Распишан тендер за фокус на пратениците

08.11.2017 13:54
Распишан тендер за фокус на пратениците

Скопје, 8 ноември 2017

Во тек е тендерската постапка за набавка на оптички направи и ангажирање оптичари кои ќе го подобрат фокусирањето на пратениците од власта. Оваа одлука доаѓа откако владеајчкото мнозинство по грешка не го усвои извештајот на Народниот правобранител, поради дефокусираност.

„Можеби дека беше прва точка, пратениците беа дефокусирани па не гласаа“, објаснува пратеникот на СДСМ Томислав Тунтев и предлага во иднина, како дел од процедурата, оптичарите да го проверуваат фокусот на сите пратеници во Собранието.

Голем број граѓани ја поздравуваат одлуката за решавање на проблемот со фокусот на пратениците, но дел од нив сметаат дека проблемот може да се реши и без набавка на оптички помагала.

„Најдобро е на првата точка од дневниот ред просто да се укине, или секогаш прво да се гласа за некаква глупост, која и онака нема да се усвои поради дефокусираноста на пратениците, а потоа вистинската работа да почне од втората точка“, вели Македон Демократџиески, редовен гледач на Собранискиот канал на МРТВ.

Многумина стравуваат дека поради дефокусираност пратениците можат да заборават да ги подигнат пратеничките плати од своите сметки, но експертите смируваат дека пратениците сепак не се до толку дефокусирани.

Во меѓувреме, се огласи и министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој апелираше граѓаните и новинарите кои не се експерти за фокус да не го коментираат неуспешното гласање на пратениците.

Слика: Александар Дојранлиев