1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Матичните служби во Германија ќе мораат да им понудат на граѓаните можност, освен како мажи или жени, да се изјаснат и како припадници на трет пол. Така одлучи Уставниот суд на Германија, а одлуката предизвика поделени реакции.
Пресудата е јасна - тоа што во матичните служби и официјалните документи граѓаните мораат да бидат водени како мажи или жени претставува дискриминација на интерсексуалните лица. Одлуката е донесена поради Вања, интерсексуално лице кое од 2014 по правен пат се бори официјално да не биде водена како жена, туку под „inter/divers“. Меѓуполовите лица се генетски, хормонски и анатомски помеѓу двата пола. Според проценките, во Германија живеат околу 80 илјади интерсексуални лица. Некои податоци зборуваат за тоа дека едно од 1.500 бебиња се раѓа со нејасни полови карактеристики.
Животот не е (секогаш) двополов
Пресудата одекна како бомба пред сè затоа што порано и Судот во Хановер и Врховниот суд за истото прашање донесоа различна одлука. Меѓутоа, германскиот Етички совет кој го именува Бундестагот пред неколку години дојде до заклучок дека нема основани оправдувања за таквата бирократска дискриминација на интерсексуалните лица.
„Од етички аспект интерсексуалноста е животно условена, невообичаена варијанта на вообичаената двополовост на човечкиот живот и патиштата на неговиот сексуален развој“, изјави за Дојче Веле теологот Андреас Лоб-Хидепол, член на Етичкиот совет. „Меѓуполовите лица како такви заслужуваат целосна почит“, додава тој.
Сојузната министерка за семејство Катарина Барли (СПД) исто така ја поздрави одлуката. Правата на лицата кои не се ниту од машки ниту од женски пол се повредуваат доколку тие мораат полето за пол да го остават празно, смета таа. Поддршка изрази и политичарката Петра Зите.
Но, одлуката некако ќе мора да ја спроведе идната владејачка коалиција, на која, ако преговорите завршат успешно, ќе ѝ припаѓаат демохристијаните, либералите и зелените. За сега се изјасни портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Томас Демизиер, кој е демохристијанин, а неговото министерство е задолжено за матичните служби. „Ова е сè уште свежа одлука. Уште не сакам да ја оценувам, но секако дека ја почитувам пресудата“, изјави портпаролот.
Посебни тоалети?
Сојузното поверенство за борба против дискриминацијата оцени дека станува збор за историска одлука со која уште повеќе значење добива „бракот за сите“ изгласан во парламентот во текот на летото. „Пресудата од гледна точка на човековите права е голем чекор напред, а сега мора да уследи јасна законодавна рамка“, изјави Луси Фајт од здружението „Интерсексуални луѓе“.
Пресудата отвора низа интересни прашања - да речеме, дали ќе постојат посебни тоалети за интерсексуални лица или како законски ќе биде дефинирано родителството, сега кога не постојат само мајки и татковци.
И што ќе биде со спортските натпревари? Интерсексуалните лица просечно имаат повеќе тестостерон од жените, а помалку од мажите, што во однос на жените ги прави повластени, а во однос на мажите во подредена позиција кога станува збор за физичката издржливост, силата, брзината...
Во многу светски земји постои опција полот да не се внесува во документите, но само во неколку од нив постои таканаречен трет пол - Австралија, Нов Зеланд, Индија, Пакистан, Бангладеш, Непал...
Извор: Deutsche Welle