Проект Југославија

08.11.2017 16:29
Проект Југославија

Дали минатото на Југославија е веќе складирано во музеите, историзирано и архивирано? Дали е содржано во историските текстови, расправи, во предметите на многубројни колекции, во сеќавањата? Можеме ли да го разбереме како завршен период во линеарниот проток на времето што е зад нас, или пак како културна категорија која е, како што сугерира професор Борис Буден, насекаде и во сè што нè опкружува, подеднакво пред нас, како и зад нас? Може ли тоа минато барем нешто да ни разјасни за денешнината? Може ли да ни помогне да ја разбереме кризата во која се наоѓа светот денес или постојаните пораки дека Европската Унија е пред распаѓање, бидејќи трпи секојдневни потреси и предизвици? Можеме ли од примерот на мултинационалната, мултиконфесионалната земја што се распадна пред 25 години да почнеме да размислуваме за алтернативите на сегашниот момент? Проектот поаѓа токму од претпоставката која не го третира минатото како збир мртви факти и завршени настани, туку го истражува потенцијалот на редица идеи од кои е изграден концептот на Југославија во минатото, но и во иднината.

Со цел да се напрaви исчекор од зборот историја и да се истражи современоста и актуелноста, како и потенцијалот на идеите врз основа на кои Југославија ја градеше својата државност во различни периоди. Проектот Југославија вклучува голем број луѓе од различни возрасти и профили, од сите земји настанати по распадот на некогашната држава. Преку кратки изјави на стотина учесници се забележани размислувањата на граѓаните за концептите како што се: неврзаност, слободно движење, солидарност, модерност, напредок, држава, државник, херој, самоуправување, женски права, заедница, минато, иднина, економија, труд, слободно време, семејство, наследство и многу други. Наместо конкретно прашање, на секој учесник му е понуден еден картон предмети што се чуваат во колекцијата на Музејот на Југославија, а на кој се напишани основните информации за предметот: опис, датум или период од кој потекнува, потекло. На тој начин се обидовме колекцијата на материјални траги на минатото, посредно да ја преведеме во форма на живи коментари, актуелни размислувања, идеи и потенцијали за иднината.

Со отклонот од предметноста на самите објекти се обидовме размислувањето за наследството на југословенската држава да го оддалечиме од носталгичната визија на минатото, придвижувајќи го акцентот кон размислување за регионот, Европа и светот, кои, се чини дека повеќе отколку кога и да е досега, се заглавени во постојана криза, судир, нетолеранција и нееднаквост.

Проектот Југославија претставува резултат на соработката на Музејот на Југославија и платформата за современа уметност Киоск во процесот на работата на постојаната поставка на Музејот кој е мултиперспективен и трансдисциплинарен.

Проектот е реализиран со помош на бројни пријатели, организации и институции меѓу кои се: Анамарија Батиста, Ерол Билибани, Искра Гешоска, Наташа Говедарица, Аленка Грегорич, Миа Давид, Стеван Димитријевиќ, Варја Ѓукиќ, Наташа Заволовшек, Арлинд Кирајтани, Дрен Малиќи, Душко Миљаниќ, Миќо Парежанин, Борка Павиќевиќ, Катарина Пејовиќ, Лазар Пејовиќ, Венита Поповиќ, Драган Протиќ, Татјана Рајиќ, Маријана Риманиќ, Вјера Руљиќ, Арес Шпорта, Елма Хасимбеговиќ, Ана Хофман, Теодор Целакоски, Наташа Шкаричиќ, ДокуФест (Призрен), Експедитио (Котор), Карвер (Подгорица), Контрапункт (Скопје), МАМА (Загреб), Местна галерија (Љубљана), Историски музеј на БиХ (Сараево).

Киоск – платформа за современа уметност во соработка со Музеј на Југославија.

Проектот е реализиран со поддршка на Балканскиот фонд за демократија и Министерството за култура и информирање на Република Србија.

Авторки на проектот: Ана Адамовиќ и Милица Пекиќ

Од македонските интелектуалци и уметници се застапени: Владимир Милчин, Мирослав Грчев, Љубомир Фрчкоски, Ѓунер Исмаил, Петар Гошев, Бојан Иванов, Елизабета Шелева, Никола Гелевски, Емилија Симоска, Христина Иваноска, Игор Тошевски, Илина Јакимовска и Артан Садику.

Архитектот Мирослав Грчев за темата „Национализми“, говори за ордените во Југославиja и вели дека народот ги сакал, не заради нивниот дизајн туку зашто биле симбол на вредности како што се херојството, братството и единството и солидарноста, како и општочовечките вредности што значат меѓсебно поддржување и збогатување.

