Лондон – чиј град?

07.11.2017 17:35
Лондон – чиј град?

 

Катастрофата во Грeнфел јасно ги илустрираше крупните последици на идеолошкото определување дека регулацијата на станбениот простор треба да оди по скратен пат и таа да се спроведува што поевтино, што и доведе до вградување запаливи материјали во фасадата на зградата. Затоа многумина, после бесот и болката заради губењето животи (настрадаа околу 80 луѓе), ги доведуваат во прашање политичките и економските одлуки наметнати со ваквите евтини решенија. Со право се чини дека сиромашните се помалку важни во градот кој се управува во интерес на побогатите.

Намалувањето на средствата за потребите на локалните самоуправи и јавните услуги и бирократските компликации во врска со здравствената и безбедносната регулација, здружени со сериозните општествени нееднаквости, создадоа катастрофа со крупни политички последици. Зградата се наоѓа во Кралската општина Кенсингтон и во Челси, инаку изборна единица која на изборите првпат доби лабуристички пратеник, со разлика од 20 гласови, и тоа првенствено заради станбените прашања.

Општината имаше буџетски суфуцит и нудеше враќање на општинскиот данок додека, од друга страна, одржувањето на јавните згради и станови го спроведуваше колку што е можно поевтино. Нееднаквостите во Лондон се најочигледни во општествената географија на внатрешните области на западот од градот, каде јавните станбени комплекси претставуваат пресудно и пристапно станбено решение за оние кои немаат приходи или приходите им се мошне мали; и сето тоа покрај недвижности во вредност од по неколку милиони фунти, благодарение на инфлаторните операции на офшор инвестицискиот капитал и богатите купувачи.

Социјалната непогода во долгата експозиција, попозната како штедење, е вистински демиург на изгорената зграда како видлив симбол на суровите политички одлуки од минатата деценија. На луѓето им беше јасно дека сиромашните се помалку важни и дека поминаа лошо во поглед на социјалната и животната заштита; на некои им изгледаше дека несреќата можеби е и дел од планот општината да се ослободи од неугледните евтини станови и нивните сиромашни корисници. Затоа трагедијата во Гренфел беше одлучувачки момент во напорите на нестабилната влада да формира владејачки сојуз, во контекст на неостварените ветувања за поагресивен пристап во однос на преговорите за Брегзитот.

Се менува расположението во Лондон и кај неговите жители – завладеа чувство дека се отвораат нови можности кои можеби ќе доведат до посериозни промени на следните избори, со оглед на поголемиот ангажман на младите и новиот углед на лабуристите на Корбин. Сите се прашуваат за кого работи Лондон, а одговорот не е: за капиталот. После несреќата во Гренфел следеа повици за вложување и реконструкција на квалитетно, но пристапно домување, како и укажување дека јавните вложувања се сè помали и дека вистински проблем е суровиот однос спрема градската сиромаштија, а не јавните станови.



Огромните нееднаквости

Повеќето постоечки и идни солитери во Лондон не се во јавна сопственост. Повеќе од 400 облакодери или се градат или ги добиле неопходните градежни дозволи, а речиси ниеден нема да има пристапни цени. Мал дел од нив спаѓаат во јавното домување. Во раскажувањето за длабоката нееднаквост и станбените проблеми во Лондон, приватните проекти од ваков вид се знак за социјалната поларизација на градот и неспособноста како на државата, така и на пазарите да ги задоволат општествените потреби. Таквите станови се наменети за глобалната елита и делуваат како потрошна средина која, во многу случаи, најдобро служи за мирување на парите. „Заедницата“ која ја замислуваат престижните архитекти и агентите за недвижности е само продавање приказни на флуидната класа инвеститори и богати. На какви дроги и да биле проектантите од златниот станбен блок околу електраната Батерси, неспорно е дека поттик им бил знакот на фунтата, а не летечкото прасе на омотот од албумот Animals од Пинк Флојд. Многу проекти по должината на Темза се пародија и привид на заеднички живот. Тоа се мртви простори и населби, чија безживотност е клучна за реализација на што поголема разменска вредност; затоа нивната станбена вредност е од помало значење. Прашањето кој има најголема корист од тоа постојано ги нервира менаџерите и политичарите.

Положбата на Лондон како светилник за најголемите светски богаташи не е добра вест за сите останати. Кога почнаа добрите времиња, почнаа и агресивната џентрификација, иселувањето потстанари, рушењето десетици јавни згради, реформи во социјалата и преместување на цели домаќинства. Можеби вложувањето и уништувањето се во врска; во рамки на дискусијата за Брегзитот, лондонската елита не се осврна на потенцијално негативните последици од меѓународните инвестиции.

