Зошто ни е потребна социјална држава (2)

09.11.2017 15:40
Зошто ни е потребна социјална држава (2)

(продолжува од првиот дел)

Администрацијата на Либералната партија која владееше во годините пред Првата светска војна, засекогаш ја промени Британија. Таа го модернизираше даночниот систем, направи разлика помеѓу заработениот и незаработениот приход и воведе прогресивни стапки за приближно 3 отсто од популацијата која се квалификувала да плаќа данок на доход. Дејвид Лојд Џонс, министер за финасии од Либералната партија, 1909 година ја прогласи за година на „народен буџет“ со намера да „собере пари за да ја финансира безмилосната војна против сиромаштијата и бедата“.

Основна цел на овој буџет била да се реши проблемот на прекин на заработката на работоспособните луѓе. По примерот на слични решенија во Германија, националното осигурување ги покривало придонесите за три групи: работниците, нивните работодавачи и државата. Сите работници на возраст помеѓу 17 и 70 години кои заработувале помалку од 160 фунти месечно и кои плаќале придонеси во висина од четири пени неделно (жените плаќале по 3 пени), можеле да остварат право на боледување во траење од 26 недели годишно, како и лекување кај лекар кој има дозвола за работа издадена од владата. Британските либерали кон оваа додале и една новина: можноста 2,25 милиои луѓе во бројните занаети и индустрии, како што се градежништво, бродоградба, каде работата можела да биде прекината заради непредвидени причини, да бидат вклучени во програмата на задолжително осигурување од невработеност. Со програмата се предвидувал надомест во висина од седум шилинзи неделно за период до 15 недели годишно, во замена за 2,5 пени неделно.

Оваа програма имала очигледни недостатоци. Пензиите биле скромни, осигурувањето од невработеност се однесувало главно на луѓето што се квалификувани, здравственото осигурување не вклучувало лекување во болница, ниту лекување на брачните партнери и децата. Речиси сите корисници на програмата биле незадоволни. Британското медицинско здружение се жалело дека лекарите ќе бидат принудени да работат во државниот сектор, додека здруженијата на граѓани, синдикатите и приватните компании за осигурување сметале дека државата сака да им ја земе работата. Домаќинствата од средната класа не сакале да плаќаат осигурување за послугата. И многу либерални пратеници имале забелешки. Што ако некој остане без работа подолго од 15 недели? Зошто пензиите да не се исплаќаат на сите од средствата собрани со општите даноци?

Либералната влада сфатила дека националното осигурување не може да го реши проблемот со прекинот на платите. Биле потребни интервенции на државата во економијата. Винстон Черчил, претседател на одборот за трговија, го повикал Бевериџ да помогне во осмислувањето на програмата на берзата на труд, уште една идеја преземена од Германија. Претходникот на денешниот центар за вработување, берзата на трудот, била важен дел на плановите на владата за управување со државното осигурување. На работодавачите им биле нудени поттици да ги огласуваат слободните работни места во тие центри, а од невработените било барано да ги посетуваат тие центри како доказ дека се обиделе да најдат работа. Според Бевериџ, овој систем имал потенцијал да создаде „организирани текови на трудот“ кои ги елиминираат проблемите како оние што ги видел во источен Лондон.

На некои луѓе берзите на трудот сигурно им помагале да најдат работа, но тие никогаш не станаа динамични места на слободна размена на информации и вработувања, како што ги замислил Бевериџ. Пензиите и државното осигурување се покажале многу поуспешни и потрајни. По Првата светска војна, владите значајно ги прошириле и реформирале овие програми за поддршка. Како резултат на тоа, системот се темелел на, со векови старите, гаранции за поддршка на сиромашните; иако несовршен и далеку од сеопфатен, тоа бил импресивен систем на поддршка за многу луѓе во неволја.

За време на големата депресија во 1930-тите години, лабуристички премиер бил исклучен од партијата заради одлуката за намалување од 10 отсто на помошта за невработените, но полека надвладеало уверувањето дека овој систем е неодржлив. Прекините на редовните плати изгледале како минорен проблем во општиот страв од тотален колапс на глобалниот економски систем. Подоцна Бевериџ сугерирал дека Британија имала серија „закрпи“ мерки за крпење на искинатото општествено ткиво, наместо да ги решава основните проблеми. Можеби капитализмот бил проблемот, како систем кој неквалификуваните работници ги третирал како потрошна стока. Мора да постои начин економијата да се води на начин што би ги трансформирал животите на жителите на Британија и кој ќе обезбеди државно осигурување и сигурност за сите.