„Во овој период што пејоративно го нарекуваат постсоцијалистичка транзиција, што е термин од кој интимно се гадам, во сите земји што настанаа по распадот на Југославија е вграден еден дисконтинуитет, една погрешна и културно многу штетна мисла дека е најважно со новите симболи да го утврдиме дисконтинуитетот со Југославија и со југословенското културно, уметничко и симболично наследство. И за да функционира тој дисконтинуитет, особено во последните 15 години стана забрането сеќавањето на Југославија“, вели Грчев.

Како резултат на тоа, според него, денес се случува регрес и уривање на модернистичките напредни и моќни вредности, кога се работи за развој на градовите, архитектурата или урбанизмот. Тој вели дека денес се случуваат процеси на пропаѓање, а тоа пропаѓање подразбира уништување на сите сеќавања на Југославија. „Нашите сеќавања дека тогаш беше подобро, денес се забранети. Сè што е изградено во Скопје и потсетува на тоа време, толку болно и толку очигледно сака да се уништи, а градот е слика на иреверзибилни историски процеси.

„Ние денес се враќаме во времето, што за нас Македноците е преднаталален период, пред она време кога македонската држава, на крајот на Втората светска војна, буквално е измислена, во рамки на Југославија – основана, и во неа беше еманципирана и македонската нација и македонската култура, македонскиот јазик, сите македонски симболи, сите уметнички достигнувања. Денес тоа е забрането и ние денес на ниво на нација, во еден многу назаден и ужасен општествен процес на самоуништување се префрламе во преднатален период на Македонија, некаде во времето пред Првата светска војна“, вели професорот Грчев.

Погледот на Македонците кон искуството со Југославија е исполнет со анксиозност, вели професорот Љубомир Фрчкоски, за темата од проектот насловена „Национализми“.

Од една страна, од оваа дистанца е непопоуларно да се коментира сопственаа независност која е архетип на достоинството, па и реализација на националистичките фантазии и тоа е така веројатно кај сите нации, но, истовремено, Македонците немаат никакви лоши мемории во врска со животот во СФРЈ, концептот на идеи, балансот на националните митови и политиката.

Во овој мит кој ние денеска го живееме, а тоа е десничарскиот утописки мит, постои дупка во сеќавањето и тоа заобиколување на идејата за СФРЈ е очигледно заради непријатниот факт дека, за разлика од другите нации во СФРЈ, Македонците практично конститутивниот чин на создавање на својата национална држава го направија заедно со федерацијата. Таа парадоксланост го јаде пуризмот на националистичката десна идеја затоа што е невозможно истовремено да се сака својата независната национална држава, а таа е создадена од комунистите во 1943 и потоа во 1945 година во контекстот на Народна, а потоа Федеративна Република Југославија. И сега тоа се компензира на еден чуден начин, со едно невротично присуство на ликови и музика од екс ЈУ просторите од турбо фолкот до поп естрадата на македонската сцена“, вели тој.

Според Фрчкоски, претстои поминување низ траума. „Односот кон таа заедничка идеја и искуство кои од денешна перспектива, а знаејќи ги сите наши мали валкани националистички тајни и гадости, изгледа фасцинантно таа политичка структура на баланс на нации, а тоа значи дека ни претстои реобмислување на нашата заедничка историја и тоа ќе биде возбудлива ситуација на самоанализа и вградување на тоа искуство во нашите национални искуства“, вели професорот Фрчкоски.

Режисерот и професор Владимир Милчин од предметите ја избра скулптурата на Ленин и зборува за темата „Надворешна политика“ и вели дека Ленин во Југославија бил важен за да се постави идеолошка граница кон Сталин и сталинизмот. „Ленинизмот беше некој вид на поблага и почовечна иднина на комунизмот. Но мислам дека со текот на годините излезе дека поставувавме многу повеќе прашања околу Ленин и тој стана помалку важен подоцна, кога и земјите на тнр. реален социјализам од советскиот блок го потенцираа Ленин за да се дистанцираат од Сталин и ги уништуваа големиот број негови споменици. Самоуправниот социјализам што беше воведен во Југославија уште повеќе се засилуваше исто како што стана јасно дека Ленин имал зазор, речиси непријателски однос кон интелигенцијата, а тоа се дозна од книгите на политиколозите и филозофите што главно живееја во Белград и Загреб. Денес тие книги, за жал и книгите што се печатени во Белград, Загреб, Сараево и Љубљана се ужасно тешко читливо четиво за помладите генерации. Многу мал процент на младите македонски граѓани без оглед дали се Македонци или Албанци, или Турци зборува или чита на српско-хрватски, односно српски или хрватски, така што тие спреги кои би можеле да водат кон обновување на некое заедништво па макар и во смисла на култура и општество сега се маргинализирани и тоа главно се случува на општествената периферија. Кога велам општествена периферија мислам дека е тоа надвор од главните медиуми, надвор од институциите што се платени од државата и тоа го работи граѓанскиот, односно невладиниот сектор, што е исклучително важно, без оглед на сите ограничувања.

