Брачни обврски

09.11.2017 10:39
Брачни обврски

Не би го потценувал субјективното чувство на изневереност и разочараност. Помешани со мали дози на паничен очај и краен дефетизам.

По повод низа постапки на власта, од збунетоста на Тунтев, до вмронската тиква што треба да ја реформира Управата за безбедност и контраразузнавање, односно службата што практично ја има измислено и инсталирано во таканаречениот врховен суд, до, еве, пресудата против Грујовски, која јавноста ја доживеа не само како неправда во конкретниот сучај туку и како принципиелна победа на неправдата, како нејзин триумф, како нокаут за правдољубивоста, како дефинитивно замрачување на хоризонтите на правдата.

Не говорам за фактите, туку за чувствата, за пламенот на незадоволството што се шири како прериски пожар, за фаталната несреќа што се тркала низ планината на јавните тралалајки, за тоа со што треба да се наполнат канадерите што треба да го гаснат пожарот.

Можеби ме лаже впечатокот дека постгруевистичката транзиција на Македонија не е хаотична, аморфна, лабава, беспринципиелна, како што се чини, туку дека е минуциозно разработен проект во кој до новите нивоа се стигнува не особено спектакуларно, на моменти трапаво, во секој случај под очекувањата на јавноста, но се стигнува, сигурно и без зголемување на притисокот во општествениот и државен котел на опасно ниво.

Пресудата против избеганиот ѕвер сигурно е под нивото на штетите што ги има направено како шеф на ДБК, но тоа е прва осудителна пресуда во предмет на СЈО и тоа практично при непроменет минерален состав на сваровски судските кристали.

Не е тоа мала работа.

Ристовска бараше максимална казна и по пресудата изјави дека е задоволна!

Молам!

Проблемот на страшниот диспаритет во казнената политика, за што има многу силни и оправдани реакции, е, односно би требало да биде, предмет и на воспоставувањето на новата пракса, нешто што можев да го чујам во најавите на новиот претседател на Судот и во нормативните промени што секако ќе следат.

Бомбите се легализираат во судските постапки, пред нови кадровски решенија сме во Јавното обвинителство и во Кривичниот суд, во тек е екстрадициската постапка притив двајцата бегалци, утврдени се законски и идејни основи за реформи во правосудството и во УБК итн.

За таа преобразба е потрошено многу време и енергија и не малку од моралните кредити, не малку од самата идеја за радикалните промени, но, сето тоа треба да се стави во реалниот контекст на услови и можности, пред да се суди за рзултатите.

Јас мислам дека релативниот количник е повеќе од позитивен.

Но, тоа некој треба да го комуницира.

Фактите сами по себе не се доволни.

Тие не секогаш се познати или се познати низ една искривена перспектива. Второ, многу често фактите ја добиваат својата вистинска димензија само во синергијска комбинација со други факти, за што во јавниот простор обично недостасува свест за таа поврзаност и конечно, многу е важна интерпретацијата на фактите или на отсуствито на факти, приказната.

Таа работа е ужасно тенка.

Власта делува како младоженец кој одбива да го конзумира бракот, па селото го заебава дека е импотентен.

Нема друго чаре: мора да ги отвори прозорците и да ја работи Македонија, добро да ја работи, да ја натера да стенка и офка од страст и болка, да се чуе преку седум села!

Ако не сака селото да ѝ најде друг мајстор на жената.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар
 Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото