1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Скриена зад црквата Свети Марко (York Minster), огромна катедрала со славни средновековни витражи, која доминира со пејзажот на овој среднојоркширски град, се наоѓа улицата од калдрма во која е сместена неформалната берза на работна сила, на отворено. Секој ден пред паузата за ручек, тука се собираат куририте на интернет компанијата за нарачки на храна, во препознатливите зелено-црни униформи. Тука ги паркираат своите велосипеди и скутери, седат на клупите и разговараат, гледаат во мобилните и чекаат некој некаде да нарача храна од соседните ресторани и кафеа. Кога ќе стигне нарачката, еден од нив оди да ја изврши испораката во замена за малку пари. Потоа се враќа на клупата и продолжува да чека.
Денес, многумина во Британија се препознаваат во луѓето што работат за компании како што е „Deliveroo“. Возачите на такси службата „Uber“, на пример, многу добро знаат како изгледа неизвесноста на повремените возења кои ги добиваат преку интернет апликација. Уште повеќе луѓе работат по договор, без работни часови, тоа се работи како монтирање полици, келнерство или грижа за стари луѓе. Според податоците на Канцеларијата за национална статистика, околу 900.000 работници се ангажирани со договор без работни часови. Секоја работна недела тие ја започнуваат без да знаат колку работа ќе имаат и колку пари ќе заработат.
Овој вид неформално вработување е причината што стапката на невработеност во Британија не растеше неконтролирано по финансиската криза во 2008 година. За разлика од тоа, пред околу 100 години, во времето на неизвесните 20-ти години на минатиот век и Големата депресија во 30-тите години, невработеноста редовно се качуваше на повее од 10 отсто. Во најтешките моменти растеше и преку 20 отсто, додека вистинските стапки, оние што ги вклучуваат и луѓето што се надвор од процесот на трудот, но не се официјално регистрирани како невработени, беа уште поголеми. Невработеноста како сериозен проблем се појави во во текот на 80-тите години кога изнесуваше 12 отсто во текот на првите години од власта на Маргарет Тачер, за на крајот на деценијата да изнесува 7 отсто. Наспроти тоа што станува збор за едно од најбавните економски заздравувања во историјата, изминатата деценија невработеноста не растеше премногу. По врвот од 8,5 отсто во 2011 година, сега е под 4,5 отсто.
Конзервативната влада што е на власт 7 години тврди дека намалувањето на стапките на невработеност се доказ за успешноста на нејзините мерки за штедење. Пред финансискиот крах, колапсот на банките и заканите од празни банкомати, Дејвид Камерон, Џорџ Озборн и нивните колеги тврдеа дека во Британија премногу неработници уживаат во социјалната помош додека другите напорно работат за да ги издржуваат. Намалувањето на бенефициите би решило многу од проблемите: неработниците би се вратиле на работа, јавните давачки би се намалиле, а економијата би се подобрила.
Овие тврдења не се сосема точни, токму како и статистиките за невработеноста во Британија. Милиони луѓе едвај „составуваат крај со крај“ како што вели премиерката Тереза Меј, а многумина живеат и полошо од тоа: од март 2016 до март 2017 година, „Trasel Trust“, најголемата британска народна кујна, поделила повеќе од милион тридневни следувања на храна за луѓе во неволја. Истовремено, како што известува Гардијан, британскиот долг се вратил на нивото од пред финансискиот крах, со долг по домаќинство од 150 отсто во однос на 2015 година. Овој долг е поттикнат од малиот или никаков пораст на заработката, инфлацијата на цените на недвижностите и благодарение на историски ниските каматни стапки, достапноста на кредитите за купување на добра, како на пример, автомобили. Но, најголем проблем за 8,3 милиони луѓе кои живеат со неконтролиран долг е како да дојдат пари за голо преживување.
Според некои автори, најголем дел од економската несигурност потекнува од промените низ кои минуваат економиите на западните земји. Таа несигурност е главна причина за популарноста на мотото „Врати ја контролата“ на движењето за Брегзит на референдумот за излез на Британија од ЕУ. Традиционалните начини на работење и инвестирање се истиснати од страна на новите и моќни сили. Се фаворизира економијата на привремена работна сила, како во фирмите „Deliveroo“ и „Uber“, кои со помош на дигиталите технологии го трансформираат бизнисот и добиваат нови корисници. Ослободени се огромен претприемнички индивидуализам и флексибилност, а ние само треба да фатиме чекор со промените.