Општествениот мислител Ерих Фром можеби им е несвесен пример на инвеститорите и менаџерите, бидејќи се занимавал со фокусот на нашата култура на стварите наместо на луѓето, односно на „да се има“ наместо „да се биде“. Нему нашата желба за безживотните ствари му била знак за некрофилска култура, фиксирана на негирање на смртта и трагање по светкави предмети. Дали лондонската скапоцена панорама е последица на урбаната политичка економија подредена на нагонот на смртта на капиталот и на незаузданите глобални стратегии за акумулација на класата на богатите?



Празните ентериери

Во Анатомија на човечката деструктивност (1973), Фром ја дефинира некрофилијата како желба за мртвото, односно како механички интерес од онаа страна на општествената или човечката поврзаност. Затоа делува дека тоа е и соодветна рамка за љубовта спрема безживотните ствари кои ја покажуваат најбогатите луѓе во светот. Сопственоста е знак за личен развој и статус, иако останува сосема или делумно неискористена. Маркетиншките материјали за многу проекти прикажуваат празни ентериери од кои се истакнува погледот на градот. Потенцијалните купувачи можат да се замислат како страшни управувачи на градот кои се над заедничкиот живот и непријатните социјални разлики.

Тоа и не би било толкав проблем ако таквите безживотни простори не се штетни за социјалниот живот на градот. Големиот прилив на странски капитал ја поттикнува логиката за градење за потребите на богатите и странските вложувачи. Таквите инвестиции го намалуваат легитимитетот и клучната улога на јавните станови зашто последниве се претставуваат како непотребни јавни трошоци во контекст на многу подобри понуди. Пошироката општественост на градот изумира со изумирањето на протокот и циркулацијата на луѓе во делови од урбаното тело кое го поседуваат отсутни сопственици. А, над сè се издигнува политичкиот систем за кој положбата на градот е одредена од имањето или немањето богатство наместо неговото создавање и широката распределба.

Кој сака да го види тој процес на акумулација и празнина во живо, би требало да се прошета во комплексот One Hyde Park или покрај низата празни куќи во авенијата Бишопс северно од Хампстед Хит. Многумина се грижат за цените на домувањето и неговата оскудица во Лондон токму затоа што гледаат дека натпреварувањето за тие ресурси го следи еден пејзаж празни школки кои би требало да бидат нечиј дом. Ретко е голем процент приватни станови некогаш (или никогаш) да бидат некогаш наеселни, а исто така исклучителен број луѓе на општинските листи на чекање се упатуваат надвор од својата општина или дури надвор од градот (околу триста илјади семејства и натаму се на листите на чекање за добивање јавни станови во Лондон). На јужниот брег на Темза можат да се видат нови облакодери кои како да се ни на небо ни на земја – иако се нови и сјајни, во исто време потсетуваат на матните градежни работи и системот на домување кој не ги следи потребите на обичните жители на градот.

Впечатокот дека градот е поделен на несомнени победници и губитници отвора важни прашања. Ако го прифатиме аргументот дека стопанството и населението имаат корист од таквите инвестиции, тогаш новите облакодери би биле оправдани. Сепак, тоа се неубедливи аргументи. Токму оние што имаат политичка и економска моќ ги сметаат недвижностите и финансиите за двигател на растот на животниот стандард и углед.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан тргна во малку поинаков правец кога ја започна истрагата за бројот ненаселени станови во сопственост на офшор инвеститори. Едно неодамнешно истражување преку сметките за комуналии се обиде да ги „фати“ становите со необично ниска потрошувачка на струја и утврдило дека околу 21 000 станови се празни долгорочно. Според податоците на државната статистика, околу 5 проценти од становите во централен и западен Лондон не се користат.

„Тајната јурисдикција“

Непристрасни групи исто така истакнуваа криминално и анонимно купување на илјадници станови и куќи.

Шефот на Националната агенција за криминал изјави дека парите од криминалните текови ги зголемиле цените на недвижностите во Лондон и дека купувањата во вкупен износ од неколку стотици милиони фунти се под кривична истрага зашто се сомнева дека парите се стекнати противзаконски, иако впрочем и ова претставува само дел од сè. Транспаренси интернешенел откри дека околу 10 проценти од недвижностите во општината Кенсингтон и Челси, каде се случи несреќата во Гренфел, се поседуваат со посредство на механизмот на „тајна јурисдикција“ кој е во врска со вкупно 122 милијарди фунти офшор пари. Даночните власти и не истражуваат многу од тие случаи, иако тие средства и тоа како би им биле добредојдени.