Економистот Џон Мајнард Кејнз секогаш јасно покажувал на чија страна е: „Ме допираат прашања за правдата, но во класната војна секогаш ќе бидам на страната на напредната буржоазија“. Иако многумина негови современици, во периодот меѓу двете светски војни, си ја пробале среќата со лабуристите сметајќи дека тие се единствената вистинска надеж за прогресивни реформи во ерата на универзалното право на глас, Кејнз бил непоколеблив. Тој бил либерал и правел сè за да ѝ помогне на својата партија, како на пример при формулирањето на економската политика на партијата под водство на Лојд Џорџ во 20-тите и 30-тите години. Бевериџ долго време се претставувал како неутрален, но на крајот на Втората светска војна отворено ги водел изборните кампањи на либералите.

Во средината на 1930-тите години Кејнз си обезбедил статус на најзначаен економист на 20-от век, објавувајќи ја Општата теорија на вработеноста, каматата и парите, книга што ќе послужи како основен текст на едната страна во расправата за тоа како владите треба да одговорат на економските падови и рецесии. И по финансискиот слом во 2008 година, Нобеловецот и економист Пол Кругман ги повика западните влади да се сетат на лекциите на Кејнз.

Општата теорија настанала како резултат на дебатата помеѓу Кејнз и неговите студенти истражувачи и колегите од Кембриџ, а денес е позната по релативно малиот број идеи и едноставната порака. Кејнз тврдел дека владите треба да се спротивстават на искушението да штедат за време на рецесија, затоа што причина за рецесијата е контракцијата на агрегатната тежина, т.е. вкупната сума на стоки и услуги што се купени, а којашто доживува слом кога луѓето и организациите, несигурни за иднината, истовремено одлучуваат да ги штедат парите. Кејнз објаснил дека трошењето пари создава ефект на концентрични кругови во економијата, вклучувајќи и создавање на нови работни места, затоа што расте побарувачката на добра и услуги. Владите не треба да се грижат за дефицитот и здравите финансии во периодите на криза. Нека се погрижат за тоа кога економијата повторно ќе се покрене.

За разлика од Кејнз, Бевериџ не бил повикан да помогне во управувањето со економијата во текот на Втората светска војна и поради тоа бил разочаран. До летото 1941 година, владата се уморила од неговите пецкања од маргините и му дала да го прегледа државното осигурување. Во ноември следната година ги доставил резултатите: револуционерниот извештај Социјалното осигурување и сродните служби.

Тука тој кажува дека Британците не сакаат „држава на Дедо Мраз“ која на сите ќе им дели подароци. Тие сакаат економска и социјална сигурност што ја продолжува историјата на придонес на граѓаните за системот. Бевериџ објаснил дека бенефициите треба да ги покријат поширок спектар ризици, но и дека треба да бидат едноставни за разбирање. Сите (работниците, работодавачите и државата) треба да плаќаат фиксни придонеси и за тоа да добиваат фиксни бенефиции.

На прв поглед немало причина за загриженост на владата. Системот за придонеси на Бевериџ подразбирал значајно проширување на одговорноста на државата, но и дарежливи придонеси од граѓаните. Тој изложил многу препораки што скромно ги нарекол „претпоставки“. Првите две се однесувале на додаток за секое дете по основањето на државниот здравствен сервис, бесплатен за сите. Двете ставки би биле платени од општите даноци. Останатите се однесувале на новиот начин на водење на економијата во смисла на тоа да се осигура невработеноста да не премине 8,5 отсто.

Своите препораки тој ги нарекол претпоставки бидејќи верувал дека реформираниот систем на државно осигурување не би можел да функционира без нив. Невработеноста би морала да се одржува под 8,5 отсто, за луѓето да може да создадат залихи на придонеси и систем кој не би паднал под тежината на барањата за помош. И навистина, најлесен систем за управување е оној во кој властите со причина можат да претпостават дека има работа за најголем број од луѓето.

На почетокот владата не била воодушевена од овие препораки, за разлика од граѓаните кои купиле шокантни 100.000 копии на Социјалното осигурување и сродните служби во првиот месец од објавувањето на извештајот. Првите три месеци, Винстон Черчил одбивал да го коментира извештајот, за потоа да му даде неодредена поддршка. Меѓутоа, до крајот на 1944, кога победата над Германија била сигурна, со серија официјални извештаи, британската држава се обврзала да го спроведе не само планот на Бевериџ, туку и редица други јавни политики, како новиот систем на средно образование задолжителен до возраст од 15 годин. Патот на општествената преродба бил зацртан.

Државата на благосостојба зачната на крајот на 1940-тите години овозможила сосема нов начин на живот, сè додека политичарите не почнале да ја демонтираат од 1980-тите години до денес. Во третиот квартал на 20-от век постои намера капитализмот да се стави под контрола, особено неговите тенденции за прекини и намалувањето на заработувачката. По историската победа на изборите во 1945 годинина, лабуристите направиле национализација на големи делови од индустријата. Се разбира, по половина век дебати и одлуки, исправно е да се каже дека секоја партија оставила своја трага врз конечниот резултат.

