Година и пол за криминалец и пол

10.11.2017 10:42
Година и пол за криминалец и пол

Специјалното јавно обвинителство вчера ја доби првата пресуда и, со право, 8 ноември може да биде прогласен за празник, или барем за ден (специјален) на македонското правосудство. Уште повеќе што истиот ден и Кривичниот суд доби нов претседател, кој вети дека судот (од денеска натаму) ќе биде гарант за правда и правичност! А да не зборуваме дека истовремено Апелацискиот суд одлучи „бомбите“, односно прислушуваните разговори за купувањето на луксузниот мерцедес од 600.000 илјади евра да бидат дел од доказниот материјал во судењето за случајот „Тенк“.

Но, сите овие докази за сериозен упад во „тврдината“ на урнатиот режим на Груевски и на Фамилијата и за сторени серија правични дела во обидот за обнова и изградбата на згазеното сваровски судство не беа доволни за некоја видлива еуфорија. Информацијата дека Кривичниот суд во Скопје го осуди на казна затвор од една година и шест месеци поранешниот началник на УБК, Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Грција, а шест негови колешки од УБК добија условни казни, беше примена како жална вест! Како СЈО да го изгубила случајот. Џабе обвинителката Ленче Ристоска е задоволна што „барем за овој случај правдата излезе на виделина“. Од ваква правда како да им се стемни на сите кои очекуваа, во најмала рака, Грујевски да биде помилуван на доживотна робија. Споредувајќи ја неговата со казните за украден ајвар, ќебапи и слични кривични дела.

Но, нема казна од која ќе бидат „сите“ задоволни. Важно е да се знае дека е направен првиот чекор на овој најдолг пат. Дека, кога Ристоска вели „очекуваме ваквиот тренд да продолжи и во другите случаи за кои СЈО има поднесено обвиненија“ не очекува купувачот на мерцедесот да биде казнет (условно) за погрешно паркирање.

Извор: Слободен печат
Слика: Били Даркарт