Јавните расправи и одговорноста на власта

07.11.2017 11:20
Јавните расправи и одговорноста на власта

Македонците потонаа во бескрајни дебати. Сексот и поезијата, дури и џезот и алкохолот или ракометот и спортот воопшто, престанаа да го привлекуваат вниманието на овие питоми луѓе и тие масовно, речиси без остаток, решија да го посветат остатокот од своите животи во расправи за дизелот, за пием честичките, за пушењето, за здравствениот систем, за даноците, за тоа кој треба да биде уапсен, за кадровските решенија на сите можни позиции, за Хигсовиот бозон и за Aјнштајновата теорија на закривениот простор/време, за независноста на Каталонија и за нуклеарните глави на Северна Кореја, за бронзените коњаници што треба да бидат убиени...

Анализите на сателитските снимки покажуваат дека ова пореметување е резултат на неколку фактори од кои стручњаците издвојуваат четири: ослободувањето од злосторничкиот режим на ВМРО, убеденоста дека граѓаните ја извојувале таа победа или дека ѝ го дале главниот белег, доктрината на победничката партија за отвореност и транспарентност при решавањето на сите прашања и, конечно, чувството на вина кај граѓаните за бесрамното молчење за време на груевистичката диктатура во комбинација со интенцијата да надоместат во тој поглед што може да се надомести со дебати за сè и сешто.

Убаво.

Јас имам неколку ситни забелешки:

Прво, јавните расправи за проблеми за чие решавање се бара стручност, решителност и категорична политичка волја, се чисто губење на време и начин ситуациите да се влошат, а не да се исправат и подобрат.

Второ, јавните дебати и нивните ориентации или дезориентации, не смеат да бидат алиби за нерешавање на проблемите или за погрешно решавање на проблемите од страна на надлежните инстанци ако појдеме од претпоставката дека тие инстанци се стручни и одговорни во смисла на општите работи.

Трето, ниту една јавна расправа не може да ја надомести нестручноста, безболноста или зловолноста на лошата власт која треба да се смени, одосно дебатата треба да се сконцентрира на потребата од промена на оние кои решаваат, а не шупелките да се пумпаат со нови идеи.

Четврто, јавните расправи какви што сега се одвиваат во Македонија, можеби сè уште можат да се третираат како позитивен изблик на една до скоро запретана енергија, но многу бргу ќе се претворат во растурање на општествената моќ во безброј безвезни теми и дилеми.

Петто, ваквите јавни расправи можат некое време да говорат за демократските капацитети на властите, но многу бргу ќе се претворат во фактори кои ќе ја оспоруваат власта и нејзината решителност и моќ да решава, што е катастрофа за секоја власт.

Шесто, одговорност на власта не е да ја спречува јавната расправа туку да најде начини и форми да ја фокусира, да ја извлече од фазата на општото трабуњање и да ја претвори во полигон од кој ќе собира добри и паметни идеи.

Седмо, само решителноста која произлегува од јасната визија и доктринарната методологија на власта, од квалитетниот консалтинг, може да ја фокусира општествената енергија на продуктивен начин.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Лоренцо Грити