Ова е важно заради повеќе причини. Една од нив е што често се претпоставуваше дека државата на благосостојба е колективистички потфат. Но, дури и индивидуалистите имаат причина да ја поддржат. Времето на социјална демократија придонело за создавање на неколку генерации индивидуалисти, вклучувајќи ги и луѓето од работничката класа што одеднаш се затекнале во времето на олеснета социјална мобилност во 1950-тите, 60-тите и 70-тите години. Гледајќи наназад, сосема е разбирливо што овие генерации понекогаш подлегнуваат на искушението да го гледаат напредокот како резултат само на сопствениот голем труд. Па, сепак, како што покажа социологот Џон Голдтроп, овие генерации го фатија социјалниот и економски бран што настана по усвојувањето на јавните политики по 1945 година. Економскиот пораст ја прошири средната класа креирајќи нови менаџерски работни места во јавниот и во приватниот сектор, што ги пополнија припадниците на работничката класа. Ова создаде „повеќе место на врвот“. Во времето на целосна вработеност, почна да расте сопственоста на недвижности, не само заради тоа што се граделе нови куќи, туку и затоа што банките здраворазумски претпоставувале дека луѓето ќе имаат постојана работа во следните 25 години и ќе бидат во состојба да ги вратат кредитите.

Може ли оваа стратегија да се повтори денес? Одговорот што постојано го добиваме последниве десет или повеќе години, гласи: не може. Дојдовме до точка кога државите на благосостојба ги сметаме само за трошок што треба да се намали, а не дел од економската и социјалната стратегија со цел да се обезбеди сигурност за сите и можност за оние што сакаат повеќе. Идејата дека овие цели веќе не се остварливи е очигледно погрешна. Добар почеток би подразбирал поврзување со либералната идеја, стара повеќе од еден век, а тоа е дека сите имаат право на враќање во случај заедно да ги преземаат ризиците, без оглед дали се работи за поединци кои можат да престанат да се грижат за иднината, за влади, кои во поинакви ситуации би можеле да заштедат од најголемите трошоци, но успеваат само да ги пренасочат, или компаниите кои имаат корист од здрави, школувани работници што работат во сигурно работно опкружување. Успешна економија е онаа во која сите учесници разбираат дека е потребно да даваат, а не само да земаат, за да изградат опкружување во кое и тие и оние што доаѓаат по нив можат да успеат.

Дали се потребни порадикални мерки? Долгорочно гледано – да. Светот е поинаков отколку што бил на почетокот на 20-от век: бизнисите и поединците се однесуваат поинаку, а еволуирале и „претпоставките“ за државното осигурување, како што ги нарекол Бевериџ. Досегашниот тренд е трошоците да се префрлаат на поединците, како што е направено со универзитетските школарини. Но, овој пристап е ограничен, особено кога долгот ќе достигне опасно ниво, приходите стагнираат и, како што покажа економистот Томас Пикети, даноците на богатство растат брзо за оние што имаат среќа да го поседуваат.

Единствен соодветен одговор би бил да се вдахне нов живот во радикалната струја на либерализмот, која на почетокот на 20-от век, правеше разлика помеѓу заработениот и незаработениот приход. Пикети се залага за глобален данок на богатство. Но и некои јавни политики можат да остварат слични цели. Би можеле да ја разгледаме примената на данок на капитална добивка на имот и така да го компензираме значајниот профит од генерациите што имале корист од државата на благосостојба. На пример, тука спаѓаат приходите остварени по основ на поседување куќа, што можеле да ја купат делумно и заради тоа што живееле во држава на благосостојба.

Некои автори предлагаат уште порадикални мерки, како што е основен доход (UBI): загарантирана редовна исплата за секој граѓанин, што би ги одржувала над границата на сиромаштија, дури и ако изберат да не работат. UBI би обезбедил сигурност, но се соочува со редица технички предизвици, како што се разликите во трошоците за живот во различните делови на земјата, заради што е тешко да се договори „универзален“ износ на исплатата. На ова треба да се додадат и жалбите дека UBI од сите нас би направил баратели на бенефиции. Па, сепак, верзии на оваа идеја имаат поддршка во различните делови на политичкиот спектар, од неолибералите како што е Милтон Фридман, до поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис. Според левицата, основниот приход на луѓето би им обезбедил сигурност и достоинство. Според десницата, сигурноста би влијаела луѓето повеќе да прифаќаат привремени работи какви што нудат економиите на привремена работна сила или договорите без работни часови. Поуката од овие разлики и сличности во мислењата е дека решавањето на проблемот на економската несигурност не мора нужно да се прави на сметка на ефикасноста, конкурентоноста или иновациите.

(крај)

 

 

Извор: The Guardian
Слики: Барбара Бернат

Извадок од книгата „Bread for all / Леб за сите“, Allen Lane 2017.