1019 hPa
65 %

5 °C
Скопје - Вто, 18.03.2025 04:59
Ќе умрам во Париз додека истура дожд,
во еден ден на кој веќе се сеќавам.
Ќе умрам во Париз, и од тоа не бегам,
можеби во еден есенски четврток, како денес.
Четврток ќе биде, оти денес, во четврток,
додека стиховиве ги пишувам, коските ми стануваат
кршливи и, никогаш како денес,
на целиот свој пат, толку сам не сум бил.
Сесар Ваљехо умре, сите редум го тепаа
иако ништо не им направил;
жестоко го маваа со стапот, жестоко
го камшикуваа; сведоци на тоа се
сите четвртоци и коските кршливи,
самотијата, дождот, патиштата...
*Со ваквото редење камења припадниците на некои староседечки заедници, но не само тие, во Перу ги одбележуваат гробните места. (прев.)
Превод: П. В.
Сесар Ваљехо (César Abraham Vallejo Mendoza, 1893‒1938) ‒ Перуанец, латиноамерикански поет и писател со индијанско потекло. Пишувал проза, поезија, драми, есеи, а важна е и неговата новинарска работа (хроники и статии). Работел и како наставник. Од политички причини млад ја напуштил својата земја и продолжил да живее во изгнанство, најчесто во Париз, иако патувал во СССР, Шпанија итн. Измачен од немаштија и талкање умрел во некоја болница во Париз.
Неговиот несреќен живот е основниот тон на неговата поезија, која е сува и огнена, полна со опсесии и глад по животот. Во нејзе се мешаат меланхоличните враќања кон родниот крај и детството, со гневот на избркан и понижен човек, болната радост со дивиот лелек, нежноста и ужасот. „Таа душевна растрганост на неговата поезија ѝ дала исто толку растргано и немирно јазично ткиво. Оригинален, храбар, дрзок, градеше стихови од луди слики и сакати ритмови. Грубите, физички страдања ги искажуваше со груби зборови од секојдневниот живот.“ (Никола Миличевиќ) Бил убеден марксист и левичар.
Поважни збирки: „Црни гласници“, 1918; „Човечки песни“, 1939; „Шпанијо, овој горчлив путир нека ме заобиколи“, 1939.