Според Милчин, јасно е дека во рамките на Југославија, Македонците доживеаја своја целосна национална афирмација и потврда на својот идентитет. Се чувствувале заштитени. „Но исто така треба да се каже дека кога се распадна Југославија, Македонците се соочија со тоа дека живееле во илузија – дека тоа што се признаени во Југославија се однесува на цел свет. „Наеднаш се соочивме со проблемот околу името и сигурно е дека кај луѓето преовладуваше чувството дека биле безбедни и никој не ги оспорувал е една вредност што не може да се заборави“, вели тој.

Професорката Емилија Симоска низ призмата на пионерската организација во Југославија говори за концептите на активизмот и толеранција кон другите, различни по верска, етничка или друга основа. „Ретко каде има организации на деца, во чии рамки, децата се стекнуваат со чувство дека нешто може да направат за општеството во кое живеат. Врз мене влијаеше на развивањето на она што го нарекуваме граѓански активизам. И кога денес во Македонија живееме во доба на протести, ако направиме анализа – доминира генерацијата на пионери, луѓе кои, во некој период од детството, верувале дека можат да променат нешто во ова општество.“

Според неа, денешните младински организации работат врз принципот на исклучивост: да не се сака оној што исто така е млад и е на исто рамниште, туку напротив да се тренира нетолеранција, исклучивост и нетрпеливост кон оној што е различен според одредена политичка идеја.

„Втората димензија на пионерството беше братството и единството и мислам дека имаше средини како Македонија каде тој принцип можеше многу добро да заживее. За разлика од другите поранешни републики, во Македонија немаше таков корен што ќе го спречеше она што денеска го нарекуваме соживот. Во Македонија немаше проблем со малцинствата сè додека не се појави политичкиот натпревар меѓу партиите. За жал, денес, концептот на правата на етничките заедници е базиран на принципот на дезинтеграција. Ние немаме простор каде различните етнички групи ќе се сретнат и ќе го реализираат тој соживот“, вели Симоска.

Ѓунер Исмаил избирајќи го предметот штафета на младоста, говори за темата „Братство и единство“ и се сеќава на своето лично искуство со штафетата што преноќила во Битола.

„Тоа е чудна р’скавица која нас нè поврзуваше и тоа искуство мене ми е значајно. Во минијатура, или во лабораториски услови, ние сè уште живеемe во истиот свет. Ние самите или со нас управуваат луѓе чијашто ментална матрица, веројатно е создавана од чисти или нечисти дестилати на тие идеи во кои сме родени, во кои растевме, се школувавме, читавме итн. Според тоа, да се размислува за Југославија, освен во некои споменарски релации или со голема доза на оној оптимизам на сеќавањето, е нешто што е многу тешка и сериозна, а во исто време пријатна задача“, вели Исмаил.

„Социјализмот ја изгуби трката со развиениот свет, потоа почнавме да негуваме надеж дека смената на тој систем ќе донесе резултати со тоа што ќе ги хармонизираме нашите организациони облици на животот со системите коишто денс се најпродуктивни во светот, иако капиталистичкиот систем е многу различен, во тој систем мнозинството на светската цивилизација, меѓутоа не повеќе од 20 проценти успешно функционира во тој систем“, зборува Петар Гошев во темата под наслов „Економски модели“.

Според него, големо е разочарувањето и во капиталистичкиот систем кај голем број луѓе, затоа што не се исполнети нивните очекувања. Социјалната несигурност и нееднаквоста се искачија на највисоки можни нивоа.

„Конкретно на примерот на Македонија можам да кажам дека нееднаквоста во Македонија е највисока во Европа и ние сега имаме нееднаквост која е карактеристична за јужноамериканските и африкански држави. Гини коефицентот изнесува над 40 проценти. Ако продолжи таа ситуација ќе го урне и овој систем“, вели Гошев.