Проблемот со овие аргументи е што веќе бевме во истата ситуација. Жителите на британските градови како Јорк и пред повеќе од сто години гледаа како работниците во редица чекаат за работа. И денешните работници се болно свесни за несигурноста на привремените и лошо платени работи. Иако можат да ја најдат секој ден, секогаш постои можност некоја повреда или болест да ги спречи да заработат. Наспроти волјата да работат, привремените и повремените работници тешко составуваат крај со крај. Иако официјалните бројки за невработеноста тоа не го покажуваат, тие луѓе се во постојан ризик од долгови и оскудица. Поранешните генерации на овие проблеми одговорија со државата на благосостојба. Меѓутоа, последните влади токму државата на благосостојба ја означија како главен виновник за сегашната состојба во општеството.
Овие проблеми се вкоренети во доцниот 19-ти и раниот 20-ти век, во периодот на исчезнувањето на државата на благосостојба. Гледано од правен аспект, таа на почетокот била фокусирна на конкретен проблем: од 1800-та година многу работници немале редовни и сигурни плати во текот на целата година. Се сметало дека овие проблеми на пазарот на труд предизвикуваат сиромаштија, оскудица, незнаење, невработеност и болести – „петте големи зла“, како што ги нарекува економистот и социјален реформатор Вилијам Бевериџ, во неговиот познат извештај „Социјалното осигурување и сродните служби“ од 1942 година. Училиштата, болниците, социјалните станови и бенефиции за невработените се само некои од карактеристиките на модерната држава на благосостојба. Со укинувањето на овој институт дојде до повторно појавување на проблемот што владите се обидуваа да го решат пред повеќе од еден век.
Државата се збогати за време на индустриската револуција благодарение на финансискаа моќ на банките, производната моќ на северна Англија и ентузијастичкото прифаќање на слободната трговија. Но сиромаштијата не исчезна. Законот за сиромашни од 1601 година, донесен при крајот на владеењето на Елизабета прва, гарантирал помош за сиромашните каква што не постоела кај другите европски нации. Но, во 1860 година, група влијателни реформисти, подоцна наречени модернизатори, ги промениле условите за остварување на помош. Висината на помошта не смеела да биде повисока од платата на најмалку платените работници, а помошта била достапна само за оние кои живеат во куќите за (принудна) работа: мрачни, влажни места каде добивале бедна униформа и биле присилувани на тешка физичка работа во замена за засолнише и малку храна.
Целта на модернизаторите била да се направи толку застрашувачки закон за сиромашните, за да само најочајните меѓу нив бараат помош од државата. Но во реалноста, во последните децении на 19-от век, стотици илјади луѓе годишно, а тоа е популација колку Ливерпул, и натаму се потпирало на законот за сиромашни. Нивниот број бил поголем отколку сместувањето во куќите за работници, па локалните власти им делеле помош во пари и храна, како пред 1830-тите години. Кои биле тие луѓе и зошто и натаму барале помош?
Бродскиот магнат Чарлс Бут во 1886 година спровел анкета и собрал информации за лондонските сиромашни квартови. Жителите на Лондон ги поделил во категорија по основа на нивните примања и, што денес е контроверзно, според навиките и однесувањето. Резултатот ги шокирал неговите читатели од средната класа: 30 отсто од популацијата на Лондон не била во состојба, или едвај била во состојба да ги плати основните трошоци за живот.
Истражувањето на Бут ги осветлило мрачните делови на Британија и покажало дека сиромашните се многу поголема група отколку што сугерирале официјалните податоци на владините статистичари за бројот на барателите на помош по основ на законот за сиромашни. Многумина се прашувале дали Бут има право. Еден од нив бил Сибом Ровентри, по потекло од квекерско семејство на производители на колачи, кое се сметало за одговорен работодавач. Ги знаеле имињата на своите работници и имале програма за социјална заштита и осумчасовно работно време. Но условите за работа кај нив се влошиле на крајот на 19-от век кога ја прошириле работата, па ги интересирало во која мера извештајот на Бут се однесува и на нив.
Ровентри и неговите асистенти во 1879 година излегле на улиците на Јорк. Со бележниците оделе по градот, проаѓајќи и покрај местото каде подоцна ќе се собираат курирте на „Deliveroo“. За две години посетиле повеќе од 45.000 луѓе. Ги прашувале колку заработуваат, колку плаќаат за стан, каква храна купуваат итн. Ровентри кон тоа ги додал и информациите за платите што ги собрал од локалните работодавачи, а ги консултирал и најновите медицински истражувања за бројот на калориите што секојдневно треба да ги конзумираат мажите, жените и децата. Тогаш ја повлекол „линијата на сиромаштијата“ – односот меѓу услугите и предметите што му се потребни на еден човек за да преживее и количеството пари потребни за нив и пресметал колку луѓе живеат под таа линија.