Една од најголемите неправди е во тоа што луѓето од важните дејности, па дури и оние кои имаат солидни приходи, мака мачат да дојдат до пристојно домување, а Лондон гради илјадници станови за луѓе кои никогаш и не живеат во нив.

Колку е дисфункционален системот на планирање кој не ја доведува во прашање изградбата на блокови со стотици станови во кои гарсоњера чини над 600 000 фунти, а неколку достапни станови во јавна сопственост се третираат како закана за пазарната одржливост? Има докази дека проектантите и консултантите за планирање се трудат да ја избегнат обврската да понудат евтини станови или да им уплатат пари на локалните власти. Критичарите се погласни од година в година, но дури од неодамна настапи можен и сè посилен бес, иако успешен отпор за овие појави и натаму нема на видик.

Населението на целата лондонска општина – сочинета од 32 локални општини и речиси два квадратни километри од Сити – во 1951 година изнесувало 8 164 416 луѓе, кога истовремено е и достигнат врвот во населеноста (и во Лондон и во другите британски градови). Меѓутоа, до 1981 година и владата на Маргарет Тачер, бројката паднала на 6 608 513 заради економските промени и емиграцијата од големите градови во предградијата. Сега веќе не е лесно да се сетиме на ерата во која центрите на британските градови биле места на економска стагнација, социјално пропаѓање и емиграција.

Последниот попис од 2011 година покажа дека Лондон таа година имал најмногу жители: 8 173 900. Сепак, овој привидно позитивен демографски факт ги прикрива крупните промени во економската структура на Лондон и жртвите кои се направени во станбениот сектор. Како што Лондон станувал еден од центрите на светските финансиски текови и, во таа смисла, ја менувал својата економска организација, сè повеќе делови од градот трпеле големи промени во правец на џентрификацијата.

Денес Лондон се соочува со неизвесна иднина. Стопанската надмоќ во глобалниот систем на урбаните центри на моќ се повлекува пред несигурноста во поглед на иднината на градот, зашто постои шанса финансиските институции да се преместат на друго место. Напорите да се сочува кокошката што носи златни јајца, иако од неа работничката класа од Лондон нема голема корист, стануваат уште поизразени во контекст на Брегзитот.

Сето тоа му дава поттик на капиталот да си ги присвои и земјата и небото, со проекции дека бројот на супербогатите во Лондон значително ќе порасне. За критичарите на градењето кое е наменето исклучиво за странски инвеститори се зборува дека немаат допир со реалноста на светскиот пазар. Па, сепак, дури и трговијата со врвни недвижнини станува сè понеизвесна со Брегзитот и ризикот главните финансиски институции да одат во други градови, што предизвикува пад на обемот на трговијата на врвот од пазарот. И покрај тоа, прашањата за социјалната нееднаквост и исклученоста се од второкласно значење за владата која прави сè за да привлече купувачи и институции за да го одржи избалансираниот буџет.

Лондонските патриции уште одамна сфатија каде се парите. Оние кои некогаш беа естаблишмент денес станаа водачи на капиталот и продавачи на ценети имот и производи. Меѓународната класа богаташи доаѓа по финансиските услуги, го поттикнува градењето и отвора работа за декораторите и дадилките и е подготвена да ги плати таксите и даноците од продажба на недвижности (или тоа упорно го избегнува).

Експертите за недвижности и волшебниците за финансии изработуваат мегаломански проценки за тарифите, даноците и регулаторните потези да ги прекинат тековите на капиталните инвестиции. Можеби тоа сега е вистина, но не беше така до пред само две години кога беше можно да се продаваат станови од десет милиони фунти пред тие да бидат изградени. Системските проблеми што ги откриваме денес ќе ги загрозат интересите на сиромашните и работните класи во Лондон, затоа што последователните влади не беа во состојба да извлечат повеќе од присуството на богатите пред рецесијата. Ако во претходната деценија се држевме за ауспусите на богаташките автомобили „мазерати“, во деновите што доаѓаат ќе мора уште поцврсто да се фатиме. Секако нема да сакаат да ни дадат повеќе.

Ахиловата пета на Лондон

Предноста на Сити е Ахиловата пета на цел Лондон. Иако економската улога на Сити се сфаќа добро, ризична е неговата превласт во урбаната економија. Секој економски географ ќе каже дека главниот проблем на секој град кој зависи од една економска гранка е тоа што може да изумре кога ќе се променат околностите, најпрвин заради конкурентите. Тоа се случи во Глазгов, Шефилд, Бирмингем и многу други градови; Лондон можеби ќе изгуби од Даблин, Париз или Франкфурт.

