтагми за кои Гугл не може да најде соодветен превод, само се транскрибираат.
Да не должам, еве го и преводот кој, се надевам, ќе биде земен предвид за некоја пригодна дијалектна збирка како еден од првите преводи од овој егозтичен дијалект:
-„Тоа е пенетрирано во секоја од институциите“ - Тоа е навлезено во сите институции.
-„Ние сме одличен кејсстади“ - Ние сме одлична студија на случај.
-„Се разви цела една гранка која се вика информалити“ - Се разви цела една нова дисциплина, „неформалност“.
-„Вонинституционален паралелизам кој функционира на посебна трачница“ - Напоредност надвор од институциите која функционира на одделен колосек.
-„Тие се сржта, кернелот на политичкиот процес“ - Тие се јадрото на политичкиот процес.
-„Перцепција е дека сме земја со најмногу бенефит сикерс“ - Впечаток е дека сме земја со најмногу граѓани кои сакаат да го исползуваат својот глас.
-„Тие се она што се нарекува типинг поинт“ - Тие се она што се нарекува точка на прекршување.
-„Би сакал да се оградам од една емотивна инвестиција во коментарите“ - Би сакал да се воздржам од емотивност во коментарите.
-„Тие се инвестирале да не се кооптираат истите играчи“ - Биле настојчиви да не се врбуваат истите играчи.
-„Не сте сигурни дека албанските гласови се уантајмер“ - Не сте сигурни дека албанските гласови се еднократни.
-„Второто е квик ен дрти сценарио“ - Второто сценарио е „брзо и валкано“.
-„Ќе успее само со ботомап пристап“ - Ќе успее само со пристап оддолу-нагоре.
-„Беше пилар на собирање на граѓанскиот сектор“ - Беше столб околу кој се собраа граѓаните.
-„Дискурзивно се исфорсира приказната за наднационалност“ - Во јавниот говор се наметна приказната за наднационалност.
-„Омнипотентност и омнипрезентност на државата, таа квазиконзервативна парадигма дека државата треба сегде да се меша. Тоа би го нарекол субсидијарност“ - Семожност и сеприсутност на државата, таа лажна конзервативна вертикала дека државата сегде треба да се меша. Тоа би го нарекол подредливост.
-„Тоа е дисфункционална сфера“ - Тоа е подрачје кое не функционира.
-„Инклинирам повеќе кон овој либерален спектар на идеологии“ - Приклонет сум повеќе кон либералните идеологии.
-„Прв индикатор за таква полиси грешка беше законот за високо образование“ - Прв показател за таква грешка во водење политики беше законот за високо образование.
-„Ми текнува на еден никогаш необјавен напис“ - Се присетив на еден необјавен напис.
-„Реобмислување на македонската политичка историја“ - Преосмислување на политичката историја на Македонија.
-„Не можат да стојат на урбаните пилари“ - Не можат да стојат на граѓанските столбови.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Cyril Oz