Уништувањето на Хирошима

09.08.2010 11:23
Уништувањето на Хирошима

 

Светот е она што е, а тоа значи речиси ништо. Тоа е она што на секој уште од вчера му е познато, благодарение на концертот кој по повод атомската бомба го започнаа радио-станиците, печатот и информативните агенции.

Навистина, меѓу толпата, откриваме дека секој град од просечна важност може целосно да биде избришан со бомбата со големина на фудбалска топка. Американскиот, англискиот и францускиот печат нè засипуваат со елегантните расправи за иднината, минатото, пронаоѓачите, цените, пацифистичкиот повик и воените последици, политичките последици, па дури и за независниот карактер на атомската бомба. Ќе го сумираме сево ова во една реченица: механичката цивилизација само што стаса до последниот степен на дивјаштвото. Ќе мораме, во блиска или подалечна иднина, да бираме меѓу колективното самоубиство или разумното користење на научните откритија.

Во меѓувреме, се дозволува мислењето дека постои нешто срамно во начинот на кој се слави едно откритие кое најпрвин се става во служба на најстрашниот уништувачки бес кој човекот го искажува во последниве векови. Ако во светот, кој е изложен на сите раздори на силата, неспособен за секаква контрола, рамнодушен кон правдата и едноставната човечка среќа, науката му се посветува на организираното злосторство, никој, освен оние со непоколеблив идеализам, нема ни да помислат да му се чудат на тоа.

Ваквите откритија мораат да се забележат, да се класифицираат според она што се, и да му се навести на светот за човекот да ја стекне вистинската претстава за својата судбина. Но обвиткувањето на тие страшни откритија со сликовита или хумористична литература – тоа никако не може да се поднесе.

Одамна не се дишеше лесно во овој измачен свет. А сега ни дојде уште едно ново бреме кое ги поседува сите изгледи да стане последно. На човештвото несомнено му се нуди неговата последна шанса. А и тоа може да стане повод за вонредните изданија на весниците. Сепак, тоа најверојатно мора да биде предмет на некои размислувања и голем молк.

Меѓутоа, постојат и други причини зошто со резерва да се прифати приказната за антипацијата која ни ја нуди печатот. Кога ќе видиме дека дипломатскиот уредник на агенцијата Ројтер најавува дека тоа откритие ќе ги урне договорите или самите постдамски одлуки, дека забележува оти е сеедно дали Русите се во Кенигсберг или Турците во Дардалените, не можеме да се ослободиме од помислата за вистинските намери во тој убав концерт, прилично туѓ на научната несебичност.

Нека нè слушнат добро. Ако Јапонците капитулираат по уништувањето на Хирошима и поради срамот, секако дека ќе се радуваме на тоа. Меѓутоа, одбиваме од толку тешките вести да извлечеме што и да е освен одлуката уште поенергично да зборуваме во прилог на вистинското меѓународно друштво, во кое големите сили нема да имаат повеќе права од помалите и средните нации, и во кое војната, окончана со човечкиот разум, нема да зависи од апетитите или доктрините на некоја држава.

Пред застрашувачките перспективи кои се отвораат пред човекот, ние сè уште воочуваме дека мирот е единствената битка за која вреди да се бориме. Тоа не е молба, туку правило кое народите треба да ги издигне кон владите, правило кое конечно треба да се избере меѓу пеколот и разумот.

Албер Ками за списанието Combat, 8 август 1945, два дена по бомбардирањето на Хирошима.

Инсталација: Bill Durgin

ОкоБоли главаВицФото