Аналитичарите во моментов се прашуваат колку банкари и институции ќе го напуштат градот после Брегзитот, а одговорот на тоа веројатно е: илјадници. Дури и ако банките не се толку мобилни како што се валутите или услугите што ги продаваат, постепената или делумна евакуација во текот на повеќе години останува реална можност.

Во добрите времиња пред референдумот за Брегзитот (следете ме ако сте биле на листа за чекање или повеќемина сте живееле во изнајмена соба или ако штедите за учество), ни беше кажано да не го чепкаме пазарот за да се зачува окружувањето со ниски даноци кое на странскиот капитал му овозможува да направи нешто добро за Лондон. Со оглед на опасностите за лондонската економија кои произлегуваат од Брегзитот, тоа само се засили, дотолку што Лондон сега би можел да постави и голем неонски знак со зборовите „Се продава“. Многу имот сега е во посед на странски фондови или поединци (Harrods, The Shard, Харви Николс).

Најголем дел од деловниот простор во Слоун стрит е во посед на катарски инвестициски фонд. Тие промени ги илустрираат и промените во класите и вкусовите и го рефлектираат поместувањето од племството и земјишното богатство кон сè поголемиот слој на оние кои се победници во глобализацијата и кои имале корист од управувањето со државен имот или од врските со меѓународните криминални операции. Нивната дрскост и суровата моќ на парите кои ги поседуваат може да се мери само со омразата што ја чувствуваат последните „вистински“ жители од западниот дел од центарот на Лондон кои не сфатиле на време дека другите припадници на нивната класа први поставиле табли „Се продава“.

За парите е, глупчо

Наједноставниот одговор на сите прашања за проблемите на Лондон се парите. Парите се причина зошто нашата политичка елита не му посветува внимание на офшор и криминалното купување недвижности, без оглед на тоа колку е матен изворот на тие пари. Парите се причина зошто јавните станови се рушат во име на „достапно“ домување. Парите се причина зошто џентрификацијата е нешто добро и зошто на посиромашните ќе им биде подобро на некое друго место. Парите се причина за ниските даноци и несмасните регулативи.

Парите се причина за мртвиот простор по должината на Темза, но и на други места. Лондон, обликуван според овој принцип како водечки, станува налик на обратна крофна: во центарот се скапите станови и облакодери, а во прстенот околу центарот предградија во распад со сиромашни жители. Лондонската амбиција за светски углед се темели на населување убедливо најголем број најбогати членови на елитите во однос на кој било друг град: нив ги има 4 750, а 80 од нив се милијардери. Удирањето в гради со тој факт е слаба девиза за градот кој станува машина за сортирање економски прилики и богатство: богатите влегуваат на една врата, а сиромашните излегуваат на друга, како нужни жртви на градот со кој владејат недвижнините и финансиите.

Мртвите домови на Лондон се последица на незаузданите пазари и сеопфатната реконструкција на градот. Сепак, би требало да сфатиме дека за многумина правецот во кој се движи лондонскиот градежен пазар е суштински исправен. Новиот директор на фирмата Zaha Hadid Architects, Патрик Шумахер, отворено ја соопшти вредноста на одредени практики кога предложи да се поплочи Хајд Парк, да се укине социјалното домување, а на пазарот да му се дозволи да одредува кој каде ќе живее. Шумахер не ги процени добро ставовите на најшироката публика (градоначалникот на Лондон, Садик Кан, им се спротивстави на тие идеи), но таквите мислења се преовладувачки кај оние чии животи ги подмачкува капиталот.

Во меѓувреме, заштитата на јавните станови, ублажувањето на тешката сиромаштија во богатиот град, намалувањето на регионалните нееднаквости и грижата за старите се сметаат за проблеми за кои нема пари зашто претходната влада си ги пружила нозете повеќе од чергата. Шансите да се доведе во прашање општиот правец во кој се движат Лондон и неговата политика делуваат занемарливо мали.

Пред дваесетина години беше направен телевизиски скеч во кој „Ritz“, еден од најлуксузните лондонски хотели, му беше продаден на извесен олигарх. Олигархот му соопштил на персоналот дека нема да има поголеми промени, но дека има само едно барање: името да се промени во „Tits“.

Таквите нешта станаа сосема замисливи. Културниот шок и сударот на капиталот со секојдневниот живот станаа одлики на градот кој едвај да му е на услуга на своето работно население. Луксузот и расфрлањето сега се главни особини на ријалити телевизиите во емисиите за супербогатите, нивниот вкус и барањата кои ги гледаат милиони. Знак на успех е она што не е потребно – повеќе, поголемо, посјајно, попразно.

Извор: Le Monde Diplomatique

ОкоБоли главаВицФото