Правилото на Ана Каренина

12.11.2017 23:44
Правилото на Ана Каренина

„Правилото на Ана Каренина“ е доста важно за комуницирањето на социјалните мрежи и во денешниве односи со јавност. Со ова правило започнува „Ана Каренина“ од Лав Толстој: „Сите среќни семејства се слични едни на други, додека секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“.

Со други зборови, за да биде среќно едно семејство тоа мора да ги исполни сите критериуми за среќа кои се подразбираат или бараат. Ако еден од условите не е исполнет, тоа води кон несреќност, односно формулата за среќа е една, додека комбинациите за несреќа се многу побројни.

Ова правило важи во секојдневниот живот: ако трчаш по работи и обврски цел ден, па завршиш 99, а утнеш една, нема да ти кажат фала за 99-те кои си ги завршил, туку ќе ти се закачат за онаа една која не си ја завршил. Како што важи за мрчење дома, така правилото на Каренина важи и тоа „појачано“ и на социјалните мрежи: ако од 10 работи пред јавноста утнете една, таа едната ќе стане вест, па прес конференција, па жешка тема на социјалните мрежи, па телевизиска дебата и така натаму. Во пиар смисла ова треба да се прифати како неизбежност - критиките од овој тип треба да се прифаќаат конструктивно, да се признае грешката, да се обврзе и да се работи на поправање на грешката, колку таа и да може да биде мала или неважна. Особено да не се возвраќа со контра-мрчење и впуштање во маѓепсан круг на обвинувања кој колку е идиот.

Покрај „Правилото Ана Каренина“, за доминантното негативно коментирање и мрчење онлајн влијае нашиот мозок кој е програмиран да ги врежува во свеста негативните примери и искуства. Ако од 100 испиени чаши варено млеко, си се изгорел на една, во сеќавање најцврсто ќе ти остане онаа кога си се изгорел. Мозокот така функционира за да нè заштити од евентуални опасности и повторување на грешки и повреди. Врз експлоатирање на овој одбранбен механизам на мозокот функционираат и вестите: не е вест дека илјадници и илјадници бродови впловиле во пристаниште тој и тој ден, туку вест ќе биде ако некој од нив потоне. Медиумите ја користат одбрабената логика на мозокот кој веднаш нè алармира за можна опасност и не принудува да осмислуваме начини како да се заштитиме од таа опасност. Медиумите и понатаму ретко ќе објавуваат добри вести, ќе трчаат по негативните, тоа нема да се смени, но наше е да сфатиме дека вестите се само едно парче од реалноста, а дека вистинскиот живот е многу повеќе од она што го гледаш на вести (кои најчесто подобро и да не ги гледаш).

И на крај да не ги потцениме и оние најбаналните причини за негативното мрчење по интернет: потребата од издувен вентил за насобрани негативни емоции. А негативното коментирање најмногу му штети на оној кој негативно коментира (да, има научни истражувања со кое ова се потврдува :)) Не случајно се вели, да мрчиш и да мразиш е како да пиеш отров, а да очекуваш тој другиот да цркне.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Biancoshock