Споредување на јаболка и портокали: акцизата на дизелот во 2012 и во 2017

10.11.2017 11:32
Споредување на јаболка и портокали: акцизата на дизелот во 2012 и во 2017

Христијан Делев, поранешен заменик-министер за економија и актуелен член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција на партијата ја даде следнава изјава, која ја сметаме за спин:

Прво, на 27 август 2012-та година на прес конференција Социјалдемократскиот сојуз побара од владата на ВМРО-ДПМНЕ да се намали акцизата на горивата. Цитирам: „бараме владата итно да ја преполови акцизата за нафтени деривати со што ќе се поевтинат бензините за 10 до 12 денари“. Денес, ноември 2017-та година, кога Социјадемократскиот сојуз ја има апсолутната власт во државата, најавува дека наместо намалување, граѓаните ќе плаќаат фиксно скоро 4 денари повисока цена на нафта по литар.

[Извор: Курир, датум: 04.11.2017]

Оваа изјава се повикува на стар извор од пред повеќе од 5 години, а сè со цел да се направи спин, односно манипулација преку која политичкиот противник ќе се претстави како непринципиелен зашто за иста работа има еден став кога е во опозиција, а сосема спротивен кога е на власт. Ваквиот начин на поставување на работите и овој вид на аргументација е сосема легитимен во демократската политичка битка меѓу опозицијата и власта. Но, само кога има смисла и кога се споредуваат јаболка со јаболка, а не јаболка со портокали. Каков што е случајот овде.

Како прво, соопштението на кое се повикува Делев, како што се гледа, се однесува на август 2012 година, значи на повеќе од пред 5 години. Ова е многу важно зашто оттогаш се сменија многу работи, од кои најважни се две. И тоа не само најважни, туку се од суштинско значење. И кога тие ќе се вклопат во вкупната слика, јасно се гледа дека не можат да се прават споредби со состојбите оттогаш и денеска.

Како прво, СДСМ во тој период имаше друго раководство и друг претседател. Дури и луѓето кои раководеа со економските политики во партијата беа други. Како што е познато, Зоран Заев стана претседател на СДСМ на конгресот на партијата кој се одржа на почетокот на јуни 2013 година, откако претходниот претседател Бранко Црвенковски се откажа од партиската претседателска функција. Заедно со тоа се сменија и сите раководни органи на партијата. Точно е дека станува збор за истата партија, но ново раководство има право после 4 години да смени став во однос на висината на акцизата за една единствена акцизна стока и тоа да не мора да се сфати како дволичност само зашто претходното раководство имало поинаков став.

Но, дури и ова да не е доволно за да се прогласи споредбата на Делев и ВМРО-ДПМНЕ за несоодветна и за спин, има уште еден друг аргумент, кој јасно покажува зошто ставот од 2012 година не може да се споредува со овој денеска. И за тоа причината не е дволичноста на СДСМ, ниту пак, кадровскиот состав на раководството, туку проблемот е на сосема друго место. Имено, цените на суровата нафта, а последично на тоа цените на дизелот (и рафинериските и малопродажните) од 2012 година немаат никаква врска со овие денеска. Овие цени денеска се далеку пониски и поевтини споредено со 2012 година. Тогаш, просечната цена на суровата нафта за цела 2012 година (стр. 75-90) изнесуваше дури 111,5 САД долари за барел, рафинериските цени на дизелот изнесуваа 44,6, а малопродажните дури 71,9 денари за литар. Токму ваквите високи цени на овој енергенс беа причината за ставот на СДСМ со кој се побара намалување на акцизата за 10 до 12 денари таа година. Значи, поводот за таквиот повик беше Владата да се однесува одговорно и во ситуација на високи цени на овој енергенс да им ја олесни положбата на граѓаните на тој начин што ќе влијае тие цени донекаде да се намалат со тоа што самата таа, барем привремено, ќе ја намали акцизата. На тој начин би ѝ се помогнало и на економијата во земјата зашто би станала поконкрентна. Од друга страна, пак, погледнете ги истите цени денеска. Според податоците од последното соопштение на Регулаторната комисија за енергетика од 30 октомври годинава, светските цени на суровата нафта изнесуваат само 58,05 долари за барел, значи речиси двојно помалку од просечната цена во 2012 година, додека, пак, рафинериските и малопродажните цени на дизел горивото изнесуваат 27,56 и 52 денари за литар респективно. Во ваква ситуација, зголемување на акцизата од само 3-4 денари има сосема друго значење и сосема друг контекст. Вака кога ќе се постават работите и кога ќе се земат предвид ниските цени на овие енергенси на светските пазари и во земјава, тогаш одлуката оваа давачка да биде зголемена добива сосема друго значење. И, се разбира, никаде не е кажано дека оваа мерка не може да се укине ако светските цени на суровата нафта повторно не се качат и ако дизелот повторно стане скап. Само што, за среќа, барем засега, такво нешто не е на повидок.

Во секој случај, сметаме дека изјавата на Христијан Делев каде што ја обвинува власта за недоследност преку несоодветна споредба без да ги земе предвид сите факти, претставува типична манипулација, односно спин. Едноставно, не може да се споредува ставот на една политичка партија за намалување на акцизата кога дизелот е прескап и кога на потрошувачите им е потребна поддршка од нивната Влада за да се справат со таквите високи цени и постапката за извесно зголемување на акцизата пет години подоцна, заради неопходната и итна потреба од крпење на буџетските дупки, кога цената на истото гориво е далеку пониска.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Jon Neidert