1019 hPa
65 %

5 °C
Скопје - Вто, 18.03.2025 03:59
Чувај се, Шпанијо, од самата себе!
Чувај се од српот без чекан,
и од чеканот без срп!
Чувај се од жртвата, наспроти нејзе самата,
од крвникот, наспроти нему самиот,
и од рамнодушниот, наспроти нему самиот!
Чувај се од оној којшто, пред петелот да запее,
три пати ќе се откаже од тебе,
и од оној кој потоа се откажа од тебе три пати!
Чувај се од черепите без цеваници,
и од цеваниците без черепи!
Чувај се од новите богаташи!
Чувај се од оној што ги јаде лешевите твои,
којшто на твоите живи им ги ждере мртвите!
Чувај се од приврзаниот сто насто!
Чувај се од небото над воздухот,
чувај се од воздухот над небото!
Чувај се од оние што те сакаат!
Чувај се од твоите херои!
Чувај се од републиката!
Чувај се од иднината! ...
Превод: П. В.
Сесар Ваљехо (César Abraham Vallejo Mendoza, 1893‒1938) ‒ Перуанец, латиноамерикански поет и писател со индијанско потекло. Пишувал проза, поезија, драми, есеи, а важна е и неговата новинарска работа (хроники и статии). Работел и како наставник. Од политички причини млад ја напуштил својата земја и продолжил да живее во изгнанство, најчесто во Париз, иако патувал во СССР, Шпанија итн. Измачен од немаштија и талкање умрел во некоја болница во Париз.
Неговиот несреќен живот е основниот тон на неговата поезија, која е сува и огнена, полна со опсесии и глад по животот. Во нејзе се мешаат меланхоличните враќања кон родниот крај и детството, со гневот на избркан и понижен човек, болната радост со дивиот лелек, нежноста и ужасот. „Таа душевна растрганост на неговата поезија ѝ дала исто толку растргано и немирно јазично ткиво. Оригинален, храбар, дрзок, градеше стихови од луди слики и сакати ритмови. Грубите, физички страдања ги искажуваше со груби зборови од секојдневниот живот.“ (Никола Миличевиќ) Бил убеден марксист и левичар.
Поважни збирки: „Црни гласници“, 1918; „Човечки песни“, 1939; „Шпанијо, овој горчлив путир нека ме заобиколи“, 1939.