А правда за „нашата банда“?

07.11.2017 01:17
А правда за „нашата банда“?

Група од неколку дузини бандити од Косово, најверојатно во соработка со помала група бандити на власт од Македонија (за тоа, малку подолу), во мај 2015 година изведоа вистинска мала дводневна војна во кумановското „Диво насеље“. Резултатот беше регионална безбедносна драма од средни размери, покрај големата национална безбедносна драма со неколку десетици мртви и ранети на двете страни. Како што е познато, загинаа и осум македонски полициски специјалци.

После две ипол години притвори и судења, минатата недела се изрекоа казните за бандитите од Косово: многу доживотни и многу други долги затворски казни.

Еден од нивните адвокати (паметен човек, инаку) вели дека казните биле престроги, драконски, бидејќи осудените не биле териристи… Е, што биле? Па, биле изманипулирани со „политичка заднина“, а и не убиле цивили… А кој вели дека тероризмот е насилство – секако изманипулирано со „политичка заднина“ – кое се спроведува неопходно против цивили? Ама, вели одбраната, тие биле наивни, овде ги наместиле, ги измамиле…

А што не те измамат тебе, прво да нападнеш некоја косовска гранична караула, од таму да земеш еден тежок митралез, да обесиш ракетен фрлач на рамо и да наредиш десетина бомби за појас и, со уште 30-40 души вооружени до заби како и ти, да отидеш во некое предградие на Приштина и таму, без разлика кој-што те лажел и колку пари ти дал или ти ветувал, да распалиш по косовските полициски специјалци, да убиеш осуммина од нив и да раниш преку триесет други службени лица? Дали албанскиот суд во Косово тоа нема да го третира како тероризам?! Уште, во судот да извикуваш „Косово е Србија!“, а и кога ќе ти ја читаат пресудата, со трите четнички кренати прсти да ѝ мафташ на судијката пред нос…

Тешко дека Кривичниот суд во Приштина ќе има адекватно разбирање за твојата наивност и ќе ти суди според кривичните дела за криволов и за „пукање на свадба“, а не за тероризам. Но, ако косовскиот суд те осуди „драконски“, ќе собереме неколку автобуси демонстранти од Македонија и од Србија и ќе одиме во Приштина да протестираме заради пресудата и ќе извикуваме „Србија, Србија!“ пред зградата на косовската влада, ќе запалиме две-три албански знамиња и ќе бараме меѓународна судска арбитража…

Со или без иронија, до тука, работата е прилично јасна.

Прашањето, се разбира, е зошто не ѝ се суди на „нашата банда“? Зошто Јавниот обвинител и Судот не ги интересира – а, по закон, БИ МОРАЛО – да ги открие СИТЕ вмешани во овој терористички чин, да го расчисти нивниот мотив, кој бил инспиратор, ко-организатор, веројатен финансиер и, конечно, кој имал дијаболичен политички, материјален или друг интерес од овој криминален, терористички чин? Зошто македонското Обвинителство и Суд ова не ги интересира?

Како може да нема адекватна истрага за кумановскиот инцидент на „македонска“ страна? Сите индиции покажуваат дека истите луѓе – ИСТИТЕ! – потоа го организираа обидот за државен удар во април годинава во Македонското собрание. Кој вели дека тие луѓе (сите се на слобода), повторно, нема идната недела, или идниот месец, пак нешто да организираат против стабилноста и уставниот поредок на државата? Да не им фалат пари и други ресурси? Да не немаат мотиви и други мрачни интереси? Да не им фалат доволно будали на располагање?

За да се избалансира вториот дел од проблемов, со оној првиот, судски затворен на погоре опишаниот начин, склон сум да се согласам со барањето за некаква меѓународна кривична арбитража во овој случај, бидејќи македонското правосудство НЕ Е СПОСОБНО, не на експертско, туку на политичко ниво, да изведе коректен истражен и судски процес.

Или, можеби, Апелација ќе собере храброст (оти знаењето не е спорно) и ќе го врати судскиот процес на почеток, па да се дознае кој, кога, како и зошто го инспирираше, го испланира и го егзекутира Кумановскиот инцидент?

Само, „албанскава страна“ што сега бара странска судска арбитража мисли дека, ако се открие и „македонската страна“ на инцидентот, конечните пресуди за сите би биле значително помали… А јас мислам дека, напротив, ако се докаже нивната вмешаност, и за „македонската страна“ треба да следуваат и доживотни робии, според „заслугите“. И тоа сите да се сместат во истото затворско крило во Идризово.

Извор: civilmedia.mk
Фотографии: Томислав Георгиев

ОкоБоли главаВицФото