Тој додава дека ваквите економски нееднаквости што се создадоа по падот на социјализмот, а исто и во неолибералните земји, произвеле таква економска нееднаквост која што не овозможува развој на демократијата во тие општества. Богатите луѓе и големите корпорации можат да експлоатираат секого на начин каков што им одговара. Таквото општество е неправедно и нефер и заради тоа има сè поголеми протести во светот.

„Значи централното прашање е како да се обезбеди демократија во едно општество, како да се обезбеди правда, како да се обезбедат фер односи во едно општество. Денеска, на просторите на Југославија, вклучително и Македонија, ние сè повеќе се оддалечуваме од таа идеја. И затоа проблемите се префрлаат на меѓуетничка сфера, на стимулирањето на национал-шовинизмот, секогаш ќе имаме конфликт ако идентитетот на човекот го редуцираме на две точки: етничката припадност и религијата. За жал, во битката за власт незаситените од моќ постојано играат со овие две прашањa. Конфликтите во Југославија ќе продолжат ако нема резултати на ова поле“, вели Гошев.

Професорката Елизабета Шелева од збирката на Музејот го избира сервисот за кафе, кој има шест филџани, исто колку и југословенски републики.

Југославија не може да остане само во регистарот на носталгичното сеќавање, бидејќи имаше и сè уште постојат голем број на заеднички точки на спојување на културно искуство, креативна соработка, човечки врски и односи и потреба да се одржуваат пријателствата и да се создаваат нови. Па, иако Југославија во формална смисла се распадна, во суштинска и содржинска смисла сè уште можат да се најдат примери на мултикултурална соработка, почитување и дијалог“, вели Шелева. Таа говори за примерот на создавањето и одржувањето на книжевното списание „Сараевски тетратки“ што почнало да излегува веднаш по југословенските војни. Редакцијата на списанието има членови од сите поранешни југословенски републики. „Она што денес во еден ЕУ жаргон наголемо се поддржува и се рекламира во јавниот простор: вредноста на мултикултурализмот, почитувањето на другиот, општата детериторизација и славење на мобилноста, сето тоа и тогаш веќе постоело, во помал или поголем облик и степен и тоа не може кај мене да не разбуди едно чувство дека во некои работи и тогаш одевме пред времето“, вели таа.

За темата „Југословенство“, Никола Гелевски вели: „Не ја сакав Југославија заради култот на личноста. Уште кога бев млад, во гимназија не ми се допаѓаше идолатријата кон Тито. Но многу работи во таа земја ми се допаѓаа, особено во однос на ова денес и во светло на тоа што се случуваше изминативе дваесет години. Но излезе дека и тоа обожување на Тито, меѓу другото, доведе до жестокиот излив на омраза. За еден зрел концепт на граѓанско општество обожувањето не е најприфатливата идеологија, или опција. Обожувањето го форсираат нациите и мислам дека затоа овие општества се многу полоши. Тогаш го обожувавме само Тито, а во зрелата фаза на СФРЈ, помалку или повеќе имавме право да ги критикуваме и системот и партијата и културните модели, концептите на централизација и децентрализација, а сега во овој хаос на обожување на нацијата, хоризонтите за критика ни се многу ограничени“, вели Гелевски. Тој додава дека новите држави – паланки се всушност чеда на омразата кои пораснаа од идеологијата на национализмот.

Ликовната уметница Христина Иваноска за темата „Југословенство“ говори за нејзините први 16 години од животот кои ги поминала во Југославија, но и последиците од распадот на поранешната држава. „Не можам да кажам дека имам трауми од тој период. Во моето семејство постоеше еден вид матријархат и иако постоеше некој вид конзервативизам, јас и мојата сестра од родителите добивавме буквално целосна поддршка за тоа каде и како ќе се школуваме, а во изборот на професијата, бидејќи од средно училиште сакав да се занимавам со ликовна уметност, добив целосна поддршка. Имаше некои потрадиционални вредности во врска со бракот и семејството. Она што подоцна ќе се случи по распадот на Југославија, генерацијата на моите родители ја соочи со огромен предизвик како ќе продолжи понатаму. Сите оние вредности во кои што веруваа и ги градеа, сета онаа сигурност што им беше дадена во различни сегменти на општеството и професионално и приватно, се изгубија, се девалвираа. Тоа чувство на загуба... Моите родители беа инженери, работеа во фабрика и по распадот се соочија со непризнавање на тоа кои се тие, што постигнале, што е тоа што го граделе и буквално беа исфрлени на улица. Моите родители завршија како стечајни работници што штрајкуваа на улица“, раскажува Иваноска.