Изненадувачки за Ровентри, наодите на Бут за Лондон се потврдиле и во Јорк. Тој го отфрлил статистичкото опишување на сиромашните на Бут. Квалификацијата на Бут вклучувала бројни потподолеби и разлики: луѓето што ги сметал за криминалци, неморални и полудивјаци, тој ги одвоил од сиромашните што не покажувале јасни и неприфатливи недостатоци, како што е слабоста кон алкохолот. За разлика од Бут, Ровентри забележал дека луѓето често преминуваат од една во друга категорија. Изгледа дека сиромашните секогаш се со нас, но тоа не секогаш се истите луѓе, објаснувал тој.
Ровентри идентификувал појава која ја нарекол „циклус на сиромаштија“. Многу луѓе заработуваат доволно пари за да преживеат, но понекогаш нивните животни околности се менуваат: влегуваат во брак, добиваат дете, или некој им умира. Овие настани ги оптоваруваат ресурсите, некогаш само за неколку недели, но обично за подолго време. Кога ќе завршат, се намалува притисокот врз финансиите на домаќинството и тие повторно се издигнуваат над линијата на сиромаштијата . Но секогаш постои опасност за повторно пропаѓање. Најочигледниот пример е староста, кога сите претходни години на напрегнатост до пукање и неможноста да се заштеди си го земаат данокот.
Општествените реформатори и работниците во добротворните установи ширум земјата воочиле слични модели во притисокот врз платите и во доцниот 19-ти и раниот 20-век. Еден од најпознатите истражувачки центри бил Тојнби Хол, универзитетска населба која се наоѓа помеѓу Ватчепел и Спиталфилдс во источен Лондон, каде мала група студенти од Оксфорд, волонтерски живеела со сиромашните, занимавајќи се со истражувања пред да побараат некоја подобра работа.
Меѓу станарите на Тојнби Хол, во периодот меѓу 1903 и 1905 година бил и Вилијам Бевериџ. Во источен Лондон тој работел со невработените, набљудувајќи ги нивните дневни навики, развивајќи програми за враќање на пазарот и следејќи ја работата на добротворните организации. Во тој процес дошол до редица важни заклучоци. Еден од нив гласи дека невработеноста е „корен на најголемиот број социјални проблеми“ затоа што општеството „на своите членови им поставува барања на кои тие можат да им одговорат само со помош на награда за трудот“. Според некои автори, невработеноста е прашање на карактерот и мотивацијата на личноста. Се зголемува бројот на луѓе кои без преиспитување ја прифаќаат тезата дека модерниот индустриски капитализам подразбира дека нема доволно работа за сите – заради сезонската природа на некои работи и флуктуациите на пазарот. Меѓутоа, Бевериџ тврдел дека тоа е површно разбирање на проблемот.
Според него, за невработеноста најмногу придонесува, покрај влијанието на трговските циклуси, создавањето мерки за вработување во индустријата кои се неефикасни. Во својата книга „Невработеност: проблем на индустријата“ (1909) тој ги замолил читателите да замислат сцена на којашто тој често присуствувал: 10 пристаништа од кои секое вработува помеѓу 50 и 100 луѓе дневно, од нив половината се редовен персонал, а половината се резерва. Покрај подемите и падовите на трговијата што се случуваат секоја година, секое од овие пристаништа проаѓа и низ поединечни флуктуации во рамки на наведените модели. Некој што би ги набљудувал 10-те пристаништа како целина не би ги забележал тие мали отстапувања. Проблемот е што токму тие се пресудни за резервните работници што секое утро одат од пристаниште до пристаниште барајќи работа, затоа што од тоа звиси дали тие и нивните семејства тој ден ќе бидат сити или ќе гладуваат.
Бевериџ сметал дека со подобра комуникација и планирање, речиси сите луѓе, секој ден би имале работа. Проблемот е што бизнисот и индустријата се задоволни со моменталната состојба: често имаат повеќе работници отколку слободни места и не мора да плаќаат поддршка за невработените работници. Бевериџ верувал дека единствено државата има моќ и интерес да го реши овој проблем. Политичката волја да се делува во оваа насока би имала долгорочни последици за милиони луѓе кои се затекнале надвор од процесот на работа. И денес повторно сме во ситуација во која прекаријатното вработување се смета за знак на прогрес.
Извор: The Guardian
Слики: Skidrobot
(Извадок од книгата „Bread for all / Леб за сите“, Allen Lane 2017.)