Историчарот на уметност Бојан Иванов говори за макетата на споменикот на Богдан Богдановиќ во Прилеп која била основа за изведбата на споменикот „Могила на непобедените“. „Многу е интересно што могилата, гробот е симбол на една победа, социјална, национална и воопшто историска. Она што е интересно во врска со таа практика на градење споменици е дека во голема мерка беше доживувано како прашање на ритуални дејства. Еднаш годишно или во време на некои јубилејни термини се собира одредена политичка, културна, тогаш се инсистираше дека е тоа општествена елита и ќе ги означи тие точки во просторот и во историјата кои ги споделуваме во рамките на една заедничка борба, која го има изградено и ја обезбедува кохезијата на југословенскиот проект. Од друга страна целата таа практика со спомениците изврши огромно влијание врз секојдневнието. Монументалистичката практика обезбеди и една визуелна хомогенизација на тоа што значи модерен простор, не смао во градот, туку и модерен простор дома и модерен простор во рамките на еден интелектуален амбиент. Судбината на целиот тој простор посеан со знаци коишто маркираа настани, личности, а се употребуваше изразот „епопеи“ на некои процеси кои длабоко извираат од очекувањата и аспирациите, не само национални, туку и класни на една заедница што во основа претендираше да биде политичка заедница, тоа беше аспирацијата на југословенскиот тоталитет, во основа беа тргнати на страна заедно со довршувањето на тој политички проект. Основната порака на целата таа практика на тој ангажман, денес е пораката на антифашистичка ориентација која во овие околности, се покажа дека е единствен и морален и етички, а се надевам дека ќе се потврди и како полититички репер за она што е вистинска позиција во јавниот простор и во вредностите што се обидуваме да ги зачуваме. Тоа е таа порака на југословенската монументалистичка школа“, вели Иванов.

Професорката Илина Јакимовска од колекцијата на музејот на Југославија ги избира чорапите што му биле подарени на Тито и во поширока подароците што обичните луѓе, работниците, селаните, учениците му ги давале на Тито и прави анализа на односот кон водечките политички фигури како Тито во Југославија спрема оние во сегашноста. „Емотивниот однос кон водечките политички личности не мора да е нешто лошо како култ на личност, во случајот со Тито тоа било ублажување на култот на личноста, на омекнување на култот на личноста, бидејќи кога некому даруваш чорапи и го третираш како семејство, тогаш значи дека е тој рамен на твој комшија, роднина или сограѓанин. Претпоставувам дека денес подароци на политичари се прават во форма на протокол или на некаков клиентелизам, или реципрочност за услуги и други добра“, вели Јакимовска.

Уметникот Игор Тошевски говори за улогата на уметноста во поранешна Југославија. Негов избор на предмет е една слика која сега се наоѓа во збирката на Музејот на Југославија. „Податокот дека сликата на Ѓорѓе Андрејевиќ Кун „Портрет на Тито“ потекнува од колекцијата на Службата за државна безбедност не е толку изненадувачки, туку е парадигма за релацијата помеѓу уметноста и политиката. Не само тогаш, туку и денес. Имено, овие дела и претпоставувам дека ги има многу повеќе артефакти и симболи на моќ на тоа општество претставувале дел од еден корпус на дела кои биле всушност иконографијата на тој поширок наратив, кој се градеше со децении. Се работеше за изградба на едно специфично општествено уредување и тука уметноста, се разбира, играла битна улога, имала своја пропагандна улога, така што може да се каже дека уметноста во тоа време, не целата уметност, но голем нејзин дел, бил во служба на тој хегемонистички систем“.

За темата „Југословенско наследство“ Артан Садику зборува за идеолошките потешкотии на дефинирањето на „југословенскиот експеримент“ со оглед на обидот на обидот на новите дискурси да го избришат секој вид наследство од тој период и второто прашање е колку време треба да помине за да реалноста се најде во музеј. Од колекцијата на Музејот на Југославија тој ја избира мапата со имињата на градовите Трст, Белград, Софија и Тирана и прави анализа на можноста териториите кои припааѓаат на различни идеологии да се најадат во заеднички идеолошки простор. „Денес се соочуваме со надмоќ на западната идеологија во однос на пропаста на реалниот социјализам и неуспехот на неговиот проект. На територијата на Македонија, каде што живеам, југословенското наследство не буди серозен интерес. Но, верувам дека југословенскиот модел кој подразбирал експериментирање, предизвици, е многу релевантен модел.

На веб страницата на проектот можат да се погледнат стотина интервјуа со некои од навлијателните и најзначајните интелектуалци на денешнината од регионот на некогашна Југославија.

Слични содржини

Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Историја
Општество / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото